Општество
Тилев: Членството во Европската Унија е државен, а не партиски интерес
Драган Тилев | авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | јули-август 2023г.
Во изминатите неколку броја на Економија и бизнис упорно пишував за актуелните прашања поврзани со евроинтегративните дилеми и предизвици. Целта ми е да ја приближам оваа комплексна и контроверзна тема на што е можно поширок круг на читатели со оглед на потребата поголем број на граѓани да ги разберат политичките, процедурални, институционални и технички детали поврзани со процесот на отворање и текот на пристапните преговори.
Често пати велиме дека пристапните преговори нè засегаат сите поддеднакво и дека во текот на преговорите нема ништо да остане недопрено, односно сè ќе подлежи на темелни промени и длабоки реформи, сите се надеваме на подобро. Нема друг начин на приближување на содржината на процесот до обичниот граѓанин, освен мотивирање на секој заинтересиран поединец да ги прочита основните документи на кој се потпира процесот, правилата кои ќе мора да ги следиме, критериумите кои ќе треба да ги пресретнеме и условите кои ќе треба да ги исполниме. Поедноставувањето со оправдување дека „така полесно ќе нè разберат граѓаните“ не држи затоа што не еднаш констатиравме дека „ѓаволот се крие во деталите“, а деталите во случајов ја детерминираат нашата иднина. Нема друг начин освен читање за да ја разбереме суштината и комплексноста на процесот. Притоа не мислам секој да го прочита целокупното европско законодавство кое брои над 150 000 страници, туку само основните документи кои ја дефинираат рамката во која ќе се движат пристапните преговори. Следејќи низа дебатни емисии за пристапните преговори имам длабоко чувство дека дел од оние кои би требало да ги познаваат клучните документи и нивната содржина или ги немаат внимателно прочитано или се обидуваат искривено да ја интерпретираат нивната содржина. Тоа, секако, не е добро ниту за самиот процес, а ниту за градење и одржување на кредибилитетот кој треба да го штити самиот процес од дневно-политички манипулации и политизација.
Уставните измени, според мене, тлееја предолго и предизвикаа политички „триења“ и општествена ерозија со будење на подзаборавените анимозитети кои измените ги стимулираат и ги мотивираат. Појдовната точка во процедурата за отворање на Уставот мораше да биде самиот факт дека измените не треба да се прават поради партиски цели и интереси, туку исклучиво поради остварување на нашите државни стратешки интереси.
Обврската за отворање на Уставот се потпира на низата усвоени официјални документи на ЕУ или директно поддржани од сите земји членки, и тоа попрецизно, тргнувајќи од точка 3 од Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија (17 јули 2022 г.), потоа точката 4 од Заклучоците на Советот на ЕУ (8 јули 2022 г.), како и во точка 11 од Воведната изјава на ЕУ од Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (9 јули 2022 г.), како и точка 15 од Воведната изјава на Северна Македонија од Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (19 јули 2022 г.).
Отворената прва фаза од Меѓувладината конференција (9 јули 2022 г.) ќе биде заокружена со вториот состанок, откако ќе се усвојат и ќе влезат во сила договорените измени на Уставот, кога ќе биде официјално презентирана и содржината на општиот став на ЕУ.
Разбирањето на геополитичките движења е важен предуслов за донесување на исправни и навремени политички одлуки. Доколку се согласиме дека полноправното членство во Европската Унија како наша клучна стратешка цел и оптимално најдобрата опција за македонското општество не е прашање на избор, туку на здрав разум, тогаш секое отстапување од оваа логика и рацио може да генерира сериозен потенцијал за отстапување од нашите државни интереси. Силата на геополитичката гравитација е лекција од историјата која би требало секој посериозен политичар и лидер до сега да ја има научено.
По Втората светска војна и политиката на блоковска поделеност и конфронтации, по распадот на Источниот блок, следуваше период на доминација на САД, комбиниран со огромниот успех на политиката на проширување на ЕУ и политиката на глобализација. Од регионален аспект, за нас историски е важна дезинтеграцијата на екс Југославија, за жал со крвави расплети на Балканскиот Полустров, токму во срцето на Европа. Геополитичката слабост на ЕУ и високата енергетска зависност од Русија, директно и посредно доведоа до агресивен економски раст на Кина и ветер во грбот на автократската агресивна политика на Русија, што резултираше со анексија на Крим од Украина (2014) и воена агресија на Украина (2022) со цел уништување на една суверена држава. Ваквиот расплет доведе до нагла делинеација на геополитичката карта, до процес на деглобализација и воспоставување на нови конфронтирачки односи меѓу НАТО и Русија, САД и Кина, со директно учество и на ЕУ. Геополитичките интереси проработеа по скратени патеки, што резултираше со апликација за членство во НАТО на Финска (веќе е во НАТО) и Шведска (со вето од страна на Турција), додека ЕУ им додели кандидатски статус со молскавична брзина на Украина и на Молдавија, како и на Босна и Херцеговина, а во очекување е и Грузија. Геополитичката карта добива нови и многу појасни контури за наредните две-три декади.
Токму новите геополитички случувања имаат одраз и на нашите регионални односи пресликани преку аспирациите на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ, поделеност во пристапот кон надворешно-политичките прашања, како и разлики кон афилијацијата и приклучувањето кон евроатлантскиот НАТО-сојуз. Отвореното статусно и територијално прашање меѓу Србија и Косово, за кое се прави обид за решавање со посредство на ЕУ и Квинта групата, е само едно од низата отворени територијални и гранични прашања во регионот, комбинирани со нерасчистени имотно-правни односи на разместените лица и бегалците, до затворање на случаите на воени злосторства и помирување со минатото, неминовно преку заемни и одржливи решенија и компромиси. Новата геополитичка реалност вели дека САД, НАТО и ЕУ бараат брзи решенија и одлуки кои мора да се донесат сега, веднаш, за отворените прашања да не станат камен околу вратот за засегнатите земји, но и за целиот регион кој плива во многу немирни води. Наш есенцијален интерес е одлуките кои се очекуваат и од Македонија да се донесат со здрав резон и да не се во спротивност со интересите на нашите евроатлантски стратешки партнери. Сè дуго е прашање на политичка умешност и дипломатска способност.
Светот се менува незапирливо, глобалната слика за неколку години ќе биде сосема различна, ЕУ се прилагодува кон новонастанатата ситуација, стои цврсто во Евроатлантскиот блок и дава силна поддршка на Украина во одбраната на својот територијален интегритет и унитарност. Промените се случуваат сега, пред нас, неразумно е да не се прилагодиме. Македонија одамна ја одбра вистинската страна, веќе е активна членка на НАТО, контрибутор во поддршката и помошта на Украина, со целосно усогласена надворешна политика со таа на ЕУ (ЗНБП).
Станува сè појасно дека процесот на проширување веќе не е само политика за градење на мир и благосостојба на континентот туку е и прашање на опстанок на самата Европска Унија. ЕУ ќе мора да го издржи притисокот од воено агресивната Русија и сè помоќната и (засега само) економски агресивната Кина притоа синхронизирајќи ја својата надворешна политика и политиката на санкции и заштита на јавниот ред и безбедноста на своите граѓани со таа на САД. НАТО-алијансата никогаш не била порелевантна, а заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ никогаш не била поважна. Повлекување од поддршката на Украина не е опција, односно токму спротивното. Само преку процесот на проширување ЕУ може да ја амортизира агресивноста на Русија, со брз прием на Украина и на Молдавија прво во ЕУ, а потоа и во НАТО во вистинскиот момент. Со ваквата логика, интересот на ЕУ за вклучување и на земјите од Западниот Балкан во ЕУ станува приоритет и отвора можност за брз прием на сите или на некои земји од нашиот регион.
Значи, не само перспектива за прием, туку брз прием во ЕУ, токму каква што беше и стратегијата и политиката на проширување на почетокот на овој век при големото проширување 2004 − 2007 година, кога преговорите траеја 5/6 години. Брзи преговори, без непотребни политички затегнувања, со вклучување на нови земји членки преку новата методологија, со стратешка ориентација и размислување и постепено динамизирано и фазно приклучување, но со јасна крајна цел, полноправно членство. Сигурен сум дека Украина нема да прифати ништо помалку од тоа поради сите жртви кои ги дава на браникот на ЕУ, а не треба и не смее ниту ние да прифатиме ништо помалку од полноправно членство. Украина го заслужува тоа, а и ние исто така.
Се разбира, секоја земја од нашиот регион ќе одлучува самата за себе, но силно сум на позиција дека за нас друга опција не смее да има, освен полноправно членство, токму како што стои и во Заедничката отворачка позиција на ЕУ при политичката Меѓувладина конференција и токму како што стои во Преговарачката рамка, започнуваме преговори кои треба да резултираат со полноправно членство. Не смееме да ја преспиеме и оваа геополитичка одлука на ЕУ, не смееме да не ја разбереме тежината и гравитацијата на случувањата околу нас и да се зачауриме во нашите внатреполитички битки и идеолошки разлики за кои ќе има други времиња и натаму ќе се бијат, но настрана од стратешката цел, брзо приклучување во групата на земји кои ќе се придружат кон ЕУ во наредните 3 до 5 години. Зборуваме за брза постапка под диктат на методологијата за преговори и под ударот и притисокот на новата геополитичка реалност. Или сме консензуално за членство во ЕУ и остварување на нашиот највисок државен приоритет и преку исполнување на бараните предуслови, уставните промени, или ќе останеме на периферијата на случувањата.
Уставните промени, такви какви што се предложени, не задираат во унитарноста на државата, ниту во нејзиниот балансиран мултиетнички и мултиконфесионален карактер. Во овој момент тоа е најважно и тоа е доволно. Да се фокусираме наредните 3 до 5 години консензуално, кон остварување на клучниот државен приоритет, никакви политички или партиски или лични приоритети и цели не се поважни од тоа. Само со остварување на таа цел можеме да сметаме на забрзан развој, останување на младите дома и столче околу масата на која се одлучува наместо во соседната соба со увото потпрено на ѕидот за да чуеме што се случува внатре. Долго сме во таа позиција и воопшто не е пријатна, ниту е достоинствена.
Било кој политичар од нашево време кој не ја разбира гравитацијата на случувањата, насоките на геополитиката и пораките од нашите стратешки партнери, но и последиците доколку насоките не се следат и пораките не се разберат, ги промашил и времето и професијата.
Креирањето на лажни надежи засновани на митови, а не реалната геополитика, е круцијална грешка која не смееме и немаме луксуз да си ја дозволиме зашто нема да има поправен испит. Колебањето остава простор за навлегување на трети страни кои, секако, ќе се обидат да го пополнат просторот преку лажни вести, искривени вистини и конфликтни перспективи. Всушност, сведочиме и живееме во време на хибридни војни и сајбер закани кои претпоставуваат збивање на редовите со нашите стратешки партнери и брзи правилни одлуки кои мора да обезбедат: прво, опстанок на унитарноста на државата, второ, безбедност од влијанија од трети страни и зачувување на јавниот ред и мир, трето, извесна перспектива за полноправно членство во Европската Унија, и четврто, стабилна економија и значително подобрено образование, пред сè заради задржување на младите дома за и тие да бидат дел од овој историски процес, свои на своето.