Општество

Азески: Историската големина на украинскиот конфликт

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Ако судиме по историските искуства − воениот конфликт во Украина ги има сите неоходни предиспозиции да прерасне во нешто многу поголемо и многу пострашно. Без разлика на сè што се тврди, приказната е многу поголема и од енергетските и од воените интереси. Овде се работи за две моќни и дијаметрално спротивни страни од светот кои полека се загреваат за многу поголем цивилизациски судир


Веќе речиси еден месец како сите да подзаборавивме на пандемијата предизвикана од корона вирусот и целосно да се посветивме на случувањата во Украина. Имало и досега воени конфликти во светот како оние во Ирак и Авганистан, но ниеден не се следел со толкаво внимание од македонската јавност како сегашниот. Поголем дел од нас и нема објаснување зошто е тоа така, но сепак како сите да претчувствуваме дека оваа војна е дефинитивно многу поразлична од сите претходни на кои сме биле сведоци или за кои сме слушнале во последниве 75 години.

СУДИР НА ЦИВИЛИЗАЦИИ
Со сета почит на големите жртви на украинскиот народ и со сета почит кон милионите бегалци разместени насекаде низ Европа, но овој конфликт дефинитивно не може да се третира само како руско-украински. Всушност, се работи за војна која беше идеолошки режирана во голема мера и материјално потпомогната од Западот, поконкретно од припадниците на англосаксонската цивилизација. Цели осум години украинската војска се обучуваше и се вооружуваше од државите на НАТО-алијансата кои, иако не се вклучија директно во конфликтот, многу се присутни на теренот.
Поради сето ова си земам за право како историчар овој конфликт (кој е дел од поширокиот план за ширење на НАТО кон Исток) да го третирам само како еден од серијата цивилизациски судири меѓу Истокот и Западот.
Колку да потсетиме, сите поголеми војни во историјата се воделе на оваа основа. Источната Персија се борела со западните Хелени, Западното Римско Царство војувало со источните орди на Хуните. Западните крстоносци ги напаѓале источните неверници и така натаму. Проблемот настанува што во тој филм на источно-западни војни влегуваат и условно речено припадници на една иста религија. Па така Царска и Советска Русија до сега барем три пати е напаѓана од Западот кој, рака на срце, сè уште не успеал да ја освои.
Првиот конфликт е секако походот на Наполеон на Москва на почетокот на 19 век, кога најголемиот војсководач во историјата на Европа дури и кратко ќе успее да ја заземе таа „неосвоива“ Москва. Многумина историчари и воени стратези сметаат дека руската зима всушност го победила Наполеон и го приморала да се врати назад. Руските историчари и писатели пак ја величат улогата на маршал Кутузов кој со својата неконвенционална воена генијалност го поразил дури и самиот Наполеон. Но, ни едните ни другите малку го земаат предвид степенот на страдање кој е спремен да го поднесе рускиот народ кога вистински ќе се обедини за една поголема цел.
Тоа уште повеќе ќе се покаже и ќе се докаже за време на Втората светска војна кога тогашниот Советски Сојуз со повеќе од дваесет милиони жртви убедливо ја плати најголемата цена за победата над злото наречено фашизам.
Кога пред неколку години го прашаа Путин што е денеска разликата меѓу Русија и САД кога веќе не постои комунизам, тој даде еден интересен одговор. Кажа дека во најпознатиот американски филм „Одвеано со виорот“ клучната реплика на Скарлет О Хара е дека таа никогаш нема да дозволи повторно да биде гладна по ниедна цена. Тој тогаш на малку ироничен начин потенцираше дека тоа е најважно за Американците и веројатно мислеше на консумеризмот како единствено мерило за среќа во современо општество. Од друга страна, рускиот народ е навистина познат по гладни години кои многупати морал да ги издржи во име на некоја поголема цел.
Затоа веројатно Западот и греши со природата на санкциите кои ѝ ги наметнува на Русија. Веројатно да се обедини цел свет и на САД да ѝ наметнат вакви санкции, тие би се предале за една недела. Нивниот народ не е научен да страда за ниедна цел, освен за пари. И веројатно оттука потекнува природата на нивната грешка бидејќи тие дизајнираат санкции врз база на самите себеси. Од друга страна, има народ кој не растел со „Одвеано со виорот“, туку со страдалнички епопеи како оние за битката кај Сталинград.
Ова не е величење на супериорноста на Русија, а уште помалку на нејзиниот моментален поход низ Украина кој досега донесе толку многу недолжни жртви. Правиме само поширока анализа на вистинските случувања зад кулисите и она што реално може да се случи.

ЗОШТО Е МОЖНО ВОЈНАТА ДА СЕ ПРОШИРИ И НАДВОР ОД УКРАИНА?
Веќе пишував дека по секоја можна „логичка“ логика − Македонците би требало да навиваат за Украина во овој судир. Тоа е државата која најмногу ни помогна во конфликтот во 2001 година и држава која моментално се соочува со сецесионистички движења со какви ние се боревме цели триесет години. И покрај сето ова, состојбата со нашите симпатии е баш спротивна и по најоптимистичните прозападни анализи барем 60 % од нас ја поддржуваат Русија во овој конфликт. Ако во оваа статистика се додаде дека барем една четвртина од населението како припадници на некоја друга националност и вера вообичаено се антируски − испаѓа дека од 65 % Македонци само 5 % искрено навиваат за Западот во оваа цивилизациска војна.
Значи во државата членка на НАТО која е пример за прогресивност и прозападна лојалност, 60 % од населението се русофили. Е па тогаш каква е состојбата во другите држави членки на поранешниот Варшавски пакт или уште полошо во барем 5 поранешни советски републики (како балтичките и кавкаските каде што живее голем процент изворно руско население)?
И најстрашно од сè, каква е состојбата меѓу милијарди во светот кои не се русофили, ама поради оправданата омраза која ја имаат кон колонијализмот на Лондон и неоколонијализмот на Вашингтон радо би застанале зад секој кој е доволно смел да им се спротивстави?
Едноставно војната во Украина има вистински потенцијал да биде многу поголем пекол од и онака „катастрофалната“ катастрофа која ја преживува украинскиот народ деновиве. Тие едноставно само ја имале несреќата да бидат избрани за топовско месо кое ќе биде претходница на една многу поголема цивилизациска војна која дефинитивно допрва доаѓа во светот.
Ако е за утеха, никој, апсолутно никој од нас нормалните луѓе не веруваше дека ќе дојде до ова. Затоа сега не треба да бидеме наивни дека во актуелниов случај се работи само за една од серијата помали локални војни кои веќе триесет години го следат распадот на СССР. Напротив, вистинското лице на ова што се случува деновиве околу Киев, Мариопол и Одеса ќе го видиме многу подоцна. Нормално, под услов и кај нас да не настанат некакви конфликти, па воопшто да немаме време да гледаме и да анализираме, туку да се занимаваме со спасување жива глава.


(Економија и бизнис, печатено издание, април 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО