Општество
Георгиев: ЕУ за дневна употреба
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.
Во ред, разбравме, уставни измени нема да има. Барем не во постоечката распределба на сили во парламентот. Ако е за утеха за едните, и бес за другите, ВМРО-ДПМНЕ ја доби тактичката битка. Оваа битка ја доби на крилјата на поддршката на огромен број етнички Македонци кои просто кажано не сакаат да поддржат уставни измени под бугарски диктат (sic!). Најголем број од овие етнички Македонци и Македонки не го имаа прочитано ни францускиот, ни португалскиот, ни бугарскиот, ни американскиот, ни кој било друг предлог за откочување на преговорите кои веќе почнаа, но останаа закочени. Не, суштината на отпорот не е во протоколите, во запирките, во тајните или во затскриени клаузули, ниту во фамозната преговарачка рамка. Суштината на отпорот се наоѓа во повеќеслојните фрустрации и тормозења кои ги доживува македонскиот народ како едно тивко предавство од страна на нејасниот топос наречен „меѓународна заедница“. И тука нема рацио, но нема ни некоја преголема емоција за одбрана на нешто (идентитет, достоинство?!?) кое не е нешто што може да се брани. Едноставно, или го имаш и го негуваш или го немаш и го баталуваш. Последните трошки од рациото, делумно во пакет со емоцијата, заминаа дента кога станавме членка на НАТО и потоа во моментот кога Република Бугарија ја спушти европската рампа.
Тешко е да се зборува за рамка кога пред вас стои рампа. Се разбира, повеќето од нас знаеме дека внесувањето на бугарската етничка заедница во Уставот не значи ама баш ништо страшно за нас Македонците, како што и вербалните гаранции од големите сили дека веќе нема пречки за македонскиот европски пат исто така не значат ништо. Политиката е реал-политика, контекстите се менуваат, едни доаѓаат, а други заминуваат. Затоа овој пат апелите на меѓународната заедница за фаќање за последниот воз пред доаѓањето на Армагедонот изгледаат суво и бескрвно. И овие апели не одзвонуваат во ушите на македонските граѓани, освен како средство за дневно-политички игри на локалните политички елити. А играта која се одвива пред нашите очи е токму таква, дневно-политичка. И цинична и непристојна. И затоа Мицковски, со едната рака мафтајќи со мечот на кој заканувачки пишува „левица“, а во другата рака држејќи ковертирано ливче со осумдесет потписи за „веднаш потоа избори“, овој пат е респектиран соговорник на меѓународната заедница. Секако, самиот тој набрзо ќе се најде пред познатата „груевистичка дилема“ дали да играм со народот или со претходно дадените цврсти ветувања кон странците. Дилемата е едноставна, а со тоа и доволно брутална: овој пат лажење нема! Но, забораваме како пееја Забрањено пушење: „Ко игра за рају и занемарује тактику, завршиќе каријеру у нижеразредном Вратнику“. Така и претходникот на Мицковски доби повеќе битки во име и од име на народот, па заврши во третокласна лига кај Виктор Орбан, заборавен од сите и непосакуван од многумина.
Кога ќе излезе овој текст можно е веќе да се разбиструва ситуацијата за предвремените парламентарни избори. Бидејќи кога ќе се исцрпат сите можности за некакво решение во кое опозицијата би се качила во вагонот, тогаш сосема легитимно е прашањето за предвремени избори, веќе есенва или во рана пролет. Тајминг кој исто така не значи ништо за нас граѓаните, туку само обично дневно-политичко позиционирање на партиите.
Од друга страна, претставниците на власта се сосема во право дека ова е можеби последниот воз за започнување на преговорите во оваа форма и во оваа констелација на европската политичка сцена. Европа одлучно оди во тврдо десно и таквиот пресврт сосема очекувано може да значи нови барикади за интеграција на Западниот Балкан. Па сепак, започнување на преговорите се само шарени перја за китење, тие не мора да значат и започнување на одлучни реформи за подобар живот на граѓаните, особено кога импулсот од Брисел ќе биде потиснат од антиеу реториката која ќе доаѓа од големите главни градови распослани низ Европската Унија. Хм, лоши времиња... А лошите времиња за ЕУ се традиционално добредојдени за нашите политички елити кои еве веќе триесетина години едвај чекаат соодветни алибија за да продолжи статус кво состојбата и за да нема (а не за да има!) реформи. Ова последново особено многу нè нервира. Борбата против корупцијата тапка во место, судството е девастирано, правната сигурност не вирее тука, администрацијата е преполна со многу неспособни партиски кадри и малкумина способни донкихоти кои го носат целокупниот товар на свои плеќи. Та можеби неуспехот на меѓународната заедница да ги протне низ иглени уши уставните измени и потребата да се паузира процесот и малку да се здивне од еуфоријата ќе биде добредојдена за сите нас да размислиме малку каде тераме и како ќе тераме понатаму. Смоквиниот лист наречен ЕУ го крие грдото лице на македонското општество и неможноста и неволноста на политичките елити да направат квалитативен исчекор кон европските стандарди. Овој смоквин лист упорно го негуваат и претставниците на ЕУ и оние на американската администрација, се разбира, од ним и нам познати причини и интереси. И тоа дури сме подготвени да го разбереме. Но, еве, ни тоа не успева во овие турбулентни моменти. Јас немам магичен предлог за откочување на работата, но знам дека сè дури не се разоткријат и не се соголат македонските политички елити и дури сите гласно не викнеме „Царот е гол!“, ние нема да бидеме способни да се погледнеме во сопственото огледало и да ги отстраниме дебелите слоеви шминка напластени низ годините.
Убаво е да се слушаат убавите зборови дојдени од страна дека нашава држава направила толку многу отстапки, дека е сосема подготвена брзо да мине низ преговорите и уште побрзо да стане членка на Унијата, но тие зборови едноставно не се вистинити, туку служат само за дневно-политичка намена. Постпреспанска Република Северна Македонија не е добар кандидат за почеток на преговори со ЕУ, тоа е отрезнувачката вистина која може да нè натера да одиме напред. Евентуалната поволна геополитичка констелација не ја менува оваа вистина. Ужасната неправда и големата пакост која ни ја прави Бугарија не ја менува оваа вистина. Слаткоречивоста на западните дипломати не ја менува оваа вистина. Сожалувачките тонови од нашите пријатели од регионот и отаде не ја менуваат оваа вистина. Евентуалниот почеток на преговорите само ќе ја потврди оваа вистина.
И ако сериозно го сфативме предупредувањето на американската администрација дека корупцијата е безбедносно прашање на Балканот, тогаш ете од каде треба да почнеме. Се сеќава ли некој на оваа теза која нашироко ја промовираа токму највисоките претставници на американската администрација? Теза која со раширени раце ја прифативме и ја поддржавме? Бевме ли во заблуда? Нè изедоа ли во меѓувреме дневно-политичките настани и потребата за брзи, а несмасни решенија?!?
На сето ова, како стара излитена грамофонска плоча, веќе неколку месеци ни се случува бавно и опасно одмрзнување на меѓуетничките тензии, овој пат камуфлирани под друга наметка. Едните велат дека Албанците сакале побрзо во ЕУ и не можеле да чекаат веќе, а други велат дека Албанец не може да преговара и да го „распродава“ македонскиот идентитет. Трети, пак, велат дека Албанците премногу добиле и премногу земаат, а ништо не враќаат. Овие три тези се опасни и овие три тези се всушност лажни. Албанците кои живеат и се родени во триесеттата членка на НАТО-пактот немаат каде да одат, освен да се договараат со останатите државјани на оваа држава како да се оди напред, заедно. За разлика од многумина претходни министри за надворешни работи (чистокрвни Македонци, некои од нив и големи Македончишта), актуелниот министер за надворешни работи сосема пристојно се носи со големото бреме наречено бугарска рампа, иако и самиот тој е политичар и оттука и нему му се премногу важни дневно-политичките поени и личниот рејтинг. Конечно, дали Албанците или Македонците или кој било друг премногу земаат или премногу добиваат е директно поврзано со корупцијата, со непотизмот, со клиентелизмот и со партизираноста на нашево општество, секако гарнирани со прикладни дози на национализам... Решете ги овие работи, миракулозно ќе исчезне огромен дел од овие проблеми.