Општество
Азески: Догмите го кочат опоравувањето на населението
Дејан Азески
историчар, новинар и публицист
Просто неверојатно изгледа религиозните заедници стотици години по големата чума да ги повторуваат истите грешки кои ги практикувале во средновековието. Крајно време е црквата и џамијата да застанат рамо до рамо со медицината и да го помогнат процесот на спасување што повеќе животи на нивните верници. Но, за тоа да се направи и самите свештеници ќе мора да почнат да веруваат дека околу нас не бдее измислен, туку реален и многу смртонесен вирус кои тие имаат потполна слобода да го нарекуваат дело на сатаната.
Кога се зборува за голема епидемија или пандемија веднаш мислата ни оди кон големата чума или црната смрт од средниот век. Тоа е еден навистина мрачен период во кој животот го загубиле добра третина од населението во тогашна Европа. Она што е општо познато е дека чумата ја донеле стаорците кои ги имало во голем број во европските пристаништа, но она што помалку се знае или се форсира во историјата е дека чумата најмногу се ширела поради нехигиена. Од денешна перспектива, просто е невозможно да се долови сликата колку тогашна Европа била гнасна и колку нехигиената била застапена дури и на дворовите на големите кралеви. Познат е францускиот принцип на прскање со големи количини на парфеми за да се покрие смрдеата од повеќенеделно, а некогаш и повеќемесечно некапење. Ова зборува за луѓе кои живееле на дворот на кралот или во еден од многуте замоци кои постоеле на континентот. Уште полоша била состојбата кај сиромашното население по селата и градовите, а веројатно најлоша била состојбата меѓу црковните лица кои имале големо значење во тој период од Европа. Црквата со своите догми и празноверија кои го достигнале својот климакс токму во средновековието била озбилен фактор кој придонесол за ширење на пандемијата. Еве и како.
ЗОШТО ЦРКВАТА ВЕЧНО Ѝ СПОРИ НА НАУКАТА?
Во ватиканските архиви, кои се едни од најголемите и најзначајните во светот, има оригинални списи од пишувањата на Аристотел и на Архимед, медицинска историја на неколку милиони страници и архива на природните науки каква што нема веројатно ниеден медицински факултет. Но, без разлика на сето тоа, црквата од секогаш со резерва гледала на научниот прогрес кој во некои периоди од нејзината историја го сметала и за директен удар кон учењето христово.
Па така, во средниот век црковниот клер не ни сакал да чуе за можноста и идејата луѓето да се причестуваат од различни чаши и лажичиња, туку исклучиво само од едно. Тогашните свештеници и повисоки црковни великодостојници не сакале да вршат проповеди на отворено, туку само во внатрешноста на преполните цркви и катедрали. Исповедта морала да се врши во исклучително тесен простор и во непосредна близина меѓу свештеникот и неговото духовно чедо. Сето ова и низа други примери придонеле за распламтување на оваа болест токму на светите места каде што се тврдело дека верниците би требало да се најбезбедни. Дури има и запишани раскази во кои се тврди дека верниците од чумата се обидувале да побегнат во најблиската црква зашто се верувало дека болеста не може да го помине црковниот праг. Всушност, тие само се збиле едни до други во мал затворен простор и придонеле за експлозија на заразата.
Како што памети историјата или современиците кои ја пишувале, биле потребни милиони жртви низ Европа за црковното раководство конечно да сфати дека ако не се направат некакви брзи и радикални промени и драстично отстапување од дотогашните догми − воопшто нема да преостанат верници да му се молат на Бога. Па така, на крајот на чумата дури и самиот Ватикан или неговите челници сфатиле дека мора јавно или потајно да ги повикаат своите верници да почитуваат одредени хигиенски правила.
Тоа бил еден од пресудните моменти за Европа да се спаси од чумата.
ШТО Е ОНА ШТО ТРЕБА ДА ГО ИЗВЛЕЧЕМЕ КАКО ПОУКА ОД СРЕДНОВЕКОВИЕТО?
И не е толку чудно и страшно што овие работи се случувале во мрачното средновековие кога свеста на луѓето и образованоста биле на многу пониско ниво. Но, кога гледаме дека во услови на една современа чума со исти или поголеми размери од таа средновековната − црквата и други „ограничени“ делови од нашето општество повторно се однесуваат на истиот ретрограден начин − навистина може да се запрашаме дали некои луѓе од нашето опкружување не се со размислувањата останати токму во средниот век.
Овој текст ќе биде објавен непосредно пред прославата на христијански Велигден и муслимански Бајрам, два настани кои минатата година предизвикаа многу контроверзии поврзани со кршење на карантинските мерки и директно загрозување на здравјето на граѓаните. Проценките говорат дека и оваа година не нè очекува ништо подобро. Повторно ќе бидат полни и црквите и џамиите и повторно луѓето ќе се посетуваат и ќе се честат со храна, а нормално и со честички од вирусот кои несебично ќе ги споделат со своите најблиски.
Веројатно на овој текст ќе има и реакции, па затоа би сакал да направам разлика меѓу она што црквата јавно го пропагира (затоа што мора) и она што нејзините свештеници го зборуваат меѓу верниците. Иако нивниот број се намалува меѓу црковните луѓе, сè уште доминираат оние кои тврдат дека вирусот е замислен и безопасен, а дека божјите храмови се безбедни од неговото ширење.
Ова јасно укажува на фактот дека ние не само што не сме ги научиле лекциите од средновековието стари 800 и повеќе години, туку меѓу нас и сè уште има такви кои со својата матрица на размислување на напреднале ниту еден ден понапред од темниот и свиреп среден век кога научниците се наденувале на колци и се палеле на клада.
Економија и бизнис, пчатено издание, април 2021г.