Општество
Тилев: Протоколот...
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.
Во претходниот број на „Економија и бизнис“ споделив лични коментари за Заклучоците на Советот, а во овој број ќе се осврнам на некои, според мене, важни елементи од билатералниот Протокол како составен дел од пристапните преговори со Европската Унија.
Потпишувањето на Протоколот (записникот) од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (ЗМВК) меѓу Северна Македонија и Бугарија, на 17 јули 2022 година, беше клучниот предуслов Бугарија да даде согласност на текстот на Преговарачката рамка по што, на 18 јули 2022 година, се усвои со едногласност од страна на Советот на ЕУ. Со тоа се расчисти патот да се отвори и Меѓувладината конференција (МВК) на 19 јули 2022 година, односно да започнат пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, со политичка МВК. Од формално правен аспект, на оваа МКВ не се презентираше Преговарачката рамка, туку само чекорите кои се неопходни за да се заокружи Првата меѓувладина конференција.
Како и да е, кога еднаш ќе се отвори Меѓувладината конференција, таа останува отворена сè додека не завршат пристапните преговори. Но, евидентно е дека со Заклучоците од 18 јули 2022 година Советот на ЕУ ни наметна политички услов за да се заокружи Првата меѓувладина конференција, односно прво да се заокружат во целост измените во нашиот Устав со вметнување на Бугарите во него и потоа, без потреба од нова политичка одлука на Советот, продолжување на МВК. Влијанието на имплементацијата на преземените обврски со Протоколот го коментирам подолу во овој текст. Какви ќе бидат формулацијата и опсегот на измените на Уставот останува да видиме, но јасно е дека доколку не се случат уставните измени нема да може да продолжи (заокружи) Меѓувладината конференција со што автоматски ќе се блокираат натамошните пристапни преговори.
Прецизноста во формулациите кои се обидувам да ги употребам сметам дека се од важност за разбирање на комплексноста на нашите, по многу нешта, специфични пристапни преговори кои, покрај стандардните елементи од преговорите со Европската Унија, сега дополнително посложени и поради новата методологија од март 2020 година, содржат и вметнати елементи од билатералните договори со Бугарија и со Грција.
Целосниот наслов на записникот (Протоколот) посочува прецизно и на правниот основ, „ПРОТОКОЛ од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кој се одржа на 17 јули 2022 година во Софија“. Веднаш треба да се нагласи дека низ целиот Протокол, иако генерално провејува речникот на реципроцитет („двете страни“, „двете држави“, „двете влади“ и сл.), не може да се пренебрегне фактот дека овој билатерален протокол е директно поврзан со официјално усвоени документи од Советот на ЕУ и се дел од преговарачкиот процес каде што на една страна се 27 земји членки, вклучително и Бугарија, а на другата страна е Македонија како една од најмалите, економски најслабите држави во Европа, со сè уште „млада“ дипломатија и недоволно развиена дипломатска мрежа. Притоа на Бугарија ѝ се на располагање сите инструменти кои институциите, процедурите и правните механизми на Европската Унија ѝ ги нуди како на своја земја членка. Оттука не може да стане збор за реципроцитет и овој неспорен факт треба да се има предвид при читањето на целиот текст и сите обврски дефинирани и прифатени со овој протокол.
Протоколот содржи четири точки. Во првата точка од Протоколот се дава преглед на реализираните средби и постигнатите резултати во периодот од 10 јуни 2019 година до 10 јуни 2022 година, вклучително и кус пресек на работата на сите секторски работни групи поодделно, формирани на почетокот од 2022 година. Интензитетот на средбите и на активностите имаа цел да создадат подобра клима за соработка и да ја зголемат меѓусебната доверба, што и се случи во кратиот век на владата на г. Петков. Годишната динамика на средбите на ЗМВК веќе навестува дека следната средба ќе треба да се случи во јуни 2023 година по што ќе следува и потпишување на Третиот протокол (записник).
Со втората точка од Протоколот се потврдува усвојувањето на извештаите за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија (Комисија) за историски и образовни прашања за истиот период, односно од 10 јуни 2019 година до 10 јуни 2022 година при што се охрабрува Комисијата да ја интензивира и динамизира својата работа. Фактот дека извештаите од Комисијата се усвоени и од страна на двете влади наведува на фактот дека тие веќе произведуваат и конкретни политички обврски. Потсетувам дека, согласно Заклучоците на Советот на ЕУ, имплементацијата на обврските преземени со Протоколот, а во врска со имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, директно ќе влијаат на годишниот Извештај на Европската комисија, вклучително и за нашиот напредок во Процесот за стабилизација и асоцијација, добрососедските односи и вкупната динамика на пристапните преговори.
За илустрација, Протоколот најавува дека двете држави, преку надлежните министерства и единиците на локалната самоуправа, во рок од две години, ќе ги вклучат сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, во учебните програми, учебници и релевантните учебни материјали, а истите резултати да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронските информативни медиуми во јавна сопственост. Исто така двете држави ќе ги усогласат методолошките упатства, учебниците и други релевантни учебни материјали, соодветно со препораките на Комисијата, во период не подолг од две години по нивното одобрување од Заедничката меѓувладина комисија. При изучувањето, оригиналите на соодветните историски извори и литературни текстови да бидат достапни, да се користат и да се презентираат од соодветните образовни институции.
Третата точка од Протоколот е најкомплексна и најсодржајна, со јасни насоки за дејствување и дефинирани обврски со временска рамка за нивна реализација за „двете страни“. Оваа точка е клучна за динамизирањето на процесот на имплементација на Договорот за следниот период (јули 2022 година и натаму), прво, затоа што со оваа точка се дефинирани и специфичните области за кои двете страни се усогласиле дека се од приоритетен интерес и голема важност, и второ, затоа што во оваа точка се таксативно дефинирани обврските за двете страни, но пред сè за Северна Македонија, кои ќе треба да ги исполниме (освен непопречувањето на Договорот за ФРОНЕХ како реализирана обврска за Бугарија) пред заокружување на Меѓувладината конференција со која треба да се комплетира отворањето на пристапните преговори, како и обврските кои се преземени и за периодот по одржувањето на втората МВК.
Од мерките кои треба да бидат реализирани пред МВК за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори, а кои се договорени меѓу двете страни и прифатени како обврски, покрај уставните измени и внесувањето на бугарскиот народ, како прв предуслов се и следниве:
• Потврда од наша страна, како еднострана обврска, дека ништо во нашиот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита на статусот и правата на лицата кои не се граѓани на Северна Македонија. Отсуството на реципроцитет остава непријатно чувство со оглед на потребата за заштита на правата на лица кои живеат во Бугарија, но се чувствуваат како Македонци по својата етничка припадност, а поврзано со неисполнувањето на обврската од страна на Бугарија за имплементација на голем број пресуди на Судот за човекови права при Советот на Европа каде што двете држави, и Бугарија и Северна Македонија, се рамноправни членки.
• Двете држави да разменат копии од сите образовни програми, учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали. За успешна реализација на оваа мерка, неопходно е попрецизно да се дефинира обемот бидејќи сите образовни програми и поврзани материјали со нив подразбираат илјадници страници текст на македонски јазик, на албански јазик и на сите други јазици кои според уставните одредби се во употреба во Северна Македонија и имаат одредена автономија при утврдувањето на своите наставни програми, вклучително и правната рамка, формат, детална листа на програмите, носители на обврската, процедури за доставување на бараните наведени материјали, заштита на сувереното право за крајната одлука во случај на приговори од другата страна итн. Се работи за извонредно сложена операција која бара детална разработка и прецизност во секој чекор на реализација.
• Говорот на омраза, веројатно со право, има посебно место во Протоколот, но вметнувањето на темата во Протоколот како предуслов за комплетирање на фазата за отворање на пристапните преговори и одржување на следната МВК се чини како комплексен предизвик. Секако дека борбата против говорот на омраза од двете страни е неопходна, но во исто време не треба да се претвори во инструмент за политички дуели кои наместо намалување имаат за ефект распалување на говорот на омраза. Ова е сериозен проблем кој бара пошироко општествено инволвирање на сите чинители и особено медиумите, а не само и исклучиво на државните институции. Борбата против говорот на омраза допира по многу точки до слободата на мисла и на говор, како и слобода на изразување низ сите форми кои денеска се познати, вклучително и преку социјалните мрежи. Оттука потребна е голема внимателност борбата против говорот на омраза да не се претвори или злоупотреби како механизам за борба против неистомисленици, задушување на слободата на мисла и на говор или пак, што е и најстрашно, да стане политички инструмент со кои ќе се нагризуваат демократските принципи и слободи. Дефинирањето на процедури за детектирање на говор на омраза и преземање на брзи мерки претпоставува високо ниво на експертиза за воспоставување функционален сеопфатен механизам со целосен респект на сите меѓународни норми и обезбедување заштита на слободата на мисла и на говор.
• Преземената еднострана обврска за рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период (Македонци, Албанци, Бугари и др.), поврзана со „Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945−1990 година“, претпоставува воспоставување на сеопфатна правна рамка за целосно отворање и пристап до архивите на поранешните служби за државна безбедност, вклучително полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945−1991 година. Бугарија тврди дека таа веќе својата обврска ја извршила, без наведување на детали и без дефинирање на временската рамка. За нас би било од исклучително значење да имаме пристап до архивите од бугарските служби за периодот 1941−1991 година или и пред тој период.
• Делот од Протоколот кој ја опсервира темата за историјата е секако најосетливиот столб на кој се потпираат билатералните барања на Бугарија, поврзани и со етногенезата на македонскиот народ и негирањето на посебноста на македонскиот јазик. Ваквите позиции на Бугарија се дефинирани во низа официјални документи на Владата и на Собранието, а се составен дел и депонирани кон досието за пристапните преговори со Македонија. Како и да е, тргнувајќи од контроверзната позиција на Бугарија за едностраното толкување на „заедничката историја“, во Протоколот е утврдено дека од 2022 и 2023 година ќе се чествуваат сите заеднички настани и личности усогласени од страна на Комисијата (со извештаите), потврдени од двете страни. Исто така стои и обврска за нас поврзана со образовната програма за 7-мо одделение, делот кој се однесува на Самоиловата држава.
Понатаму со Проколот се утврдени и низа обврски за нас кои треба да ги реализираме по одржувањето на МВК за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори при што е отворен просторот и за други мерки кои би можеле да се договорат и во наредниот период.
Најголемата дилема која се наметнува со унилатералната Изјава на Бугарија од 18.7.2022 година не е поврзана само со непризнавањето на јазикот (референца кон точка 22 од Преговарачката рамка), туку и врската на Изјавата со став 7 од Заклучоците на советот на ЕУ од 18.7.2022 година, кој реферира на континуираниот мониторинг на Европската комисија при исполнувањето на сите обврски преземени од наша страна во специфичните области и идентификувани прашања кои е многу веројатно да се појават во текот на преговорите, особено во Кластерот Фундаменти кој се отвора прв и се затвора последен, а каде што е сместен и Акцискиот план како составен дел на патоказот за владеење на правото.
Дури и површна анализа на текстот на Протоколот укажува на фактот дека тој е „набиен“ со обврски од осетлива политичка природа, комплексни за имплементација, но задолжителни по својата обврзност и долгорочност. Многу е веројатно дека имплементацијата на овој Протокол, заедно со Договорот со Бугарија и Договорот со Грција, во голема мерка ќе ја диктира и динамиката на нашите пристапни преговори за полноправно членство во Европската Унија.