Општество

Азески: Зошто не треба да се плашиме дека договорот со Бугарија може да нè остави без идентитет?

Дејан Азески

Во светлото на очигледното придвижување на македонското-бугарските односи по изборот на новите влади во Софија и Скопје, објавувам или реобјавувам една моја постара анализа за македонско-бугарските односи. Верувам дека ова четиво ќе служи како одлична основа за надминување на комплексот или стравот дека некаков договор со Бугарија може да нè обезличи или остави без корени. Напротив, македонската нација и државност е одамна бетонирана реалност.


Бугарската историографија е децидна дека пред 1944 година не постоело никакво македонско национално чувство и дека 99 % од православното население на територијата на географска Македонија се чувствувало како бугарско. Со оглед дека Бугарија има многу поголемо државно искуство од Македонија и со оглед дека исклучително ја ценам нивната наука, би сакал да поверувам во ова. Но, секогаш кога ќе тргнам по оваа нивна логика се судрувам со фактот дека мојата прабаба се викала Македонка или Донка, а е родена и крстена околу 1910 година. Па само по себе ми се наметнува прашањето: ако не постоеле Македонци и чувство на припадност, зошто некои мои чукундедо или чукунбаба среде турско ропство би ја крстиле својата ќерка Македонка?

Раѓањето на современите нации
На ова веројатно моите колеги од Бугарија би ми одговориле дека поимот Македонија и терминот Македонци отсекогаш имал само географско значење, а не и национално. И тоа можеби е точно донекаде. Но, точно е само донекаде бидејќи географската припадност често била пресудна за будење на националното чувство кај речиси сите нации.
За да ви го објаснам ова ќе мора да ве навратам малку во средниот век, период кога картата на Европа била најрасцепкана. Во тој период буквално секое село имало свој феудалец кој на таа минитериторија си се однесувал како крал. Имал и свој замок, своја војска, а земјата за обработка ја делел и ја разделувал по негова желба и слободно убедување. Но, сите тие феудалци (и нивните поданици) на територијата на географска Франција, па подоцна Италија, па на крај и Германија биле свесни дека припаѓаат на иста јазична група и дека ги обединува некаков заеднички интерес. И така врз основа на сличниот јазик и врз основа на географската припадност на одредена територија тие во одредена точка од својата историја се формирале како нација. Значи се одделиле од англосаксонската или латинската група на народи и направиле национални држави. Епа тогаш што е различно со македонскиот народ и македонската нација? Зошто Бугарија може да тврди дека Шопите од северозападот, Тракијците од југот и Добруџанците од североистокот се потполно идентички Бугари, а ние не може да тврдиме дека населението од Охрид и од Штип припаѓа на една нација бидејќи гаи едно национално чувство? Точно е дека нашето национално обединување настанало дури сто години по италијанското. Но, и бугарската национална држава е сигурно неколку века помлада од француската или руската. Едноставно ние не сме виновни што услови за формирање на современа држава се створиле дури во 1944 година. На крајот на краиштата, на светот постојат неколку илјади народи, а само неколку стотици држави. Па има и такви како Курдите кои се повеќе од 30 милиони луѓе, а сè уште не се во можност да формираат својата држава. Значи апсолутно Македонците не треба да имаат никаков комплекс дека доцна формирале држава и дека тоа ги става во подреден статус кон некого од соседите.

Демократското право да се декларираме како сакаме
Според официјалните податоци на последниот македонскиот попис од 2002 година, покрај националното декларирање како Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, можете да најдете и луѓе кои се декларираат како Југословени, Бразилци, па дури и Марсовци. Сите тие се ставени под ставката: останато − која е составена од вкупно 20 000 жители. Поентата на ова е дека секој од нас има легитимно демократско право да се чувствува така како што сака.
Всушност, тоа е основата и на американската политичка нација или австралијанската. Таму секој има право да почне да се чувствува како Американец или Австралијанец уште првиот ден кога ќе се насели на нивната територија. Оттука се поставува прашањето − ако некој сака да се декларира како Македонец кој зборува македонски јазик, од каде правото на некој во Софија или Пловдив да му го оспорува тоа? Според меѓународното право, никој не може да им забрани ниту на оние бугарски државјани во регионот на Пиринска Македонија (која територијално припаѓа на бугарската држава) да се чувствуваат и да се декларираат како Македонци, нормално ако тоа го прават по свое слободно убедување и по своја слободна волја.
Навистина, на почетокот на третата деценија од 21 век илузорно изгледа да се разговара за вакви прашања кои, по секоја демократска логика, би требало да се подразбираат уште од самиот старт.

Ако е Софија толку сигурна дека е во право, зошто не го тестира својот авторитет пред Македонците?
Во последниве 20 години, поради низа околности генерално поврзани со светската геополитика, бугарскиот пасош стана многу повреден од македонскиот. Па така, официјална Софија тоа премолчено почна да го злоупотребува делејќи бугарски државјанства и пасоши на Македонци кои ќе успеат да докажат дека нивните предци се декларирале како Бугари или пак служеле во бугарската армија. Иако нема официјални статистики, веројатно се работи за некоја бројка од повеќе десетици илјади, а можеби и стотина илјади државјани на Македонија кои зеле бугарски пасош.
Сега овие луѓе кои во најголем дел од случаите зеле бугарско државјанство поради економски причини за да можат да одат на работа во Западна Европа, бугарската држава ги претставува како Бугари на територијата на Македонија. Но, реалноста не е таква. Пописот во 2002 година покажа дека многу малку Македонци се чувствуваат како Бугари (помалку од 1 %), а и незавршениот попис од 2012 година исто така неофицијално ја потврди оваа состојба. Значи, една работа е јас, кој моментално живеам во Италија, утре да се стекнам со италијанско државјанство, а друга работа е вистински да се чувствувам за Италијанец и моите деца утре да ги воспитувам дека се Италијани.
Втора работа, во последниве неколку години на македонската политичка сцена се појавија и неколку партии, движења и здруженија кои отворено се залагаат за поактивна соработка со Бугарија, па дури може да се декларираат и како пробугарски. Тоа е нивно легитимно право и јас на некој начин ги поддржувам сè додека нивните ставови ги изразуваат на демократски начин. Но, факт е дека ниедна од тие партии, организации или здруженија нема никаква поголема политичка тежина и популарност меѓу граѓаните. Ако овие организации се мерило за авторитетот кој го ужива Бугарија кај Македонците, тој е речиси непостоечки.
И за крај на овој дел треба искрено да кажеме дека погрешната политика која ја води Бугарија кон Македонците од 1912 до денес резултира тотално да се промени поимањето на Македонците кон оваа држава. Ако пред само еден век многумина од нашите предци во Софија гледале еден и единствен сојузник, братство и спас – сега веќе речиси и да не може да се најде поголема група Македонци кои гаат такви илузии.
Затоа ваквата политика од Софија мора да престане, инаку јазот меѓу двата братски народи ќе дојде до точка од која нема враќање назад.

Сепак, на крај Бугарија и Македонија ќе бидат една држава, но само во рамките на ЕУ.
Со влезот на Македонија во НАТО, за прв пат по 1948 година, Македонија и Бугарија се во еден ист воен сојуз. Овој факт како никој да не го забележува од нашите интелектуалци и широки народни маси кои моментално се зафатени со постојаните кавги со Бугарија. Дополнително се надеваме дека во скоро време за прв пат по 1944 година (но, овој пат на рамноправна база) ќе може без пасош и лична карта да ја посетуваме Бугарија и до таму да стигнеме брзо и ефикасно по нов пат или брза железница. Јас лично така ја гледам иднината на бугарско-македонското братство, а не во историските комисии и бескрајните преговори кои никому нема да му донесат ништо добро. Во бирократијата постои една изрека, ако сакаш нешто да не биде завршено, тогаш формирај комисија која ќе работи на тоа прашање. Па така не треба да имаме никакви големи очекувања од тоа што ќе се договорат нашите и бугарските колеги научници. И на крај тоа и не е толку важно, треба да ги оставиме научниците да се занимаваат со наука, а што помалку да дозволуваме тоа да се одразува на дневната политика. Поточно, тоа да се злоупотребува од дневната политика како што се прави моментално.
Инаку, на територијата на денешна Бугарија живеаат барем неколку стотици илјади луѓе кои се чувствуваат како Бугари, но кои влечат потекло од територијата на Македонија. Тие и нивните потомци во иднина треба да се искористат како најдобра можна база за подобрување на македонско-бугарските односи, а не за влошување. Два народа кои зборуваат многу сличен јазик без падежи, кои во најголем дел делат иста религија и кои и по менталитет и по храна и по култура се многу слични, не смеат да имаат толку малку контакти и да знаат толку малку еден за друг.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано