Општество
СРЕЌА (алегориска приказна)
Сузана Камберова
Авторот е доктор по медицина
Беше еднаш една девојка која се викаше Среќа. Мајка ѝ ја доби на постари години, кога веќе ја беше напуштила вербата дека ќе има пород, па бидејќи многу се израдува на неочекуваната среќа, реши на својата ќерка да ѝ даде име во чест на таа непредвидлива и каприциозна придружничка на луѓето.
Имаше тука уште една причина. Жената сакаше со мало лукавство да ѝ обезбеди лесен живот на својата ќерка. Таа веруваше дека името го обележува животот на оној кој го носи и токму затоа треба да се избере со големо внимание. Зборовите имаат скриено значење на пророштво, беше уверена, и мора многу добро да се размисли пред да се изговори и само еден збор, а камоли цела реченица. На пример, таа се викаше Солза и, иако името ѝ беше дарувано според преубавото пролетно цвеќе, во животот пролеа толку многу солзи што можеше да наполни цел еден океан. Плачеше дури и за несреќата на непознати луѓе, толку беше осетлива на сите неправди и болки на овој свет. Таква една судбина никако не ѝ посакуваше на својата премила ќерка. Сакаше во животот сè да ѝ врви лесно и без многу мака, а луѓето да ја прифатат и да ја засакаат на прв поглед. А постои ли нешто што повеќе ќе им ги разгали и отвори срцата од среќата?
И така девојчето го доби необичното име. Итроштината на нејзината мајка се чинеше дека веднаш донесе успех. Штом некој ќе ја сретнеше и ќе ѝ го слушнеше името, мислите веднаш му се разведруваа, а очите му се насмевнуваа. Сите сакаа да бидат со неа, секој ја викаше кај себе и сакаше да биде во нејзино друштво. Ја опсипуваа со милост и внимание. Така се наредија работите и никој не можеше да каже дали Среќа навистина има среќна ѕвезда или љубовта, пријателството и вербата со која другите ја даруваа раѓаше исти такви плодови.
Среќа во меѓувреме растеше навистина мошне среќно. Имаше безброј пријатели кои ја обожаваа, роднините и соседите, па дури и професорите на училиште кон неа се однесуваа како да е некое полубожество, а понекогаш, не толку ретко, непознати луѓе доаѓаа во нивната куќа и молеа само да ја сретнат, надевајќи се дека ќе им се посреќи во исполнување на некоја нивна желба. Дури растеше сето тоа ѝ претставуваше задоволство и ја веселеше. Има голема среќа во тоа да им носиш среќа на другите, особено на оние кои ги сакаш.
Но, кога порасна нешто почна да ѝ пречи. Еден ден седна пред едно големо огледало, ја спушти главата на дланките и се налакти пред сребрената површина, па се загледа во својот одраз, долго и замислено. Се обидуваше да види дали е Среќа среќна девојка.
Веќе некое време таа беше вознемирена и тажна. А кој видел и чул за тажна среќа? Ништо се немаше променето, но едноставно нешто не беше во ред. Таа, просто кажано, не си припаѓаше на себе. А тоа изгледа беше голем проблем зашто секое битие во себе носи сопствен извор на сила од кој се напојува. Кога ќе ги задоволи сопствените потреби, дури тогаш може да им даде и на останатите. Среќа чувствуваше дека луѓето сè повеќе бесчувствително ја грабаат, дека ѝ одземаат сè, дури сметаат дека на тоа имаат право. Пред некое време еден мошне груб човек сакаше да ја грабне и да ја држи крај себе сè дури не му донесе среќа во некои матни зделки од кои очекуваше големо богатство. Се појавуваа сè повеќе такви како него. Имаше еден друг, кој беше вљубен во некоја глумица, која дури и не живееше воопшто во нивниот град, туку во една далечна земја, но тоа не го спречуваше постојано да ја прогонува неа, инсистирајќи да му донесе среќа во таа невозможна љубов. Речиси секојдневно пред нивната порта имаше цела редица непознати луѓе кои се лутеа ако не ги удостои со средба. Некои имаа толку себични барања кои не можеше ни да ги замисли, а камоли да ги исполни.
Таа сфати дека луѓето имаат бескраен број различни замисли за тоа што е среќа и дека стануваат сè подрски и поневоспитани во своите очекувања. Таа не можеше сето тоа да им го овозможи, не можеше веќе ни самата себе да се усреќи. Можеби треба да постојат поголем број Среќи, си помисли, но никој друг, се чинеше, не беше дошол на таква оригинална идеја како нејзината мајка. Стануваше сè поосамена, а бројот на неисполнети барања вртоглаво растеше. Веќе никаде немаше мир од луѓето.
Така Среќа, не знаејќи како е најдобро да постапи, реши да избега. Ќе отпатува далеку и ќе почне одново. Имаше многу пропуштено, време беше сето тоа да го надомести. Па таа воопшто и не живееше за себе, туку постојано за другите.
Речено-сторено. Еден ден само ја снема од градот. Веднаш се крена голема паника. Граѓаните паднаа во страшен очај, дури излегоа на улиците да се бунтуваат. Ни самите не знаеја кому и за што се лутат, но тоа не ги спречи да протестираат. Беа бесни и се чувствуваа изневерено. Како е можно Среќа(та) да ги оставила? Па тоа никому му се нема случено, никогаш. Некаде дури постојат закони со кои државата на своите жители им гарантира право на среќа. Да, ви се молам, па тие полагаат законско право на неа. Решија да се бунат против државата и нејзиното раководство. Мора да ја најдат и да им ја вратат Среќа(та) бидејќи без неа не знаеја самите како да бидат среќни. Пуста навика и мрза. Толку им беше животот убав дури таа беше крај нив, та сега им се чинеше невозможно да продолжат понатаму потпирајќи се на самите себе и на сопствените сили.
И така протестираа, се лутеа и плачеа по цели денови зашто тоа беше најлесно да се направи. Ништо веќе не работеа. Одбиваа дури и да се обидат да ги решат натрупаните проблеми, туку инсистираа да им се врати Среќа(та). Секојдневно беа сè покатегорични во тоа барање. Си пишуваа долги писма во кои филозофски се изразуваа, надмудрувајќи се едни со други. Дури се поделија во два спротивставени табора кои остро се судираа во секоја пригода, обвинувајќи се меѓусебно што Среќа(та) им избегала. Веста за нивниот случај го обиколи и светот. Многу медиумски агенции ја пренесоа приказната за тешката судбина на граѓаните на таа земја, кои, за жал, останале без Среќа. Светот замислено се думаше над нивната судбина, обидувајќи се да се поучи од нивниот пример за да не заврши исто така трагично. Но, бидејќи никој друг во светот никогаш и немал таква привилегија да ја познава лично Среќа(та) и да добива од неа со лесно сè што ќе посака, си продолжија да го прават она на што беа научени – работеа со љубов и напредуваа со труд. Светот продолжи напред, а несреќните сограѓани на Среќа(та) останаа замрзнати во минатото, во денот кога таа ги напушти. И така започна нивната пропаст која траеше долго и беше грда за гледање.
За тоа време Среќа(та) стаса до еден далечен тропски остров и таму го запре своето патување. На островот имаше малку луѓе и сите живееја мошне едноставен живот, но беа секогаш ведри и задоволни. Тие немаа недостижни амбиции, ниту знаеја што се тоа пари, уште помалку живееја за да створат вишок богатство. Немаа ни часовник. Наутро ги будеше сонцето, а навечер ги покриваа ѕвездите. Го јадеа она што ќе го уловеа или одгледаа и постојано си помагаа еден со друг. Немаше ниту студ, ниту глад, ниту тага, ниту злоба. Навечер се собираа под Месечината и раскажуваа приказни. Среќа сфати дека најпосле таа дошла на местото на кое припаѓа и така остана да живее меѓу тие луѓе кои ниту ја прашаа како ѝ е името ниту од неа нешто побараа. Едноставно ја прифатија со раширени раце и отворено срце. А таа им возврати, за прв пат во животот, навистина среќна.
А што се случи со нејзините бивши сограѓани? Многу години поминаа, а тие сè уште не можеа да откријат зошто од напреден град станаа место кое секој го заобиколуваше на географската карта. Сè уште само кукаа и тагуваа по животот кој некогаш го имале, кога меѓу нив била Среќа(та). И чакаа таа да се врати за работите да тргнат повторно на подобро. Ја чекаа долго и неуморно, како на стража. И понатаму ништо не работеа зашто не веруваа во себе. Светот почна да ги гледа со презир, па дури и со одбивност, а тие се чудеа зошто е тоа така. Па тие се само жртви на лоша судбина. Кога Среќа(та) би им се вратила, ехе, би биле тие од сите подобри. Во меѓувреме продолжија со меѓусебните обвинувања и бескрајните препирки. Оние кои одбиваа да се помират со таквиот живот се пакуваа и го напуштаа градот. Останатите за нив велеа дека отишле во светот да си ја бараат среќата, а тие продолжуваа по старо.
За среќа, Среќа не дозна ништо од сето тоа. А и да дознаеше немаше да може да им помогне зашто Среќа може да живее и да постои само на место каде што секој ја носи во себе, му извира во срцето и душата, каде што таа им припаѓа на сите, а истовремено не му припаѓа никому, туку само себеси.
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)