Општество

Јанчовски: За паметта и паметењето

Тихомир Јанчовски

Не сум паметен. Ова не е лажна скромност или снисходливост да се допаднам некому оти си признавам, ова е факт. Јас не сум паметен. Си знам. Сигурен сум дека не сум. Еве, кога сме кај паметењето, Ахмед е паметен. Тој е најпаметниот човек што го знам. Ахмед ми е пријател од Сараево, и тој памти како два слона. Не како еден. Да појаснам, памет и ум се различни работи, овде зборувам за паметењето, или сеќавањето, или ако веќе мора да го напишам и тој збор – меморијата. Ахмед се сеќава на секој збор што сме го кажале јас, тој и еден трет соговорник кога сме зборувале за техниката на правење ракија летото 2015 година. Може беше и пролетта, ама јас не памтам, тој памти. Ахмед може да ме цитира што сум му кажал во Сараево кога сме седеле во „Менхетен“, во мај 2016 година. Од збор до збор. Може и да го изрецитира составот на ФК Вардар од 1984 година оти тогаш бил по фудбалот, па го интересирало. Паметен скроз. Памти и што прочитал, а особено што видел и чул. И тоа до најситна дребникавост. Докрај. Ќе помислите дека е претерано и веројатно сте во право. За својата памет Ахмед вели дека е на граница на аутизам. Самиот е свесен. Во тој поглед, јас сум со многу слаба памет. Заборавам многу. Заборавам повеќе од другите. Има работи кои сосема ми се бришат од сеќавањето, како да не се ни случиле или како да не сум ги видел. Еве, двапати во животот сум губел цел паричник сосе документи, а сега пак ги имам; значи имам лична карта, возачка дозвола, дебитна картичка и слично. Не се сеќавам како било, но некако сум ги извадил. Сум морал да отидам во некаква канцеларија, да поднесам барање, да платам такса, да чекам да бидат готови, да одам да ги земам... тоа е сигурно. Само што мене тоа ми е избришано од сеќавањето. Толку мразам административни работи и секакви хартии во врска со неа што, откако ќе завршам работа, тоа ми исчезнува од умот. Самиот тој ги брише непотребните нешта. Ете, значи умот ми е добар слуга, во овој случај. Заборавам секакви работи и предмети, запалки на маса и чорапи по хотели редовно, очила за сонце менувам по три-четири пара годишно, ја заборавам и вратата од станот отворена, и онаа од автомобилот, проверувам вклучени рингли и оставено светло, сум упропастил три тенџериња од заборавање на шпорет (двапати грав, еднаш леќа), на пазар тезгаџиите ме бркаат да ми ја дадат кесата со пиперки што сум ги купил и сум си заминал, значи, заборавам и губам работи како никој. Ама тоа е повеќе невнимание отколку немање памет. Или така се тешам. Нема врска. Тоа што не сум паметен не значи дека не памтам ништо. Да беше така, досега ќе заборавев и како се викам. Вештините што некогаш сум ги стекнал не ги заборавам. Не заборавам да возам, да пливам, да читам, да готвам, да чистам... никако. А што се однесува до настани и луѓе или до книги, да речеме − тука паметам селективно. Ги помнам само убавите работи. Од последниве 20 години, помнам само среќни денови и настани. Сето друго ми е избришано. Мислам дека тоа не е мана. Кога правам нешто, имам моќ на голема концентрација. Затоа не ме чепкај ако видиш дека работам, многу ми пречи ако некој ме прекинува во работата. И работам едно по едно, не можам две работи истовремено. Знам дека жените можат, повеќето жени имаат такви мозоци што можат да тераат по две-три работи одеднаш, а јас не можам ни да зборувам на телефон и да гледам телевизија истовремено, не па друго.

Што се однесува до градовите во кои сум живеел и во кои сум бил, паметам само настани и луѓе, а на зградите и на улиците не можам да се сетам, никако. Еве, пред две години бев во Будимпешта со Мартин и Оксана, моите колеги од факултетот што го студиравме таму во 1995 година, и не можев да се сетам на ништо. Метро станиците, непознати. Мартин ми вели ова е Блаха Лујза, сме се возеле од тука стопати. Немам поим. Ова е црквата Сент Иштван, поминувавме од тука секој ден. Да, да, можеби. Ова е Ваци утца... не можев да ја препознам. Е, ама тоа не е сѐ; имаше и работи на кои се сеќавав. Се сеќавав убаво на реката, Дунав, на мостовите, Ланци и Маргит, и на едно крчмиче кај што одевме по часовите, едно Шорозо-борозо. Паметам луѓе и лица, реки, дури и некои дрвја... имиња послабо, а згради и улици – никако, избришани ми се како со гума од тетратката на мојата памет во која се пишува со молив. Нешто останува врежано, нешто се брише. Во зависност од она што останува врежано, некој добар психолог може да ми направи сериозен профил и да заклучи многу работи за мојот светоглед. Какво е моево сеќавање? Не можам да го сфатам. Еве, да ви кажам на што се сеќавам од Брисел, таму живеев во 1988 година. Се сеќавам на кучињата и на парковите. И на манекен-пис. Толку. Од Истанбул ги паметам мачките низ градот, беа дебели сите, еден продавач на теписи, лицето на еден келнер, една продавница за ќебап и еден сас што го видов во излог на музичка продавница кога шетав по... не знам каде беше. Од Лондон се сеќавам на становите во кои сум живеел и на пазарите по кои сум одел: Портобело, Камден, Ковент гарден...

Паметењето е различно кај секого. Моето е со капацитет како фрижидер, она на Ахмед како два танкера. Во моето сеќавање за нешто ново да влезе нешто старо треба да се извади од фрижидерот, да му се направи место на новото. Кај Ахмед има многу повеќе простор, па тој не фрла ништо. Право да ви кажам, ова може да биде и забавно. Еве, јас пишувам книги. И по некое време, ако книгата одлежи година-две, јас може да не се сеќавам на ништо што сум напишал внатре. Особено ако е прозна, постарата поезија си ја памтам. Па таквата книга ми е интересна и си ја читам, што ако е моја. Као нова ми е. Психологот ова може да го толкува и како знак на шизофренија, а може и да се смее. Да го знам, па да кажам, а вака, го измислив, и не можам да знам што му е во главата кога нема глава. Ќе му измислам и глава.

Ние не сме нашите сеќавања. Ние сме нешто друго. Она што сме не се менува од раѓањето до смртта. Човек може да ги изгуби сите сеќавања, да стане сосема сенилен, а сепак тоа е истиот човек. Може да ги загуби старите способности, да заборави сѐ што некогаш учел, а енергијата пак да му остане иста. Зашто човекот е чудо, и голема тајна, и никој не може да го испита, разглоби и протолкува докрај. Нема ни зошто.


(Економија и бизнис, печатео издание. февруари 2022г)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано