Општество

Многу сонце и добра земја

Лидија Георгиева

Авторот е дизајнер, редовен професор

Неограничен раст на производството, потрошувачка на производи кои ни се потребни, но и не баш толку, неконтролирано уништување на природните ресурси − како последица на начинот на размислување кој го наследивме од минатиот век, глобалното затоплување е дел од проблемите кои денес им ги оставаме на идните генерации.
Освен разорните последици врз природата, а со тоа и врз човековото здравје, веќе се афектирани повеќе сегменти − земјоделието, туризмот, а во иднина ќе страда и безбедноста на нашите домови. Според податоците кои се познати моментално и врз основа на предвидените мерки, доколку односот сериозно не се смени, делови од Балканот може да станат налик на пустина во следните 50 години.
Парискиот договор КОП 21 (COP 21) е правнообврзувачки меѓународен договор за климатски промени. Тој беше усвоен во декември 2015 година во Париз, a стапи на сила во ноември 2016 година. Со цел да се ограничи порастот на глобалното затоплување под 2 0C, сите земји потписнички на договорот се обврзани да работат на ова. Конкретно за нас тоа подразбира дека согорувањето на фосилни горива, на лигнит, на јаглен, на нафта, на гас, треба постепено да се напушти и да се премине кон декарбонизиран систем на обновливи извори како ветер, сонце, хидроенергија итн.
За да се оствари преминот кон обновливи енергетски извори потребни се работа и пари, но од непроценлива важност е можноста да се постигне стабилен и еколошки енергетски систем. Всушност, државата секако нема избор – резервите на јаглен секојдневно се намалуваат. Затоа е важно да се постави цел и краен датум за напуштање на употребата на јаглен, а за да започне процесот неопходна е политичка волја.
Организацијата „Еко свест“ постои веќе 18 години и сега е сериозна организација која спаѓа во најактивните на ова поле кај нас.



Со приближувањето до ЕУ ќе мора да се затвори и проблемот со РЕК Битола


Елена Николовска, односи со јавност во „Еко свест“

Секоја држава има свој удел во вкупната емисија на стакленички гасови кои се моментално во атмосферата и мора да направиме нешто за да се обидеме да ги намалиме. Со најновите национални придонеси кон климатски промени, ние ветивме дека до 2030 година ќе се обидеме да ги намалиме за 51 %. Се движиме во добра насока, но сега е потребна повисока комуникација меѓу институциите, едукација на населението и интегрирање на мерките за климатски промени во сите национални и локални политики.
Ние како граѓани ја имаме обврската да ги разбудиме носителите на одлуки. Тоа не се однесува само на регионите со јаглен кои треба да остварат енергетска транзиција во наредните триесет години, туку и на регионите кои се ранливи на климатските промени. Југозападниот регион кој живее од туризам во иднина можеби ќе треба да се пренасочи кон други поодржливи, алтернативни форми на туризмот како гастрономија, рурален туризам итн.
Со приближувањето до ЕУ ќе мора да се затвори и проблемот со РЕК Битола. Оваа стара централа не ги исполнува строгите европски еколошки критериуми. Но, се поставува прашањето колку е исплатливо да се инвестира во нова технологија ако знаеме дека резервите на јаглен се ограничени.



Прашањето е што ќе направиме за енергетската транзиција да биде прифатлива за граѓаните


Невена Смилевска, програмски координатор во „Еко свест“

Ако не му кажеме збогум на јагленот, тоа ќе значи дека треба да инвестираме нешто повеќе од 100 милиони евра во дисулхлоризатор во РЕК „Битола“, па еве, да речеме дека ќе се доведе во согласност со законодавството на ЕУ. Но, кога ќе се обнови термоелектраната, после тоа ќе треба да работи најмалку 20 години, а нема јаглен за толку. Ќе треба да се отвори нов рудник, или ако не се отвори, ќе треба да се увезе јаглен. Која е исплатливоста? Словенците направија таква грешка со термоелектраната „Шоштан шест“ за која земаа заем кој тешко се враќа, па мораа да се усогласат со правилата на ЕУ и сега им е екстремно неисплатлива за работа, а мора да работи затоа што така испланирале.
Јаглен има за уште максимум неколку декади, дури и помалку, па евидентно е дека ако сакаме да имаме енергија едноставно мора да го напуштиме јагленот. Со новата енергетска стратегија, која се донесе кон крајот на минатата година, значително се придвижија тековите во насока на декарбонизација. Тоа значи дека енергијата што ја трошиме ќе се произведува од извори кои не се толку зависни од јаглен, односно ги напуштаме термоелектраните на јаглен и значително повеќе ќе ги користиме обновливите извори на енергија. За жал, се дава многу фокус на хидроенергијата, меѓутоа се дава фокус и на ветерната и сончевата енергија. Она што ние би сакале максимално да се промовира е сончевата енергија за користење во домаќинствата.
Енергетската транзиција ќе се случи сама по себе. Прашањето е што ќе направиме за енергетската транзиција да биде прифатлива за граѓаните. РЕК „Битола“ во некој момент кога ќе снема јаглен ќе се затвори. Како и секој индустриски капацитет, има одреден рок на траење. Прашањето е како ќе се подготват граѓаните и регионот во кој функционира тој капацитет. Тој не ги поддржува само своите вработени, туку и оние кај што тие купуваат, ги поддржува учителите кои ги учат нивните деца, широк е кругот што се создава за еден капацитет. Како ќе се моделира тоа менување е прашање што треба да го решат донесувачите на одлуки. Ако оставите донесувачите на одлуки самите тоа да го решаваат, најчесто се користи принципот од горе надолу, некој одлучил наместо да ги праша граѓаните што сакаат тие. Секогаш најдобриот принцип е да ги прашате луѓето која е нивната потреба за да се види како може да се обезбеди. Потоа може да се започне со планирање на праведната транзиција на регионот. Тоа не мора да биде секогаш само за енергетски капацитет, туку и за кој било друг капацитет. Сведоци сме дека едно чудо капацитети се затворија во Македонија во изминативе 30-тина години, но ништо од тоа не беше праведна транзиција токму поради тој пристап од горе надолу. Ако одиме со пристап од долу нагоре, можеби ќе имаме подобри резултати.
Препорака за здруженијата би била, иако борбата за финансии кај здруженијата е екстремно тешка, да не се предаваат и ние се соочуваме со тоа секојдневно и покрај тоа што постоиме 18 години. Меѓутоа, она што локалните здруженија го имаат, а ние го немаме е потребниот пристап до информации, па затоа нашето здружување како сектор е клучно. Од една страна, ние можеме ним да им помогнеме, од друга страна, тие нам да ни помогнат. Соработката меѓу здруженијата е многу корисна затоа што така сме посилни пред донесувачите на одлуки и навистина ги застапуваме оние кои се наши конституенти – граѓаните. Ако ги прашате граѓаните што сакаат и тоа го претставите пред донесувачите на одлуки, секој ќе ве слушне. Енергетската стратегија поддржува некоја индустријализација што е предвидена со одредена стапка во планирањето на овој документ. Меѓутоа, прашањето е дали тоа е вистинската насока за нашава земја, дали можеби не е подобро да се движиме во насока на поголемо промовирање на земјоделието, промовирање на локалното производство наместо индустријата. Ние сме мала земја, мал пазар, за повеќето големи играчи не сме интересни. Ако сакаме некако да се држиме, самите меѓу себе треба да си го зајакнеме она што ни е локално и достапно, а тоа е многу сонце и добра земја. Јас навистина не гледам зошто не би требало да се насочиме кон земјоделие.


 

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано