Општество

Да се умре одејќи

Сузана Камберова

Авторот е доктор по медицина

Една од најдобрите вистински херојски стории на XX век е приказната за уругвајскиот рагби тим чиј авион ќе се урне високо на Андите, на пат за Чиле каде што требало да одиграат натпревар.

Петок е, 13 октомври 1972 година. Четириесет и петте патници во авионот 571 на уругвајските воздухопловни сили, играчите, нивните пријатели и членовите на нивните семејства, се безгрижни и добро расположени. Ништо не навестува дека им се приближува несреќа. Наеднаш, токму кога прелетуваат над високите и непристапни врвови на Андите, нешто ќе се случи со авионот и тој се руши во планината. Падот ќе го преживеат дваесет и осум патници. Некои брзо ќе им подлагнат на повредите, а нешто подоцна снежна лавина ќе однесе уште осуммина од преостанатите. Иако на почеток ќе ги бараат бројни спасувачки екипи, потрагата, како безуспешна, ќе биде прекината кога ќе се поверува дека веќе нема надеж да бидат живи.
Приказната за нивното преживување без храна, вода и засолниште цели 72 дена на надморска висина од преку 3 500 метри е фасцинантна исто колку што е и неверојатна и заслужува повторно да биде раскажана.

Долгата агонија ќе заврши среќно само за шеснаесетмина од нив со акција за спасување со хеликоптери откако двајца од тимот, Нандо Парадо и Роберто, студент на медицина, ќе решат да ги преминат Андите одејќи пеш, без никаква зимска опрема и со минимални изгледи за успех, и ќе стасаат до првите населени места во подножјето на планините и така ќе донесат помош. Во текот на десетина дена, тие ќе препешачат цели шеесетина километри по крајно непристапен терен и речиси полумртви ќе стигнат до целта.

Нандо Парадо денес е бизнисмен и познат мотивациски говорник со светска кариера. Интересно, во она време тој бил невпечатлив лик кој не се истакнувал со лидерски способности. Обично, симпатично момче, кое воопшто не отскокнувало од околината. Според неговите сопствени зборови, живеел лагоден и безгрижен живот, без многу да размислува за иднината, најчесто следејќи го патот кој го врвеле другите, без сопствена иницијатива. Дури и факултетот го одбрал само затоа што на него се запишале и неговите пријатели. Во својата автобиографија Нандо ќе напише:
„Го минав летото играјќи рагби, бркајќи девојки и возејќи се со мојот мал рено по плажите на Пунта дел Есте. Посетував забави и лежев на сонцето. Живеев за моментот, оставајќи да ме носи струјата, чекајќи ја сопствената иднина да се покаже самата, секогаш среќен ако можам да им допуштам на другите да водат напред.“

И ете, судбината навистина ќе се покаже, но не онака како што очекувал. На Нандо ќе му донесе целосна животна пресвртница. Неговата мајка и сестра се во авионот и нема да го преживеат падот. И самиот тој е повреден. Со денови мирува, пасивен и без реакција, обземен од личната трагедија. Но, потоа работите ненадејно ќе се променат.

Во вонредни услови, овој нетипичен јунак ќе се трансформира во вистински водач кој ќе ја преземе судбината, своја и на групата, во сопствени раце и ќе се обиде да ги сврти во нивна корист шансите за спас. Исходот од таа негова нерамноправна борба со природата и околностите ќе ги спаси сите.

Од целата негова приказна, најголем впечаток остава она што ќе го каже непосредно по искачувањето на високиот врв над местото на несреќата, кога тој и Роберто ќе здогледаат пред себе уште бескрајно многу други планински сртови и глечери кои се протегаат во недоглед, а кои тие ќе мораат да ги преминат. Соочен со таква крајно неповолна ситуација, Нандо вели:
„Да, ние најверојатно ќе умреме, но барем ќе го сториме тоа одејќи.“
И така ќе тргнат храбро во пресрет на смртта. Одважни и решени.

***

Најголем подарок во животот е можноста „да се умре одејќи“. Во борба до крај, а не пасивно, предаден и немоќен. Тоа е крајната милост која овој суров свет може да му ја даде на човека.
Нандо ќе успее, ќе ја победи судбината. Нема да замрзне во снегoт и ледот на некоја пуста висорамнина на Андите чекајќи спас од други, кој никако не доаѓа. Тој избира да оди, па ако и умре притоа да биде тоа во обид да се спротивстави на неминовното, на безнадежното. Капитенот на тимот, лидерот и најсилниот меѓу нив, ќе загине во лавината. Слабиот во тој миг ќе стане силен, а силниот слаб. Зашто животот е таков. Полн со изненадувања. Никој не знае што сè носи во себе.
Секој може да успее. Не постојат родени губитници. Сè што треба да се стори кога животот ќе нè донесе во безизлез е да се стане и да се обиде „да се умре одејќи“. Оној кој ќе го направи тој избор е вистинскиот јунак, во него е силата, а таа одлука го разликува од сите останати.

Ниедна битка не е однапред изгубена. Ниедна судбина однапред заклучена. Секој човек може, во одредени услови, да биде херој. Или пак плашливец. Изборот го прави секој сам. Никогаш не треба да се предаде и да се подлегне на малодушност.
Според оваа вистинска приказна, британскиот писател Пирс Пол Рид ќе ја напише во 1974 година книгата „Живи: приказна за преживеаните на Андите“. Подоцна, во 1993 година, по неа ќе биде снимен и филм, „Живи“ (Alive), со Итан Хоук во улогата на Нандо Парадо.


(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано