Интервјуа

Денковски: Јубилејни 25 години за Веро и почеток на нов инвестициски бум

Петар Денковски

Генерален менаџер на Веро

Поминаа 25 години откако Веро го отвори првиот модерен супермаркет во земјава, кој беше многу поразличен од продавниците на кои дотогаш бевме навикнати. Како вие го доживеавте тој момент, какви се вашите сеќавања од тој период?

− Отворањето на првиот модерен Веро супермаркет во скопската населба Аеродром беше вистинско освежување во малопродажбата. Веро воведе нови трендови во пазарувањето, донесе нови искуства кои дотогаш граѓаните ги имаа само во странство, во голема мера ги промени навиките на потрошувачите, но и ги подигна нивните очекувања за тоа како треба да изгледа модерното пазарување со квалитетна услуга. Она на што се сеќавам многу јасно од тој период е дека имав огромна желба да бидам дел од тоа случување, од тој пионерски потег на компанијата „Веропулос“ која храбро се впушти во инвестирање на пазар кој дотогаш беше многу непознат за соседните земји. Постои изрека дека за секој успешен бизнис, некој во одреден момент донел храбра одлука. Така беше и во нашиот случај. Тоа беше период кога повеќе генерации бевме директни сведоци на удирањето темели на модерната малопродажба во земјава. Ја имав таа среќа да бидам дел од успешниот колектив на Веро, континуирано да учам и да напредувам во мојата кариера искачувајќи се скалило по скалило во компанијата и 25 години активно да придонесувам во пишувањето на една од најуспешните бизнис-приказни во земјава.

Во 1997 година Веро беше меѓу првите странски инвеститори во Македонија. Во кој правец се развиваше компанијата оттогаш и како е позиционирана денес?

− Уште од отворањето на првиот маркет во Аеродром, Веро имаше јасна визија за тоа што сака да им понуди на потрошувачите и сите овие години не отстапуваме од таа стратегија. Со добра деловна стратегија и внимателното планирање, бизнисот се развиваше според очекувањата така што денес дел од нашето семејство се 12 Веро маркети во Скопје, Битола и Тетово, трговскиот центар „Веро центар“, како и франшизи за пет „Џамбо“ маркети (Jumbo), за ресторанот за брза храна „Гудис“ (Goody’s) и за популарниот ресторан за самопослужување „Фул плејт“ (Full plate) во состав на Веро центар. Денес Веро е успешна и финансиски силна компанија која ѝ е добро позната на бизнис-заедницата и на пошироката јавност, што е одлична гаранција за нашите доставувачи и резултира со долгогодишна успешна соработка со нив. Соработката со доставувачите е еден од столбовите на градењето и развојот на бизнис во земјава. А ние со нашите доставувачи градиме искрени и партнерски односи при што со гордост истакнуваме дека со најголем дел од нив имаме 25-годишна заедничка историја и соработка. Заедно растевме и ги развивавме нашите бизниси, поттикнувајќи се и поддржувајќи се едни со други. Таа заемна поддршка се темели на фер однос и доверба и е основата врз која Веро го развива својот бизнис.

Вие сте дел од Веро уште од самите почетоци на работењето во земјава. Што се смени во малопродажбата во овие 25 години, колку се сменија навиките и барањата на потрошувачите?

− Локалниот, но и регионалните пазари интензивно растеа и се развиваа во изминативе години, така што и условите се сменија многу. Промените се најевидентни во модернизацијата на процесите на работа и сѐ поголемата примена на информатичките технологии во работењето. Тоа е неизбежен процес за сите компании кои сакаат да одат напред и да ги следат модерните трендови во работењето. Како што се менуваа условите, така се менуваа и навиките на потрошувачите. Но, иако условите се сменија многу, едно нешто остана непроменето во сите овие години – очекувањата на потрошувачите дека во местото што го избрале за пазарување секогаш треба да добијат врвна грижа и квалитетна услуга. Нашите потрошувачи се многу едуцирани, модерни, со истенчен вкус и ги следат светските трендови. Тие многу лесно можат да оценат што значи квалитетна понуда и ефикасна услуга така што тука нема простор за импровизации. Затоа обезбедувањето на максимална грижа за потрошувачите и квалитетната услуга се приоритет во работењето на Веро од самиот почеток. Тоа е нашето „тајно оружје“ и гаранцијата за долгорочен успех. Уште од самиот почеток на работењето се водиме според девизата „Потрошувачот е нашиот шеф“, тоа беше и остана нашето главно мото.

Годинава славите голем јубилеј, 25 години на македонскиот пазар. Што сметате дека е најголемо достигнување на компанијата за овој период и дали има нешто што би го направиле поинаку од денешен аспект?

− За да се одржите на врвот 25 години на конкурентен пазар потребно е да вложите многу енергија, знаење и желба за успех. Дваесет и пет години се долг период во кој почнавме буквално од нула во земјава и за брзо време се искачивме на највисокото скалило каде што Веро го издигнавме во бренд кој е синоним за врвен квалитет. Имаме многу успеси, награди и признанија од релевантни домашни и меѓународни институции со кои навистина се гордееме, но сепак лично сметам дека најголемо достигнување е нашиот успешен тим во чиј развој континуирано вложуваме низ годините, задоволството на потрошувачите секојдневно се потврдува со нивната лојалност, како и довербата и поддршката од заедницата за секој општествено одговорен проект зад кој застануваме и го спроведуваме. За среќа, јас сум човек што многу внимателно размислува и анализира пред да донесе каква било одлука така што не постојат работи кои од денешна гледна точна би ги направил поинаку бидејќи праксата покажа дека како компанија секогаш се движиме во вистинската насока. Она што во моментов сметам дека треба да се подобри е поголемата застапеност на Веро и на Џамбо и во други поголеми градови во земјава со што ќе ја зголемиме нашата мрежа на маркети и ќе им излеземе во пресрет на барањата и на очекувањата на многу наши граѓани. Периодов активно работиме на овој сегмент така што во претстојниот период ќе ги реализираме и овие планови.

Присутни сте во три града од земјава, во Скопје, во Тетово и во Битола. Кој е главниот критериум според кој се водите при изборот на градовите каде што се шири компанијата?

− Кога се носат инвестициски одлуки менаџерскиот тим на компанијата зема предвид голем број критериуми како што се економски, демографски, логистички параметри и сл., а нашиот тим постојано е во потрага по најдобрите локации низ земјава кои би биле соодветни за отворање на Веро маркети во согласност со долгорочните планови и цели на компанијата. За Веро е карактеристично тоа што отсекогаш ги избирал најдобрите локации за своите маркети без оглед дали гради сопствени маркети или користи веќе постоечки објекти. Сите тие имаат простран и уреден паркинг-простор бидејќи нам ни е многу важно на нашите потрошувачи да им овозможиме удобно пазарување во секој поглед. Основен критериум по кој се движиме при отворањето нови маркети е да создадеме објекти во кои потрошувачот од почетокот до крајот на пазарувањето ќе се чувствува пријатно, слободно и максимално ќе ужива, заминувајќи со чувство на исполнетост и на задоволство. Целта ни е пазарувањето во Веро да не биде обврска, туку едно убаво искуство и уживање во времето поминато во купување.

Имате ли планови за проширување и во други градови?

− Плановите за проширување на малопродажната мрежа се секогаш присутни, но периодот на ковид кризата малку ја забави нивната реализација. Оваа јубилејна година на Веро е година на инвестициски бум така што, покрај постојните три градови во кои сме присутни, наскоро ќе се појавиме со свои маркети во уште два града – Куманово и Струмица. Отворањето на маркетот во Куманово го планираме за втората половина од годинава, а веќе следната година ќе ги отвориме вратите и на нов, модерен маркет лоциран во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје, кој е во завршна фаза и ќе се отвори во март 2023 година. По Куманово, малопродажната мрежа ќе ја прошириме и во Струмица со нов модерен објект во чиј состав ќе има Веро и Џамбо маркет со што Веро брендот ќе стане присутен и во источниот дел на земјава. Проширувањето на малопродажната мрежа на Веро низ Македонија нема да застане тука бидејќи нашите долгорочни планови за следните години опфаќаат отворање на повеќе Веро маркети во уште неколку други градови со што ќе продолжи реализацијата на нашите амбициозни планови за развој.

Неколку години по ред Веро е лидер во малопродажната дејност по остварениот профит. Што е пресудно за ваквиот развој на бизнисот? Какви се вашите очекувања за финансиските резултати годинава?

− Веро е компанија во која многу внимателно се планираат чекорите кои се однесуваат на развојот на компанијата, но и во која сите ги анализираме и сопствените грешки и оние на останатите учесници во малопродажниот бизнис трудејќи се да не ги повториме. Тоа учење од сопственото искуство постојано нѐ води напред, овозможувајќи ѝ на компанијата да се развива согласно плановите. Во изминативе 25 години имаме вложено над 100 милиони евра во изградба на модерно опремени маркети на најдобри локации, во обезбедување најдобри услуги за потрошувачите, во градење долгорочна соработка со нашите доставувачи, како и во едукација и развој на тимот вработени со што креиравме одлична компаниска клима за градење професионална кариера и личен развој. Плановите се во следните години да инвестираме дополнителни 10 милиони евра. Со внимателно инвестирање во развојот на компанијата во секој сегмент создадовме многу солидна финансиска основа која ни овозможува рентабилно работење, но и силно го поттикнуваме развојот на домашната економија и на државава генерално. Со сите случувања во глобалната економија предизвикани од економската и политичката криза на светско ниво, неблагодарно е во моментов да се даваат прогнози со конкретни бројки. Но, ние сме оптимисти дека и оваа година ќе ја завршиме успешно и покрај многуте препреки.

Случувањата на економски, но и на политички план во светот сериозно се одразуваат врз сите сектори на бизнисот така што ни малопродажбата не е исклучена. Како Веро се справува со „бизнис-шоковите“?

− Секако дека политичките и економските случувања во светот имаат влијание врз граѓаните, компаниите, а со тоа и врз целокупната бизнис-клима. Секогаш истакнувам дека во бизнисот не успеваат секогаш најдобрите, туку оние што ќе успеат најбрзо и најефикасно да се прилагодат на промените. Затоа сум исклучително горд на целиот тим на Веро што дури и во услови на пандемија и на глобални економски шокови заеднички успеавме да го одржиме највисокото ниво на услуга и на безбедност без тоа да има каков било негативен ефект врз квалитетот на работењето. Како генерален менаџер имав огромна одговорност во изминатиов период да го одржам бизнисот во исклучително тешко време. Имаме околу 1 000 вработени, тоа се 1 000 семејства кои се издржуваат од Веро, соработуваме со над 1 000 доставувачи и надворешни лица чиј бизнис директно или индиректно исто така зависи од нас. И покрај специфичноста на изминатиов период на пандемија во кој се наоѓавме, ние секогаш максимално ги исполнувавме своите обврски кон вработените, доставувачите и соработниците и го одржавме навременото плаќање со почитување на сите правни норми во работењето. Овој начин на работа е воспоставен стандард на Веро од кој никогаш не отстапуваме, континуирано стимулирајќи го економскиот развој на земјава. Потврда за вложените огромни напори ни е и наградата за „Најдобар супермаркет за 2021 година“ која особено ни значи бидејќи ја добивме во период кога целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија, се справуваше со сериозни предизвици. Заедништвото и сплотеноста на тимот на Веро, лидерската визија на менаџерскиот тим, но и поддршката на лојалните потрошувачи овозможуваат Веро успешно да се справи со сите домашни и глобални предизвици.



Покрај во Македонија, Веро успешно работи и во Србија, каде што бевте дел од менаџерскиот тим. Може ли да направите споредба на овие два пазари, кој од нив е поуспешен?

− Во Србија поминав 10 прекрасни години во кои со напорна работа комплетно го консолидиравме Веро и го зголемивме неговиот удел на српскиот пазар, што беше потврдено со многубројни награди и признанија од државата и од тамошните релевантни институции. Но, јас лично верувам во Македонија и во перспективите за нејзиниот прогрес и тој мој став беше клучен за да се вратам дома и да продолжам да работам на овој пазар. Српскиот пазар е многу динамичен, исто како и македонскиот, и потребни се исклучителни вештини и знаење за да може успешно да се функционира. И двата пазари ги карактеризира остра пазарна борба во која опстануваат само најдобрите, односно оние кои ќе понудат креативни и иновативни решенија кои директно ги моделираат потрошувачките навики. Иако двата пазари се со различна големина, сепак заедничко им е што имаат многу едуцирани потрошувачи со изострен вкус кои точно знаат што сакаат, каква услуга заслужуваат и во кои маркети можат да го добијат тоа. Успешноста на секој од овие пазари е во заедничкиот регионален развој, а ние преку Веро директно го поттикнуваме тој процес.

Какви се вашите идни планови во земјава?

− Малопродажбата е многу динамична дејност и неопходно е активно и будно следење на сите случувања и трендови. Кога еден тим има јасна визија за целите што сака да ги постигне, ништо не е невозможно. Нашите инвестициски планови за претстојниот период се многу амбициозни и дел од нив веќе се во сериозна фаза на реализација. По отворањето на новите маркети во Куманово, Скопје и Струмица ќе следува уште поголемо проширување на мрежата низ земјава. Тоа подразбира и инвестирање во нови локации, зголемување на бројот на вработени, едукација и обука на нови кадри, како и вложувања во долгорочни договори со домашни и странски доставувачи, што ќе биде дополнителен поттик за домашната економија. Сериозен инвестициски зафат ќе биде и претстојното големо реновирање на еден од нашите први маркети во Скопје, популарниот Веро маркет во Тафталиџе, кој комплетно ќе се преуреди и модернизира во согласност со актуелните светски трендови. Следствено на тоа, во наредниов период ќе ставиме уште поголем акцент на вложувањата во технолошки иновации кои дополнително ќе ја стимулираат е-трговијата. Паралелно со инвестициските активности продолжуваме со различните општествено одговорни проекти преку кои континуирано ѝ даваме поддршка на локалната заедница и на социјално ранливите групи, создавајќи подобра иднина за сите. Планираните инвестиции и активности потврдуваат дека Веро и понатаму останува синоним за еден од најуспешните брендови во земјава, што нѐ мотивира и понатаму да растеме и да бидеме уште подобри од ден на ден.


Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО