Општество

Кадиевска Војновиќ: Дали македонското општество е подготвено за „новото“ дигитално време?

Маја Кадиевска Војновиќ

Авторот е поранешен вицегувернер на НБРСМ

Дигитализацијата разбрана како примена на дигиталните технологии во секојдневното живеење во светски рамки беше тренд пред ковид-19 кризата, но доби интензитет во текот на истата таа криза. Пандемиската 2020 година се нарекува game changer или година која го смени текот на настаните. Примената на дигиталните технологии го одржа работниот процес во некои индустрии, придонесе за одржување на потрошувачката, финансиските текови и образовниот процес. Додека тековните дискусии на светско ниво се насочуваат на прашањата: дали примената на вештачката интелигенција и машинското учење ќе ги замени процесите и луѓето во компаниите?; дали демографскиот шок од стареење на населението во некои развиени земји ќе се надомести со роботи?; дали финтек индустријата ќе има континуиран раст и какви ќе бидат импликациите од воведувањето на националните дигитални валути од највлијателните централни банки во светот? – за нас е битно: каква е состојбата во Македонија?; дали дигитализацијата се забраза со пандемиската криза?; дали како општество сме подготвени за новото дигитално време?
За да знаеме до кој степен сме спремни за „новото“ време, потребно е да ја погледнеме статистиката за пристапот и користењето на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) од страна на домаќинствата, на поединците и на компаниите. Треба да знаеме какви дигитални вештини поседува нашето население и каква е опременоста на компаниите со ИКТ. Исто така, за да имаме претстава до кој степен е спремно за дигитализација нашево општество, треба да се споредиме со земјите од Европската Унија (ЕУ) и светот. За да спроведеме структурни реформи во некои области, потребно е прво да имаме претстава за тоа каква беше состојбата пред кризата со ковид-19, што смени кризата и каде треба да дејствуваме како општество.

Каква беше состојбата пред кризата со ковид-19?
Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум во 2019 година ја рангира Македонија на 70-тото место во светот од 141 земја во третиот столб кој се однесува на прифаќање на ИКТ. Дигиталните вештини на активната популација во Македонија се оценети со 3,8 од скала од 1 до 7, што е најниска оцена во регионот и пошироко (пр. САД 5,3; Германија 5,0 и Кина 4,7) и нѐ позиционира на 106. место во светот. Од друга страна, според податоците за дигитална писменост од Евростат заклучно со 2019 година, само 32 % од работоспособното население во Македонија има основни или над основните дигитални вештини, додека просекот во ЕУ е 56 %. Понизок процент на дигитални вештини има само населението во: Косово, БиХ, Бугарија и Романија.
Опременоста на домаќинствата во Македонија со компјутери е релативно ниска, а значаен процент на домаќинства сѐ уште немаат пристап до интернет. Процентот на домаќинствата кои имаат пристап до компјутер е 67 % наспроти просекот на европските земји кој е 83 %. Исто така 20 % од домаќинствата сѐ уште немаат пристап до интернет од дома наспроти 10 % што е европскиот просек. Сепак, пристапноста до интернет се зголемуваше со текот на годините поради мобилната широкопојасна мрежа и користењето на мобилните телефони. Голем дел од популацијата во Македонија поседува мобилни телефони (1 833 689 лица или 88,3 на 100 лица).
Користењето на интернет имаше интензивен раст повеќе од една декада во рамките на сите старосни групи во нашава земја. Околу 81 % од населението на возраст од 15 до 74 години користи интернет, што не се далеку од европскиот просек (86 %). Статистиката покажува дека младите, вработените и лицата со високо образование поактивно користат интернет. Сепак, користењето на интернет е најмногу за комуникација, учество на социјални мрежи и информирање. Користењето на дигиталните уреди и интернетот за извршување на финансиски трансакции, за потрошувачка, за услуги од јавниот сектор, вклучително и здравствени услуги, за образование, беше ниско пред кризата со ковид-19.


Интересен е податокот што пред кризата релативно висок процент од домашното население (41 %) се информирало преку интернет за здравјето, но сепак низок процент користело здравствени услуги преку интернет. Поразително низок процент или само 15 % користеле интернет-банкарство, додека европскиот просек е 55 %. За разлика од нас, 91% од работоспособната популација во Норвешка, Исланд, Данска, Холандија и Финска користат интернет-банкарство и во речиси ист процент користат е-услуги од јавен сектор. Во Македонија, само 25 % од населението користи интернет за интеракција со јавната власт/јавен сервис (просекот во ЕУ е 53 %). Според податоците од 2019 година, 29 % од населението барало информации за едукација, за тренинг и за онлајн курсеви (што е на европскиот просек) и 6 % имале онлајн курсеви што е блиску до европскиот просек (8 %).
Во однос на е-трговијата, поголем дел од населението (56 %) никогаш не нарачало или купило производи/услуги преку интернет, додека само 26 % нарачале/купиле во последните три месеци (пред квартал 1, 2020 година). Од друга страна, само 3,4 % од домашните компании во приватниот сектор (без финансиски сектор) во 2019 година оствариле е-продажба, а кај само 2 % од домашните фирми е-продажбата е најмалку 1 % од вкупната продажба (за разлика од просекот во ЕУ кој е 17 %). И покрај солидната опременост на фирмите со компјутери и високиот пристап до интернет, голем дел од приватните фирми сѐ уште немаа своја веб-страница пред кизата (44 %). Поразително ниско беше и користењето на дигиталните канали за промоција и реализација на продажбата кај фирмите од прехранбениот и услужниот сектор.

Што смени кризата?
Тековната криза го засили користењето на дигиталните уреди и на интернетот заради одржување на секојдневната комуникација (особено при примена на строгите мерки за ограничување на заразата како карантините и полицискиот час), така и заради воведување на онлајн настава и реструктурирање на работењето на компаниите од далечина. Невообичаената достапност на експозитурите на банките го пренасочи населението кон дигиталните банкарски канали, а затворањето на голем дел од услужниот сектор и трговијата на мало ја поттикна интернет-продажбата. Со еден збор, кризата ја засили примената на дигиталната технологија во нашето живеење и забрза некои процеси за кои беше потребна трансформација во подолг временски период.
Според податоците од Светска банка, само 3% од компаниите во приватниот сектор во Македонија се адаптирале на работа од далечина. Од друга страна, дневните податоци од Гугл укажаа дека мобилноста на работните места во текот на 2020 година во просек беше намалена за околу 25 %. Овие податоци покажуваат дека околу една четвртина од вработените работеа од дома (вклучително и јавениот сектор) или пак дека некои од нив ги изгубија работните места. Според овие високофреквентни податоци, при првиот бран на кризата и поголемото затворење на економијата значајно беше зголемена мобилноста на местата на живеење, а ваквите трендови имаат повторна појава во октомври, со почетокот на онлајн наставата во училиштата и на универзитетите.
Податоците од платежната статистика на Народната банка заклучно со крајот на 2020 година покажаа дека ковид-19 кризата придонесе за зголемено користење на дигиталните банкарски канали. Особено во второто тримесечје, во услови на вонредна состојба, спроведени карантини и полициски час, и при намален обем на работа на експозитурите на банките, населението беше приморано да се насочи повеќе кон користење на интернет-банкарство. Сепак, трендот беше позитивен и до крајот на годината при што физичките и правните лица го зголемија бројот на сметки за електронски извештаи и плаќања, извршуваа електронски трансфер на средства (кредитни трансфери), а физичките лица активно купуваа на интернет со употреба на платежните картички. Интернет-купувањата (од домашни е-продавници) со домашно издадени платежни картички забележаа висок годишен раст (за 2,4 пати, од 69 милиони евра во 2019 година на 167 милиони евра во 2020 година), што е индикација дека покрај населението, така и некои домашни фирми се прилагодија на „новото“ нормално живеење.

Каде треба да дејствуваме како општество?
Со цел да ги искористиме придобивките од дигитализацијата која има потенцијал да ги зголеми бруто-домашниот производ и продуктивноста, потребно е да дејствуваме на слабите страни на нашето општество. Кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 несомнено забрза некои процеси, но системските недостатоци остануваат.
Подигањето на дигиталните вештини на населението и зголемувањето на понудата на производи и на услуги на интернет од приватните компании и од јавниот сектор треба да бидат приоритети. Недоволната дигитална писменост на домашното население е клучен фактор за ниската побарувачка на производи и на услуги на интернет. Потребно е да се преземат системски мерки, односно потребно е дигиталната писменост да биде дел од образовниот процес, а за повозрасното население потребни се специјализирани обуки за подигање на дигиталните вештини. Милениумците, генерацијата З и генерацијата алфа (децата, учениците и студентите) се израснати со дигиталната технологија и тие се високоадаптивни на новите трендови, но потребно е нивно правилно насочување. Од друга страна, навиките на постарите лица тешко се менуваат, но позитивните тенденции во поглед на користењето на интернет покажуваат дека и оваа старосна група се адаптира. Сепак, за да може дигитализацијата да биде составен дел во образовниот процес потребно е претходно решавање на одредени недостатоци. Потребна е целосна инклузивност, односно обезбедување пристап до компјутери и интернет за ранливите домаќинства и за наставниот кадар за кој исто така ќе биде потребна и обука за подигање на дигиталните вештини. Треба да создаваме генерација подготвена за новото дигитално време, но треба да создадеме и услови за нејзино спроведување.
Новата реалност покажа дека има услови за поголема дигитализација во финансиите, за поголема е-продажба на фирмите, за поголема едукација, тренинг и посета на онлајн курсеви, како и за иден подинамичен развој на е-здравството. Кризата покажа дека е потребна и поголема дигитализација на јавниот сектор. Нискиот процент на население кое користело е-услуги од јавниот сектор пред ковид-19 кризата е индикација како за недоволна информираност и дигитални вештини на населението, така и за слаба дигитализација на јавниот сектор. Ова укажува на потребата од реформа во овој домен зашто дигитализацијата со себе носи и поголема транспарентност, ефикасност и во крајна инстанца влијае врз намалување на сивата економија и губењето на дел од буџетските приходи.


(Економија и бизнис, печатено издание, јули-август 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО