Општество

Јанчовски: Мудроста на простодушниот

Тихомир Јанчовски

Почитувани, еве од овој број почнувам да пишувам колумни за „Економија и бизнис“, и тоа на местото на мојот почитуван претходник, Емануел Французинот, со кого се познавав. Да бидам искрен, не знаев дека меѓу другото пишувал и колумни за весников, а не е ни битно. Знам дека се занимаваше и со литература и дека му преведоа една книга на македонски, ми ја даде да ја прочитам. Ни тоа не е битно. Она што сакам да го напишам овој пат е приказната за тоа како се запознавме, јас и Емануел. Значи, бевме во Струга, на СВП, август 2018 година, тој веројатно службено, како директор на Францускиот институт во Скопје, јас како поет од Македонија. И се сретнавме на терасата во „Дрим“, се погодивме на иста маса, и направивме некој бош муабет на не знам која тема. Не се сеќавам. Се сеќавам дека тој беше пријатно изненаден што може да го зборува и својот јазик, зашто знам малку француски, а јас бев изненаден бидејќи запознав и Французин кој знае англиски, што не е честа појава, особено меѓу постарите од 40. И така.
Знаете, летно време јас сум ранобуден, станувам взори, и веднаш ми се прави нешто. Бидејќи во хотелот „Дрим“ сѐ е затворено пред седум, околу пет одев од онаа страна на реката, го поминував мостот и право во бистрото „Галеб“. Таму се здружив со чистачот кој ми даваше да си направам кафе зад шанкот уште рано, рано... и си седев на маса и ги гледав водите: езерото... и реката како истекува од него. Со кафе и тутун. Многу добро, човече. Тихомир, езерото и Црн Дрим. Поезија.
И така, дента откако се запознавме, ете ти го и Емануел во пет и пол во „Галеб“.
– Бон жур!
– Бон жур!
– Комон са ва?
– Са ва бјан, е ву?
– Тре бјан, мерси...
И му велам, што вака рано? А и тој да ти бил ранобудник, па го открил истото место. И тука доаѓа интересното. Одеднаш, си пиеме кафе, и Емануел ми вели, на англиски: Ју ноу уат, вие Македонците сте чуден народ! Аман бе Емануел, што ти текна, си велам, и му велам: Уот мејкс ју тинк соу? И ми раскажа приказна за тоа како неодамна бил на патување, исто како сонародникот патеписец Аме Буе на времето, пред стотина години, од Битола до Солун, пешки, и со локален водич. И она што го стаписало на тој пат била реченицата на водичот, постар, жилав човек, кој во недостиг на зборови често се служел со вулгарната синтагма: „У пичку матер“. И за убаво и за лошо, тој кажувал така. Тоа, па тоа. Види ти, си велам, што го чуди Емануел? И стварно, на француски не велат „Мерд“ или „Деголас“ или „Мањифик“ за секоја ситуација. Некогаш вака, другпат така. Зависи. И право да си кажам, не се сеќавам дали во моментот се обидов да му објаснам дека и не сме толку чудни или ми текна отпосле. Како и да е, ова некако ми се напечати во умот и по некое време напишав песна, токму за Емануел и неговиот водич, и за смислата на простачките зборови кои ги изговарал човекот во секоја крајна ситуација. Па Емануел беше збунет, дали се пцост или благослов? И да не должам без врска, еве ја песната овде, па видете:

Запознав човек
oд далечна земја
човек пријател, летоска, и ми вели:
Вие Македонците сте чуден народ!
Зошто, пријателе, да сме ти чудни?
И ние сме со две раце и нозе.
Дека така. И за најлошо и за најдобро,
вие изговарате иста реченица.
Аман? Објасни? Не те разбирам!
Еве, неодамна одев, со еден
ваш водич, локалец, ме носеше
од Битола до Солун, пешки,
пишував патепис, а тој
ги знаеше сите планински патеки
и сите села, и јазиците патем,
и кога ќе наидевме на проблем,
или на нешто непремостливо
и кога ќе нѐ фатеше невреме,
тој кажуваше: „У пичку матер“.
Едно утро, откако станавме,
и пред нас се распосла
неверојатно убава глетка
од планински венци
низ кои струјат сончеви зраци,
а под нас течеше зелена река,
тој рече, воодушевен: О, пичку матер.
Не разбирам? Не ми е јасно!
Што да ти кажам?
Дали ќе сфатиш?
Секој е роден од мајка.
Ни јас баш не знам,
ама некому со тоа му велиш
дека е подобро да не ни излегол
оттаму од каде што излегуваат сите
и
постоењето му е грешка,
а на друг му велиш
дека сите доаѓаме од некој подобар свет
и убавината нѐ потсетува дека таму
сакаме и да се вратиме.

Не потценувај ја мудроста
на простодушниот
оти не се само зборовите важни,
туку и тонот. И ситуацијата. И сѐ.

Поздрав до Емануел Рембер, се надевам дека му е добро во Париз или каде и да е. Откако фатија мерките за короната, не успеавме да се видиме. А за книгата што ми ја даде да ја прочитам, никогаш не му дадов мислење. Некако премногу интелектуална, човече. Јас и некако, ама неговиот водич ни збор не би разбрал.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021г/јануари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано