Општество
Рембер: « Водно роуд »
Емануел Рембер
Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје www.ifs.mk
Градот Скопје се простира во долина. Во него автомобилите се движат правејќи голема бучава. Асфалтираните патишта нè тераат да вдишуваме CО2. Планината Водно што ја познавате подобро од мене е темнозелена. Ги има боите на Божиќ, еден вечен Божиќ. Доволно е да се погледне нагоре, кон катедралата од патишта и светлина. Секој час поминат таму горе, над сè, ветрот и каменот се благослов, миг откорнат од градот.
По три години поминати во Северна Македонија, сè подобро ја запознавам оваа планина, секоја нејзина патека, секоја грмушка. Всушност, повеќе го сакаме она што добро го познаваме. Фицџералд тоа го кажува на свој начин, на почетокот од Гетсби: „На крајот на краиштата, за да го набљудувате животот од најдобриот агол, подобро е да останете на истиот прозорец“. Значи, не сум згрешил избирајќи стан свртен кон Водно во кој ги собирам сите доживувања што ги нуди една планина. Има ехо.
Неделите од животот
Во моментот кога ја пишувам оваа колумна, го слушам „Аби роуд“ од Битлси. Најпродаваниот албум во Обединетото Кралство во 1969 година. Битлси се распаднаа, ама Водно е сè уште овде. Кога неделните денови би траеле со месеци, сите ние би се сретнале на Водно. Пешачењата на Водно се неделите од животот, ослободени од потта, олеснети од товарот на седмицата.
Во срцата опиени од сликарство или од поезија, како во познатото пешачење на Водно кое може да заврши на езерото Матка, се расплинува апсолутна празнина. Таа ја поттикнува и ја одржува вербата во виталноста, но во некој друг момент може да ја има тагата на една хиена. Никаква обврска не го ограничува хоризонтот, планинарите од Водно се родени во еден вечен неделен ден. Понекогаш си велам дека оној кој не пешачи испушта скриен плач или, пак, си ги грицка ноктите во дневната соба. Нокти долги со километри.
Пешачењето ни овозможува повторна средба со годишните времиња, мугрите, самракот, пријателството на билките и на птиците. „Движење, безделничење, застанување по желба, слушање, чекање, набљудување“, вака Жак Лакариер го опишува пешачењето во својата книга „Одејќи“. Мало ранче на грбот, стап во раката, секое утро кон 5 часот гледам еден сосед, 90-годишник, како тргнува нагоре кон Водно. Тој е многу повеќе од обичен пешак. Секој ден сè повеќе му се воодушевувам. Но, пишувањето за неговото одење ми се чини бесмислено. Сепак, кога го гледам, помислувам на Русо, на Флобер, на Стивенсон, на Торо, на Сегален, на Рембо, едни од многуте. Тие никогаш не ни зборувале за своите нозе, ами за внатрешниот òд, за својот ментален хоризонт.
Стапалата што ги носиме
Откако ги кажавме овие баналности, да се вратиме на старецот кој секој божји ден се качува на Водно. Со дебели очила на носот, тој времето го претвора во пат. Си ја нашол својата мелодија: „Водно роуд“. Размислува за времето на музичарите, не за она на книгите. Гледам дека е отворен кон сето она што го опкружува, подвиткан во телото. Тој е трска низ која минува ветрот.
Кон 10 или 11 часот наутро, се враќа назад. Со чудење му ги гледам стапалата. Со нив, си велам, старецов пешачел цели 5 часа. Нашите стапала кои нè носат и што ги носиме.
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)