Општество

Георгиев: Судир на цивилизации

Гордан Георгиев

Кога мислам на Украина, пишувам за судирот на цивилизациите. Одамна толку силно не ме погодила веќе изветвената теза на Семјуел Хантингтон дека светот во иднина ќе биде во суштина културен судир меѓу цивилизациите. Сепак, и најбеглата анализа укажува на тоа дека судирот во Украина не е цивилизациски судир, туку повеќе некаков афтер шок од политичките земјотреси кои дојдоа со крајот на Студената војна. Желбата на Русија за пари, територија и слава не е нова работа во нејзината долга историја. Но, и Западот може да се накити со истите перја. Впрочем, и падот на берлинскиот ѕид резултираше со пари, територија и слава. Пари во смисла на проширување на неолибералниот поредок (плус евтина работна сила од Исток), територија во смисла на проширување на безбедносната трансверзала визави нуклеарната Русија, и слава во име на победата на либералните демократии, победа која требаше да биде иреверзибилна и на темелен начин да ја постави, а потоа и обилно да ја извезува либералната демократија како најдобар од сите можни светови.

Сепак, Русија овој пат едноставно не може да биде во право. Светот е циничен, зол и полн со неправди и непринципиелни политики. Но, светскиот поредок сепак има некакви базични правила на игра и некакви стабилизациски потпорни ѕидови кои би требало да ја држат структурата од тектонски нарушувања. Засновајќи ги своите воени дејствија на преседани од блиското минато (Косово, на пример, иако паралелата е лажна и горко саркастична), Путин влегува во најрадикалното сценарио од крајот на Втората светска војна: со воена сила да освојува територија на суверена и меѓународно признаена држава. Со овој акт на агресија, тој ја отвора Пандорината кутија на нерешени територијално-идентитетски конфликти во светот. Приказната за јагнето што му ја матело водата на волкот е одличен пример на поведението на Путин.

Да, добро прочитавте, и идентитетски конфликти. Барем половина од реториката на Русија е накитена со идентитетско-историски теми. И без разлика дали со ваквата обланда се сака да се скрие суровата вистина, факт е дека идентитетските теми сè уште, уште повеќе од претходно, ги мобилизираат луѓето да се сакаат или да се мразат.

Широко нападната од либералната интелигенција уште во самиот нејзин зародиш, тезата на Семјуел Хантингтон (напишана во 1993 година) за претстојниот судир на цивилизациите постојано беше дочекувана на остар нож. И тоа не од противниците на либералната демократија, туку токму од нејзините најстрасни поддржувачи. А тезата е едноставна, и со самото тоа доволно пробивна и атрактивна. Крајот на Студената војна и победата на западните вредности преку институциите и принципите на либералната демократија нема да го означи и крајот на конфликтноста во светот. Идентитетите, различните култури, вештачко создадените граници и нации ќе доведат до еден поширок судир (не нужно воен) на едно поапстрактно ниво на цивилизации. Семјуел Хантингтон ја дефинира цивилизацијата како „највисокото културно групирање на луѓето и најопфатно ниво на културен идентитет што ги разликува луѓето од другите видови“. Цивилизацијата, како највисок претпоставен стадиум на развој на едно општество во најширока смисла на зборот, во еден момент се затвора во себе, педантно ги негува и ги воздигнува сопствените вредности, нежно или грубо се распостила низ територии и држави кои таа ги смета за нејзина природна орбита и истовремено љубоморно го чува сопственото јас од напливот на конкурентски цивилизации. Оттука реториката на Путин, но и онаа на Бајден, е приказ на сопствениот сет на вредности, негувани со децении, понекогаш и со векови. „Украина не е едноставно само соседна земја. Таа е составен дел од нашата историја, култура и духовен континуитет“, изјави Путин во злокобното обраќање до јавноста. Само преку оваа реченица, а и преку многу други, може да се насети цивилизацискиот судир на два различни и веројатно цивилизациски непомирливи светови.

Делумно комплементарна на тезата за судирот на цивилизациите беше и тезата на Френсис Фукујама за „крајот на историјата и последниот човек“, т. е. дека либералната демократија, со нејзината моќ на атракција (привлекување) и со нејзината морална и фактичка победа над конкурентските идеологии (пред сè комунизмот по распадот на источниот лагер), ќе доживее експанзија во „неосвоените територии“ и ќе прерасне во доминантно посакуван наратив отаде западната цивилизација. Но тоа, триесетина години подоцна, не се случи. Делумно поради недоследностите во архитектурата на самата либерална демократија (кои последниве години ја доживуваат сопствената негација преку илибералните режими на европско тло), а делумно и поради едноставната вистина дека луѓето и нациите низ светот имаат поинаква претстава за себе (погрешна или вистинита, сеедно) и одлучуваат да ги градат своите институции и вредности на поинакви премиси од оние западните, колку тоа често и да оди на нивната штета.

Овие тези, напишани од врвни американски научници и влијателни политички советници редовно блиски до врвот на американската власт, претставуваа еден вид пледоаје, сетирање на агендата и идеолошко-интелектуална подлошка за глобалната стратегија на Западот базирана на длабоко вкоренети вредности, но исто така и придвижувана од силен економско-финансиски погон.

Од денешна перспектива, лесно е да се види дека Русија (како наследничка на Советскиот Сојуз) беше драматично повредена од исходот на Студената војна, повреда која тивко и трпеливо си ја негуваше во сопствените пазуви и на првиот можен офсајд на Западот се обидува да ја реконституира реалноста. А Западот е во офсајд! Доаѓањето на илибералниот Доналд Трамп на чело на најмоќната демократија во светот, како и претходните и последователните популистички и илиберални испади во традиционално демократските држави низ Европа, укажуваат на сериозни пукнатини во либералниот вредносен корпус. Ќе биде исклучително интересно да се анализираат илибералните епигони на Путин во самата Европска Унија, откако ќе стивне ѕвечкањето на оружјето и откако ќе се создаде новата геополитичка реалност бидејќи се чини дека од оваа точка нема враќање. Ќе биде интересно да се види поведението на една Унгарија, Полска, Чешка, Бугарија, но и она на енергетско зависните Германија и Франција. Сигурен сум дека токму Путин обилно ќе инвестира во овие пукнатини како што успешно инвестираше во Доналд Трамп.

Навраќајќи се на цивилизацискиот судир, највпечатливи ќе бидат идните глобални одеци од оваа украинска криза. Имено, ослабената либерална демократија ќе стане само еден од повеќето можни идеолошко-вредносни наративи во светот. Кинескиот модел, рускиот модел (ако тој воопшто постои!), стариот добар национал-центричен или националистички модел, ќе стануваат привлечни приказни за збудалениот свет во потрага по брз успех или реставрација на славното минато. На трагата на овие модели, идентитетите, нацијата, историјата, нашите вредности, нашата цивилизација и други апстрактни мирудии ќе го опсипуваат мизансценот зад кој секојпат ќе се кријат цинични и/или лукративни мотиви. Предвремениот крај на историјата (Фукујама) и конечната победа на либералната демократија ќе треба да почекаат подобри времиња. Сепак, увереноста дека либералната демократија, со сите свои недостатоци, е веројатно најпристојниот модел за уредување на човечките животи и за сочувување на безбедноста на единките и на колективитетите не треба да нè напушти, дури и во миговите кога ние, овде и тука во Македонија, ги чувствуваме горчливите плодови на нејзината бавност, хипокризија и постојана потрага по (невозможни) консензуси. Бидејќи ѕверката што чека зад аголот има јасни и манифестни амбиции: да се гости со пленот.

А каде е всушност Македонија, нашата локална катена мунди, во оваа голема геополитичка приказна? Стутулена во прегратката на НАТО-алијансата, отфрлена од можноста да се збогати и да си ги стабилизира институциите преку брза ЕУ-интеграција, уплашена од можните преседани и прелевање на логиката на конфликтот во Украина, Македонија чека на далечните маргини на светските збиднувања без намера ниту можност да се обиде да си го освои сопственото место. Заземајќи резолутна пронато и антируска позиција, нашава држава, од денес, па натаму, недвосмислено се приклучува кон западното семејство. Веројатно смирувачки, а истовремено и застрашувачки се зборовите на американскиот претседател Џо Бајден дека САД ќе ја брани секоја педа од територијата на НАТО. Ние, позиционирајќи се на линијата на огнот, веќе немаме избор за геополитички калкулации. Влегуваме во еден поделен свет во кој ние си го имаме своето место, за добро и за лошо. Вештината на политичарите и на владејачките елити ќе биде да искористат максимум од оваа наша позиција за доброто на сопствените граѓани и благосостојбата на сопствената држава. Зашто на крајот на денот секој се спасува на начин на кој знае и умее, а пријателствата и непријателствата никогаш не се вечни. На тоа нè учи блудната светска историја, а Балканот е нејзино важно поглавје.

Либералната демократија, ете триесетина години по Хантингтон и Фукујама, веќе не е најпосакуваниот политичко-економски поредок. Веројатно лесно е и емпириски и идејно да се докаже дека таа е најдобриот поредок измислен од човекот до сега, но тоа не значи дека е и најпопуларниот. Популистите од сите краеви, инспирирани од некои темни долапи, некои можеби и инхерентни на самата либерална демократија, постојано и релативно успешно ја компромитираат идејата за општества и држави базирани на почитувањето на човековите права, правна и економска сигурност, слобода на говор и слобода на здружување во разни асоцијации и заедници. И покрај сите предизвици и неправди, вреди да се запрашаме на кој свет сакаме да му припаѓаме.


(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано