Општество
Тилев: Се наsира ли нова страница во македонско-бугарските билатерални односи?
Драган Тилев
Авторот е државен советник за европски прашања
Туркањето, од страна на Бугарија, на историските отворени прашања во Преговарачката рамка за пристапните преговори на Европската Унија со Северна Македонија, особено поврзани со идентитетските атрибути, не поминува, ниту е разбрано од меѓународната заедница ниту е поддржано од ЕУ, а уште помалку од САД. Оттука Бугарија евидентно ги редефинира својата стратегија, фокус и тактика. Првиот чекор, при крајот на минатата година, беше пренасочувањето на фокусот на јавноста од историските прашања кон заштита на човековите права и заштита на малцинствата, односно правата на Македонците со бугарска самосвест и консеквентно ставањето како приоритетно барање вметнувањето на „Македонските Бугари“ како конститутивна државотворна заедница во преамбулата на нашиот Устав. За да се амортизираат реакциите дома од оваа промена во пристапот, претседателот Радев на почетокот на јануари го свика Националниот совет за безбедност на тема „условите под кои на Северна Македонија ќе ѝ се дозволи почеток на пристапните преговори, односно прифаќање на Преговарачката рамка и отворање на Првата меѓувладина конференција“. Заклучоците од состанокот на Националниот совет до кои се дошло по долга дебата беа презентирани на конференција за медиумите, лично од претседателот Радев, во присуство на премиерот Петков, со претставници на сите парламентарни партии. Ова несомнено имаше цел да манифестира единство на сите политички чинители пред бугарската јавност, пред меѓународната јавност, но и да прати порака кон македонската јавност дека единството кај бугарската страна е непоколебано и покрај притисокот од меѓународните партнери (ЕУ и САД).
Од друга страна, пак, посетата на претседателот на Владата на Бугарија, господинот Кирил Петков на Скопје само еден ден по влегувањето на нашата нова влада во зградата на „Илинденска“ б. б., без поговор треба да се оцени како позитивен настан, можност и сигнал за отворање на нова страница во нашите билатерални односи. Позитивната атмосфера креирана за настанот, нивото на прием кое му беше обезбедено на бугарскиот премиер, беа сосема соодветни на важноста на посетата. Во тоа светло треба да се гледа и на Втората меѓувладина седница која се одржува во Софија на 25 јануари, на која, покрај другото, ќе започнат со работа и заедничките политички комисии во низа области за кои е проценето дека се од заемен интерес и нудат можност за продлабочена соработка. Воедно комисиите се формираат и за да креираат позитивна клима на доверба, меѓусебно разбирање и емитирање позитивни сигнали во јавноста од двете страни. Во позитивна клима и атмосфера секоја идна одлука добива повеќе простор да биде донесена и прифатена без масовна резистентност, се разбира, само оние одлуки кои ќе може да се презентираат пред нашата јавност − дека не навлегуваат во идентитетските корени и историската етногенеза на македонскиот народ, македонскиот јазик и нашата државност.
Предвидената густина на средби на овие комисии, неделни, месечни, сè до мај/јуни годинава, звучи навистина динамично и претпоставува огромен ангажман на членовите на владите, но и на администрацијата со силен фокус на нашите билатерални односи, без притоа да заборавиме на сите дневни предизвици со кои живееме. Очекувањата се високи, резултати ќе мора да се испорачаат, напредок во нашите билатерални односи секако ќе има и тоа е добро, пред сè за нас самите. Но, само бегло ако поминеме историски низ македонско-бугарските односи во последниве триесетина години од нашето самостојно битисување и од признавањето на нашата самостојност од страна на Република Бугарија, ќе воочиме веднаш дека преголема еуфорија може да ни наштети, дека умереност и претпазливост е неопходна и дека политичките одлуки секогаш ги следи и висока доза на комплексност за која е потребна и временска дистанца за темелно да се анализира нивната содржина и подобро да се разберат нивната цел и последици. Особено важно е да се воспостави силна административна и експертска поддршка за подготовка на работата на комисиите од наша страна и да се обезбедат издржани аргументи за нашите политички претставници при презентирањето (или бранењето) на нашите позиции во овие комисии. Вниманието на јавноста од двете страни, и не само од двете земји, туку и во потесниот регион (соседите), но и кај стратешките партнери (САД и ЕУ), ќе биде високо и главно ориентирано кон резултатите, а не толку кон самата процедура и начин на одлучување. Но, на крајот работата на комисиите вклучително и брзата динамика можат да произведат резултати, но исто така можат и да отворат уште поголеми сомнежи во јавноста токму поради начинот на нивната политичка поставеност и начинот на одлучување, можеби не за сите теми и прашања, но за оние кои за нас како држава се важни и за оние кои за нас како македонски народ се круцијални, а се од идентитетски карактер.
Се наоѓаме во критичен момент од нашите билатерални односи со Бугарија и пристапниот процес со Унијата, затоа секој чекор мора да е одмерен, а секоја политичка одлука мора да биде добро обмислена и широко општествено поддржана. Омекнувањето на релациите меѓу Северна Македонија и Бугарија е добра вест, но тоа никако не смее да ја одвлече нашата енергија за обезбедување и задржување на вниманието на сите други 26 земји членки за нашиот спор со Бугарија со оглед на фактот дека се работи за заштита на пристапниот процес од негова билатерализација, а во исто време и враќање на довербата кон ЕУ и заштита на нејзиниот кредибилитет кој, патем, е драстично нарушен во земјава, но и во целиот поширок регион, и не само во Западниот Балкан. Затоа е потребно не само дипломатијата и политичкиот врв туку и сите други општествени чинители и натаму силно да притискаат кон останатите 26 земји членки за обезбедување на едногласност во рамките на ЕУ за текстот на Преговарачката рамка со Северна Македонија, кој е нарушен со блокадата од Бугарија, со убедување на Бугарија да одобри и отворање на Првата меѓувладина конференција и почеток на пристапните преговори за наше полноправно членство во Унијата. При тоа за нас од круцијална важност е Преговарачката рамка да не ги вклучи нашите меѓусебни билатерални прашања поврзани со историските прашања, да не се дозволи вклучување на мониторинг механизам за имплементација на билатералните договори преку пристапните преговори (како дел од поглавјето 35) и да се обезбедат гаранции за признавање на македонскиот јазик како дел од преговорите во поглавјето 34 исто како и за сите други аспиранти за членство во ЕУ, кои преговарале до сега и кои ќе преговараат натаму. Точно е дека Преговарачката рамка е документ на Унијата и ние не сме учесник во нејзиното дефинирање. Рамката всушност ги дефинира условите под кои ЕУ ќе нè прими како полноправна членка. Членките на крајот можат и едногласно да утврдат услови кои би биле неприфатливи за нас, но само до нас е дали ние би прифатиле преговори и членство во ЕУ со газење на нашите идентитетски обележја. Тоа би била точката на топење и силно се надевам дка нема да бидеме доведени во таква ситуација. Според мое лично убедување, пристапот на „поттурнување за подоцна“ на крупните отворени прашања од нашите односи со соседите не е најрационален. Тоа може полека, чекор по чекор, да нè затвори во агол од кој нема да може да се извлечеме без крупни отстапки за крупните прашања. Затоа мора да изградиме широк консензус за важните прашања токму на линија на исцртаните црвени линии во нашето Собрание. Тука компромиси не се дозволени и тие едноставно не се опција. Единствениот прифатлив пристап е одвојување на пристапниот процес од билатералните прашања, а во делот на билатералните прашања најдлабока можна соработка во сите полиња каде што имаме заемен интерес со Бугарија, но и со Грција, со држење на историските прашања и дилеми на посебна магистрала. За сè што може да се договориме треба аргументирано да разговараме со компромиси од двете страни, но за прашања за кои отстапките не се опција треба да се договориме дека имаме разлики, да го прифатиме тој факт и да продолжиме добрососедски и зрело да живееме со тие разлики.
Во секој случај мора да бидеме зрело свесни, општествено одговорни и подготвени, во процесот на градење на „европска Македонија“ во текот на пристапните преговори, паралелно да се носиме со предизвиците кои ги диктира новиот пристап на Бугарија, со предизвиците со кои ќе се соочиме со имплементацијата на Преспанскиот договор во делот на политичка транзиција, како и одржувањето на кохезијата внатре во земјава во градењето на заедничко општество низ призма на имплементација на Охридскиот договор и соодветните уставни одредби поврзани со тоа, а тоа се уставните измени по Охридскиот договор, уставните измени по Преспанскиот договор и уставните измени кои може да следуваат поврзани со бугарските барања, но и како резултат на пристапните преговори. Пристапните преговори во вакви услови ќе видат уште низа нови влади и „хокеарски“ измени во Владата и во текот на наредните години.
Да не ги заборавиме пандемијата, здравството, образованието, енергетиката и економијата, оти тоа се дневните потреби и предизвици со кои живееме. Наша врвна цел е, пред сè, да изградиме самоодржливо, просперитетно, функционално, мултиетничко општество како пристојно место за живеење за нас и за следните генерации. Нашиот императив е Европа дома оти ако доследно ги практикуваме европските вредности дома, нашите млади ќе се чувствуваат убаво и дома. Да се оформи држава, да се гради и да се задржи за следните генерации е ѓаволски комплексна работа, но едноставен или полесен пат не постои. Ќе мора заедно да си го изодиме нашиот пат.
Геополитичките случувања на истокот од Европа се крајно неповолни и намирисуваат на воен конфликт што, од друга страна, го приморува на некој начин претседателот Макрон, на линија на зацртаната геополитичка рамка, при презентирањето на француските проритети како претседавач со Советот на ЕУ, на Западниот Балкан како на фрагилно подрачје во срцето на Европа да гледа како на регион кој, сепак, е потребно да се интегрира во Унијата што е можно поскоро. Овој став беше речиси незамислив само пред 2 до 3 години, кога процесот беше блокиран токму од Франција и неколку други евроскептични членки на ЕУ. Секако, наивно би било доколку помислиме дека со овие изјави и поместување на позицијата на претседателот Макрон ширум се отвора вратата за брзо членство на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија. Се работи само за геополитичка неопходност. Во тој контекст треба и да се чита најавата за конференција во јуни иницирана од страна на Франција за иднината на Западниот Балкан и неговата интеграција, која ќе зависи од тоа каква Европска Унија ќе имаме наредната декада. Ниту Европската Унија ќе биде иста како денеска ниту земјите од Западниот Балкан ќе бидат исти како што се сега, а ниту геополитичката карта ќе остане непроменета наредната декада. Способноста за прилагодување кон новите околности кои се креираат во Европската Унија ќе биде предуслов за успешност. Процесот на проширување ќе продолжи под променети правила за кои нема гаранции дека нема и натаму да се менуваат во òд. Останува, за нас централно, почитувањето на универзалните вредности, фер и еднаквост, напредок врз база на заслуги и одржливост преку неповратни демократски фундирани реформи.
Несомнено пристапните преговори за Северна Македонија, кога и да започнат, нема да наликуваат на ниедни пристапни преговори до сега, а нивната динамика нема да зависи само од нашата успешност при транспозицијата и имплементацијата на европското право, туку уште повеќе од имплементацијата на нашите билатерални договори со Бугарија и Грција и нивната интерпретација и задоволство од таа имплементација. Оттука пристапните преговори во овие услови и околности ќе наметнат потреба соодветно да се позиционираме, да се подготвиме и институционално да се организираме. Доколку тоа не го сториме свесно, зрело и конзистентно, со широк консензус и јавна поддршка, нашите пристапни преговори ќе бидат многу болни, ќе бидат непредвидливи и исклучително спори, а со тоа и неатрактивни за помладите генерации.
Се отвора нова можност во билатералните односи со Бугарија, но соодветно се зголемува и одговорноста и потребата од претпазливост оти дополнително време за поправка на евентуалните грешки нема да имаме.
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)