Општество

Георгиев: Од Бугарија, со љубов

Гордан Георгиев

Новата влада, на чело со Димитар Ковачевски, ете донесе некакво смирување на политичката сцена. Стандардната политичка орнаментика сè уште е присутна. Опозицијата, донекаде со право, го оспорува легитимитетот на новиот премиер и постојано повикува на предвремени избори. И тоа е легитимно, иако таквите крици се чини дека сè повеќе стивнуваат. Зошто? Па јасно е дека новата влада личи како да е навистина нова. Со исклучок на два-тројца министри од старата, се чини дека на Димитар Ковачевски сепак му е овозможен релативно чист старт и релативно чист (скратен) мандат. За новите министри јавноста недоволно знае, сè уште ги испитува и некако им остава простор и шанса да се докажат. Таа шанса кратко ќе трае, и на првата кривина веќе ќе се појават дежурните критичари, вклучително и авторот на овие редови. Но сепак, неутралната јавност покажува знаци на умерена и воздржана поддршка за нешто различно и нешто што не ги потсеќа на ужасно тешките и драматични години од крајот на владеењето на Груевски и во голема мерка изневерените очекувања од Заев, човекот кој донесе неспокоен мир и само ронки правда.

Заминувањето на Зоран Заев, еднакво неочекувано како и тресокот на бомбите со кои ја освои политичката сцена, се чини дека на многумина им олесна. Заминувањето на Заев можеби означува и крај на долгогодишните драматични потреси на македонската политички сцена. Заврши ерата на бомбите, иако лузните не зацелуваат никогаш. Па и самата дневна политичка реторика некако стивнува, го нема набојот и пизмата од минатите години. Ако е тоа ново и ако тоа потрае, барем на оваа точка можеме да бидеме задоволни. Заминувањето на Заев означува и крај на одиумот кон Заев, барем на ниво на секојдневни препукувања и пизма кон оставштината на бившиот премиер. Од оваа перспектива, ефектот на оставката, и на институтот оставка во принцип, делува многу лековито и рехабилитирачки за носителите на политички функции.

Но, она што темелно ќе ја дефинира долговечноста на новата влада е динамиката во односите со Бугарија. Енергетската криза, ковид пандемијата, порастот на цените и сиромаштијата се стандардна мирудија која ретко е причина за предвремени избори. Но, спорот со Бугарија, мерлив според тоа дали и кога Бугарија ќе ја крене рампата за почеток на преговори (ах, колку тоа далечно и бесмислено изгледа во овој момент на општа криза и на самата ЕУ и на идејата за Европа!), ќе биде дефинирачкиот момент за опстојувањето на сегашната влада.

А од Бугарија деновиве тече саде љубов. Гушки и целувки од сите страни, насмеани ликови и нова, позитивна енергија. Разиграни работни групи, поделени по сектори, со јасни и прецизни рокови и мајлстони. На Клепало, камионите желни за бизнис и туристите желни за бања во Сандански веќе чекаат на ред. Билетите за авионскиот лет Скопје- Софија се однапред распродадени. Теснолинејката веќе забрефтува и ги чека првите патници. Но, шегата настрана, новиот позитивен импетус во релацијата Македонија- Бугарија, или поточно Ковачевски-Петков е повеќе од очигледен. И волјата од двете страни да ја спуштат топката е евидентна. Изгорени од жешкото млеко на преголеми очекувања, добро е сепак лидерите на двете страни (особено македонската) да внимаваат јогуртот на крајот на приказната да не излезе скиселен. Бидејќи, како што рековме на почетокот, перспективите на сегашната влада и евентуалниот нејзин успех се директно врзани со исходот од преговорите со Бугарија. Растегнувањето на процесот преку формирање на работни групи и дефокус од главната невралгична точка (идентитетот-историјата-јазикот) е добар дипломатско-политички маневар, но тој има рок на траење и опасност да се разводни доколку Македонија де факто не добие отворена рампа. И тука не мислиме на рампата на Клепало, туку онаа на Брисел.

Дури и опозицијата, научена да ги глода коските на тешките одлуки кои ги носат другите, е потсмирена и делува зашеметено од изливите на љубов помеѓу Софија и Скопје. Безбели и нејзе ѝ е јасно дека доколку има договор, тој нема да биде разорен по она што неа ѝ е најмило: македонштината во секоја форма и во секоја прилика. Толку е високо подигната свеста во јавноста, што просто е невозможно да се замисли некаква нова заевштина која би ја измамила јавноста и би проврела лош договор на мала врата. Значи, релативно добар договор, секако обилно критикуван но молчешкум прифатлив за опозицијата, би означил ситуација во која сите страни би биле задоволни. Доколку договорот е лош по Македонија, тогаш нема да има договор, а Македонија ќе почека за брза пруга кон Европа.

Втората тема, домашна, е поврзана со вештите маневри на опозицијата за привлекување на малите партнери во власта на темата промена на изборниот систем. Гледајќи дека повиците за предвремени избори опасно се разводнуваат, со ризик да го разводнат и набојот од победата на локалните избори и евентуалниот неуспех на градоначалниците на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде со морков да ги придобие малите партии на тема една изборна единица. Зоран Заев, сега веќе знаеме, лажно ветуваше и ги мамеше неговите јуниор партнери со начелно искажаната волја за промена на изборниот систем, вадејќи се на недостаток на волја кај опозицијата. И оп, каков коперникански преврат! ВМРО-ДПМНЕ, партијата која со години инсистираше (повторно со политички калкулации) дека изборниот модел треба да се промени, но тој да биде мнозински, сега одеднаш се приклонува кон помалите партии и прифаќа да разговара, и да прифати модел со една изборна единица. Политика, и се е можно. Самото кокетирање на опозицијата со помалите владини партнери не е доволен стимуланс за предвремени избори, но опасноста за власта е евидентна. Имено, на првиот поголем неуспех на сегашната влада, за очекување е да се случи продлабочена соработка на малите партии со опозицијата, а веројатно и тајни преговори за менување на дресовите. Под поголем неуспех подразбираме некакво закочување на преговорите со Бугарија, или нивно бесцелно одолговлекување, но и некаква поголема енергетска криза, ценовни шокови, евентуален голем корупциски скандал или нешто слично. Оттаму, позицијата на Ковачевски е прилично деликатна, без разлика на желбата да се владее до крајот на мандатот. Во вакво сценарио, ДУИ би биле неми посматрачи на создавање на некакво ново парламентарно мнозинство кое би имало за цел само да свика предвремени парламентарни избори. Удолу длабоко, угоре високо.

И повторно се враќаме на Бугарија, како клучен меѓник за новата влада. Откочување на процесот на евроинтеграции на државата, процес кој денес оди преку Софија, и достоинствено решение за болните прашања за нас Македонците, може сериозно да ги подобри шансите на власта за добар резултат на следните избори, предвремени или редовни, сеедно. Отсуството на Зоран Заев, перцепиран од широката јавност како премногу лесен на ветувања и брзоплети решенија, е ветер во грб на новиот премиер и неговата екипа. Вториот можен успех, толку посакуван за разочарана јавност, е борбата против корупцијата, таа химера која секоја влада ја поставува како врвен приоритет, и секојпат попат ја губи од вид. Регионалните геополитички престројувања и прекројувања, интензивното присуство на „странскиот фактор“ во регионот, нерешените статусни прашања и ѕвечкањето на оружјето на источната граница на Бугарија (Црното море и Украина), се прашања на кои Македонија не може да влијае на критичен начин. Но фонот и поттекстот на изјавите на врвните претставници на американската администрација е јасен и недвосмислен. Имено, за прв пат нашите стратешки партнери јасно и гласно и во секоја прилика ги врзуваат сите невралгични прашања (од геополитика до екологија) со една сеопфатна тема: корупција, корупција, корупција. Ако тоа некому не му е доволно јасно сега, утрината ќе му го разбистри на тврд и бескомпромисен начин. Дали оваа влада ќе покаже пркос, волја и одлучност да се справува со корупцијата на видлив и недвосмислен начин е прашање кое исто така може да го дефинира успехот или неуспехот на нејзиното владеење. Премиерот, фрлен во жив оган, со малку време на располагање, го има и го знае патоказот за успех и поволен изборен резултат. Се разбира, ако веќе патоказот е јасен, патот кој треба да се изоди е нималку лесен.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано