Општество

Георгиев: Геополитика на малите

Гордан Георгиев | авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2022г.

Геополитиката не е за малите. Тие тектонски плочи кои предизвикуваат големи потреси и редефинирање на глобалната политичка почва може да ги поместуваат само големите џинови на светската политичка арена. И притоа ни тие да не бидат сигурни до крај дека плочата нема да ги поклопи самите креатори на таквите геополитички игри. Прашајте го Владимир Путин ако не верувате.

Светот е во војна, војна чие ѕвечкање на оружјето веројатно нема да го слушнеме во нашите краишта, но последиците секако ќе ги почувствуваме, повеќе или помалку драматично. Македонија, малата Македонија, е исто така во војна. Поточно кажано, ние сме една од завојуваните страни, колку тоа да звучи чудно во нашата „оаза на мирот“. Како дел од НАТО-коалицијата ние сме интегрален дел од војната која преку прокси (Украина) се одвива веќе повеќе од три месеци. И не само што сме дел од војната, туку специфично сме означени како непријателска држава од страна на Русија, етикета со која не можат да се пофалат сите членки на НАТО. Ова го пишувам со цел да нема дилеми кај локалните аналитичари и романтичарски навивачи за тоа каде се наоѓа нашава држава во комплицираната архитектура на светскиот поредок. Настрана поединечните желби и преференции, ние сме НАТО, и точка. Оттука поведенијата и правилата во мирновременски услови се многу поразлични од оние во воени услови. Колку побрзо ја сфатиме оваа логика, толку подобро ќе можеме појасно да се гледаме себеси низ призмата на светските збиднувања.

И иако малите не се во позиција да влијаат на големата слика, тие не се небитни. И за себе и за другите. Малите треба добро да наслушнуваат, прецизно да вагаат, сериозно да анализираат. Улогата на малите дипломатии е токму тоа бидејќи одлуките кои ги носат малите далекусежно се рефлектираат врз нив самите. Македонија, овој пат Северна, се чини дека релативно безбедно се чувствува под големиот чадор на НАТО и на САД. Или барем го споделува чувството на небезбедност со најсилните нации во светот.

И ако НАТО несомнено беше прашање од витално безбедносно значење за нас, ЕУ тоа не е. Обидот на нашата дипломатија да го протурка на овој начин и во Европската Унија звучи смешно, недозреано. Папагалското повторување „ЕУ, ЕУ, ЕУ...“ станува празно место кое дури ни за ПР нема да им заврши работа на овдешните политички елити. Од друга страна, блокадата што ни ја става ЕУ (овој пат преку Бугарија) е добро алиби за нечинење ништо во поглед на домашните задачи на секоја власт. Но, спорот со Бугарија може да стане безбедносно прашање доколку трае во недоглед и доколку ЕУ и САД не разберат дека адресата за решавање на спорот е во Софија, а не во Скопје.

Македонија во моментов има „морална позиција“ и таа не е за потценување. Да, етиката во геополитиката и особено во надворешните односи не е најсилната карта на масата, но во одредени ситуации не треба да се отфрли како можност за остварување (средно-долгорочно) на сопствените позиции. Нашата морална позиција се состои во апсурдноста и какофоничноста на „неморалните“ позиции што доаѓаат од онаа страна на Деве Баир, источно од Ѓуешево. Тоа го знаат речиси сите членки на ЕУ и, секако, САД. Оттука, во свет во кој се случува војна, а ние сме задоволни од нашата позиција (НАТО), не гледам посебна причина зошто би брзале да започнеме преговори со ЕУ. Изненадувачки звучи, но нашата сегашна позиција не е состојба на агонија (како Палестинците или Курдите или пак Молдавците, на пример). Ние сме членка на НАТО, ние сме во војна која трае и ќе трае (во оваа или во некоја друга форма), не сме небитни географски и геополитички (на пример, побитни сме во моментов од една Шпанија или Португалија). Светот, особено Европа, нема премногу време да се занимава со нас. Или, поточно кажано, за збунетата Европска Унија ние претставуваме „лево сметало “, непотребно камче во нејзиниот изветвен чевел. Просто фрапантно, а истовремено забавно изгледаат вербализмите и реторичките егзибиции со кои се служат ЕУ-бирократите за да ни кажат дека денес нема ЕУ за нас, а за утре ќе видиме.

Па само прочитајте ја оваа изјава на претседателот на Европскиот совет, господинот Шарл Мишел, дадена од Тирана на 22 мај оваа година: „Направивте сè што е можно за да ги надминете предизвиците. Од друга страна, важно е да не се чека конечната одлука. Една идеја е асоцијативните членки, т. е. грубо, приближен пристап за потребните формати што ќе ги имаме, за да се запознаеме подобро еден со друг, да ги разбереме потешкотиите и да се грижиме еден со друг. Да сме конкретни и оперативни.“

Дали некој може да ја разбере оваа формулација на франкофонскиот Белгиец Шарл Мишел?!? Она што можеме да го разбереме е дека оваа изјава е на фонот на изјавите и на позициите на моментално најважниот Европјанин, Французинот Емануел Макрон. И дека всушност изјавата упатува на свесно срочени неодредени работи. Прво, дека сме ги надминале предизвиците (Преспа, реформи итн.). Второ, дека и покрај тоа не е сигурно дека ќе започнеме преговори или, без дипломатски ракавици, тешко дека ќе започнеме преговори. Трето, дека се подготвува нов тип на интеграција, некаква асоцијативна членка, како купување време до почетокот на преговори кои може и да не се случат доколку Унијата одлучи така од кои било причини. И четврто, дека ни треба време да се запознаеме, т. е. дека не се знаеме доволно или, без дипломатски ракавици, се знаеме сосема добро и ние не сакаме вие да станете членка на Унијата бидејќи со вашето членство дополнително би се продлабочила европската институционална, политичка и морална криза. Конечно, да бидеме конкретни и оперативни во смисла да создадеме услови за некои поголеми фондови, поголема безбедносна и друга соработка која на вашите граѓани ќе им овозможи чувство дека нешто помрднува од место. Тоа е тоа. Ни повеќе ни помалку. Дали е доволно? Би рекол дека е доволно и не е доволно истовремено. Но, за да се задоволиме со доволното, најпрво треба да излеземе од нашата политичка инертност и да се еманципираме себеси, од нас самите.

За таква еманципација зборувам подолго време, дека кога сме дојдени до ѕид и не можеме да ги оствариме нашите амбиции (ЕУ), тогаш нема зошто донкихотовски да ги притискаме нашите пријатели и партнери од ЕУ. Едноставно ќе им речеме дека нашите амбиции, по оваа цена, ги ставаме ад акта, за некои подобри времиња. Кога подобро ќе се запознаеме еден со друг. Едно фино благодарам за напорите на Унијата и на САД за нивниот беспоштеден ангажман и поддршка. Но, ние можеме до тука да одиме. Подалеку од ова, ние веќе нема да бидеме ние. Ќе бидеме нешто друго. А вие нè сакате баш нас во ЕУ, а не нешто друго. Нели? Така и самата Бугарија ќе си ги оствари своите политички интереси (Македонија надвор од ЕУ!), а ние ќе си ги зачуваме нашите национални интереси. Оттука натаму нека се занимаваат други со „нашиот“ проблем (т. е. проблемот на Бугарија). Нека се занимаваат нашите пријатели на кои им е тоа поважно во геополитичка смисла до моментот кога ќе им стане неподносливо важно. Американците ќе нè разберат за таквиот став, иако нема да им биде драго, но што ќе ни направат?!? Та нели сме членка на НАТО? Европејците ќе си го имаат и онака дежурниот виновник во нивните редови, Бугарија, овој пат надградена и проширена со уште една нечиста дамка во нејзиното европско досие.

Ние не сме во позиција да бараме нешто што не сакаат да ни го дадат. Но, сме во позиција да покажеме достоинство во нашиот однос кон стварноста. Да ја прекинеме конечно инерцијата по која се водевме (нè водеа) по сугестија на германско-американските пријатели за време на преговорите за името, инерција која тогаш веројатно беше нужна. Бидејќи ова веќе не е Преспа. Улогите се сменети, иако сугестиите се исти, ама и тие одат по инерција, по инерцијата на незнаење што да се прави со регионот понатаму.

Дополнително на ова, треба официјално да соопштиме и дека Албанија треба да си тера понатаму и да почне преговори веднаш, да не ја залажуваат и неа со некакви политички причини зошто морало заедно да одиме на европскиот пат. Нам не ни пречи Албанија да оди напред, напротив. И тоа треба нашите (особено етничко-македонските) политички елити први да го изустат.
И конечно, за алтернативните патишта на нашава држава. Имено, еманципираната позиција која подолго време ја предлагам претпоставува релаксиран однос кон реалноста, растоварен од дневни политички маркетинзи и поставување нереални или невозможни амбиции. Позицијата на еманципиран субјект во меѓународните односи значи и трезвен, наместа ироничен став кон иднината. Отворен Балкан? Зошто не? Ако Отворен Балкан значи повеќе работни места, повеќе мобилност, подобро образование, инфраструктура и слично, тогаш прифаќаме. Но, секако и секојпат под будното око на нашите партнери отаде Атлантикот. Политичка, геополитичка, асоцијативна заедница на бла, бла, бла!?! Зошто не... ако тоа значи повеќе фондови, подобри стандарди, помалку корупција, поголема мобилност. Ама да не е тоа утешна награда за полноправно членство во Унијата? Па што? Можеби еден ден Бугарија ќе се разбуди од сопствената колективна амнезија, а во меѓувреме и ние можеме малку да се позанимаваме со нашите сопствени историски недоумици.

ПРЕПОРАЧАНО