Интервјуа

ИНТЕРВJУ СО ЕРИК ЏОНСОН, ИНЖЕНЕР ВО ГУГЛ

 

На неполн километар од Гуглплекс, комплексот на главните простории на корпорацијата Гугл, на планината Маунтајн Вју во Сан Франциско, Калифорнија, сместен е Гугл икс, или стилизирано Google[x], дивизија посветена на најголемите технолошки предизвици и прогрес. Проектите што се развиваат во овие креативни лаборатории не се само успешни, туку со своите визионерски решенија, како на пример автомобилот кој вози сам, не се далеку од концептите на научната фантастика. Но, и покрај овој високопрофилен и авангарден предизвик, Гугл е познат по дизајнирањето на релаксирана работна атмосфера, а ефектот на околината врз креативноста и продуктивноста на вработените е тоа што ја прави компанијата успешна и привлечна. Во кој било простор на Гугл низ целиот свет, освен живи и пријатни бои, ќе забележите некоја игра во тек, ѕид за качување, базен, флипери. Не само што менаџерите на Гугл сфатиле дека компанијата нема што да изгуби, туку тоа што го добива е бесценето.
Имаме ексклузивна привилегија, преку инсајдерско око, да погледнеме низ клучалката на секојдневјето на оваа корпорација и да пронајдеме дополнителна инспирација за нашето работење.

„Best company to work for“ – Најдобра компанија за работа! Со ова мото Гугл му покажа на светот успех на еден интелигентен концепт. Се работи за идејата на дизајнирање на околина пријателски настроена кон човекот, што влијае на работните навики и ,секако, ги зголемува продуктивноста и креативноста. Какво е вашето искуство, како го доживувате вашиот работен простор?

Јас работам во посебна дивизија на Гугл наречена Google[x]. Ние работиме на хардвер проекти, како на пример автомобили што возат сами, гугл глас очилата , интернет достапен за цел свет итн. Зградите во кои работам често се преуредуваат со цел да се одговори на променливите потреби на вработените. Во споредба со другите кампуси, вклучувајќи ги и останатите канцеларии во Сан Франциско, овде атмосферата многу повеќе наликува на стартап. Работниот простор е отворен, нема канцеларии и затворени коцки, туку само бироа со мали паравани. Имам поглед на небо и вода, подот е модерен, бетонски и имаме кул висечки столици во аглите.
Гугл вложува доста напори во физичката околина, но дали тоа навистина ги зголемува креативноста и продуктивноста? Честопати се прашував, а особено пред 2,5 години кога почнав да работам тука и го откривав камупсот за првпат. Луѓето се во оптимална форма кога се чувствуваат комотно и како дома. Релаксирани се, поприродно разговараат со колегите и се во склад со себе. Во ваква состојба идеите и комуникацијата течат слободно. Не се работи за тоа дека неколку оригинални декорации и удобни столици ќе овозможат некому да размислува подобро. Но, за разлика од стерилните, голи коцки и синтетичка околина, тука вработените се чувствуваат опуштено. Наместо вашиот мозок да вели „OK, сега сум на работа и морам да се однесувам на одреден начин и јас можам да бидам друга личност“, вие се наоѓате во место со органски амбиент, едноставно СТЕ таму и полесно е да биете свои. Кога луѓето се среќни на некое место и комотни во својата кожа, комуникацијата и добрата работа се случуваат слично како на голема маса во кујна. Сметам дека поврзаноста меѓу местото и личноста се најважен фактор.

Ерик Џонсон

 

Кои се вашите работни задачи во компанијата, постои ли прецизен опис на работното место или линиите се флексибилни?

Јас сум машински инженер и работам во петочлена екипа. Ние дизајнираме и градиме машини што се користат во Google[x], но не постои формален опис за тоа што го работиме. Постои менаџер што го одобрува тоа што го работиме, но вистинската сила се моите колеги кои ако знаат што правам и сметаат дека е тоа релевантно, соработуваат и помагаат.

Вашиот поглед на секојдневниот живот во срцето на компанијата е драгоцен. Дали навистина е космополитска, како се одвива вашата интеракција, како пласирате нови идеи?

Во Гугл има доста слобода, но и чувство за одговорност и за цивилна должност како дел од тоа да си гугли. На пример, никогаш не сте далеку од кафуле со исклучително добра храна. На почеток лесно е да се злоупотреби, но првобитната слабост за ова задоволство поминува постепено и луѓето сфаќаат дека доволно е да земат само толку колку што им е потребно. Доколку нешто е расипано, гуглерите ќе се обидат сами да го поправат. Секако дека имаме вработени за одржување и тимови за поддршка, но најдобро е да согледаш што може да се направи веднаш наместо да чекаш некој друг да го стори тоа со оправданието дека си премногу важен или зафатен. Голем е бројот на млади вработени со исклучителна заработка и постои ризик за вакви ставови, но тука има силна култура на партиципација и помагање, што помага да се избалансира оваа тенденција.
Можеш со секого да разговараш за сешто, единствената граница во учеството се твојата лична иницијатива и заинтересираност. Во кафулињата преовладува атмосфера на луѓе фокусирани на нивната работа, кои разговараат со своите соработници, но кои исто така со леснотија можат да се вклучат во дискусијата на соседната маса. Секоја недела има презентација на целата компанија од Лари и Сергеј за да се дискутира за различни проекти и да се одговара на прашања. Тоа е еден од начините да се пропагира културата на компанијата, иако таа е доста порасната. 15 години неделно собирање со илјадници луѓе, можете ли да го замислите тоа. На тој начин сите ја добиваат истата информација и можат на свој особен начин да разговараат за тоа. Гледам нови идеи како се шират преку демо, но исто така и на стариот добар начин, од уста на уста. Постојат неколку формални структури, така што доколку си заинтересиран за нешто што горе долу има смисла, доколку успееш да убедиш неколку колеги да започнат да работат на идејата и ако има некаков резултат, можеш да продолжиш, можеби тоа ќе биде новиот гуглхром или џимејл. Можеби ќе се покаже дека поради некоја причина проектот не успева, но никој нема да те осуди, ниту да те сопре, продолжи да се обидуваш и да споделуваш. Споделувањето и транспарентноста се многу важни. Може да изгледа случајно, но постои природна селекција на идеите за кои луѓето можат да одберат да гласаат со нивното време и знаење.

Нинџи за техничка поддршка? Навистина?

Имаме место наречено Текстоп, што служи за помош во ИТ проблеми. Тоа е како сервис за помош во врска со кој било компјутерски проблем. Компјутерите се алатки за кои не е секој експерт во сè. Но, навистина луѓето во овој сервис се нинџи – добро истренирани, тивки, ефикасни и сакаш да си им симпатичен.

Лоби градина во Сиднеј, простор - јајце за состаноци во Цирих, лаунџ во стил на паб во Даблин, татами соба за состаноци во Токио, изгледа дека добробитот на вработените е високо на листата на приоритети. На кој начин овие неконвенционални објекти ја стимулираат креативноста? Можете ли да ни кажете нешто повеќе за социјалната политика на компанијата?

Мислам дека овие работи привлекуваат многу повеќе внимание однадвор. Кога сте во Гугл луксузните работи бледнеат во позадина. Можеби пабовите се интересни за помладите гуглери. Сметам дека овие работи помагаат да се потсетиме дека работата може да биде забавна и ако некој е под стрес, може да се опушти. Гугл се грижи за здравјето на вработените повеќе од која било компанија за која сум слушнал. Стресот не значи продуктивност. Ако сте мотивирани, наместо стрес можете да трчате, да играте некоја игра или да земете пауза, а кога ќе ви се избистри главата да се вратите на работа. За да бидете продуктивни континуирано и со стабилна кариера, работата мора да биде забавна и разновидна, зачинета со зачини што би ги имал некој мал град. Зошто мора да живееме во град? Не одиме во опера секоја вечер, а дури и купување намирници или возење со автобус може да биде забавно. Истото е на работа. Гугл во Маунтанј Вју, каде што јас работам, е мал град и дури и кога имам рутински ден секогаш може нешто интересно да се случи. Самиот распоред на просторот и на зградите го стимулираат ова. На пример, запознав интересни луѓе само поради тоа што истовремено гледавме иста фотографија.

Креиравте бројни веб-продукти што овозможувајќи поврзаност со светот и пристап кон информации придонесуваат за развој на културата и на бизнисот од сите категории. Како изгледа вашата програма, на кој начин ја адаптирате понудата кон толку широка и универзална употреба?

Како обичен корисник на гугл докс и гугл драјв, мислам дека споделбата и флексибилноста се големи идеи. Продуктите се комплексни, но се лесни за употреба, па дури и на почетниците им помага идеите и соработката да се одвиваат природно. Гугл ги таргетира навистина големите пазари, убивајќи ги производите што се за употреба на премногу мал пазар, па дури и да се функционални. Стратегијата е утилитарна. Што е најкорисно за најголем број на луѓе? Гугл не е дизајн ориентиран како Епл или со секоја можна функција во опција како Микрософт, туку повеќе е како проект отворен извор (open source). Алатките се флексибилни и можат да се користат на разни начини во бизнисот. Сметам дека бариерата за да се почне со користење на алатките на Гугл е апсурдно ниска така што корисниците почнуваат и остануваат со тоа. Сѐ што ви треба е да се пријавите за адреса на е-пошта и со тоа добивате бесплатна канцеларија! Вработените во Гугл користат гуглдокс и гуглапс, не е невообичаено да видите документ или табела на која работат четворица истовремено. Потребно е време за адаптирање на ова ниво на соработка, но е стимулативно и се работи доста брзо. Со овој нов начин на ултрасоработка фокусот се става на финалниот резултат, не е важно кој и како стигнал до тоа. Текот на работа кога користиш споделени апликации дава многу повеќе чувство на социјалистички колектив отколку на капиталистички херој. Ние едноставно се приклучуваме за нешто, го уредуваме и го менуваме како екипа.

Хром и андроид се на листата на успешни производи што ги креиравте. Можеби мојата идеја е наивна, но дали би сакале да споделите со нас како работи вашата лабораторија за идеи?

Идеите доаѓаат од стратегии на високо ниво, но голем дел од најдобрите идеи започнаа со мала група на гуглери кои биле заинтересирани за нешто. Замислете дека имате голема идеја, но не знаете како да ја спроведете. Можете да потрошите доста време и ресурси во потрага по таа визија, но ако веќе знаете барем малку за тоа како функционира и во кој правец би се движела, визијата и капацитетите ќе се сретнат некаде во средината. Мислам дека генерално вака се случува. Во Google[x] некои работи се далечни, воопшто не знаеме како да ги оствариме визиите, но продолжуваме да пробуваме нови работи.
Луѓето се тие што го прават Гугл таков каков што е. Вработуваме интелигентни и детерминирани луѓе, но ја привилегираме способноста врз искуството. Иако гуглерите делат заеднички цели и визии за компанијата, тука се зборуваат цела низа јазици што воедно ја рефлектираат глобалната публика на која ѝ служиме. Кога не се на работа гуглерите се интересираат за велосипеди, за фризби, за фокстрот, се трудиме да одржиме отворена култура што често е поврзана со стартапи и во која секој може да придонесе со своите идеи.

Подготви: Лидија Георгиева

ПРЕПОРАЧАНО