Интервјуа
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ Е НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК ВО МОЈАТА КАРИЕРА
Зоран Ставрески
Вицепремиер и Министер за финансии во Владата на Република Македонија
Господине Ставрески, за почеток сакам да Ве прашам за нешто што се случи изминативе години, а мислам дека помина без да го добие вниманието што го заслужува. Пред неколку години Вие бевте избран за претседавач на Годишното собрание на ММФ и Светска банка. Јас сум сигурен дека во нашиот животен век таква чест нема да има никој друг од Република Македонија. Кажете ни кои се Вашите искуства и импресии од извршувањето на таа уникатна функција?
Тоа навистина беше исклучително значаен момент во мојата биографија, настан што беше голема чест како за Македонија, така и за мене лично. Никогаш претходно претставник на една помала земја немал таква чест и можност, но и одговорност да го води Годишното собрание на ММФ и Светска банка. Да потсетам, таму учествуваат сите министри за финансии и гувернерите на 186 земји во светот, плус сите значајни светски банкари, инвеститори, како и првите луѓе на ММФ и Светска банка. Токму затоа моето претседателствување беше одлична можност за промоција на нашата земја, односно Македонија да се претстави како земја што оди напред и има добри успеси во економијата и реформите. Успешната соработката со ММФ и Светска банка продолжи и во периодот потоа и Македонија разви одличен партнерски однос со овие две најзначајни меѓународни финансиски институции, што ни дадоа поддршка за реализација на голем број инфраструктурни проекти. Дополнително Светска банка во многу наврати ја посочуваше Македонија како лидер во реформите во регионов и пошироко.
Вие сте вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија. Мислите ли дека во јавноста постои целосно разбирање за одговорноста што ја носи оваа позиција, да се управува со финансиите на државата? Постои ли разбирање за тоа дека за која било идеја или проект на кое било министерство, што можат да имаат фискални импликации, се бара став од Министерството за финансии? Мој впечаток е дека луѓето многу поголем акцент ставаат на моќта што ја носи Вашата позиција, а огромната одговорност некако се става во втор план. Се согласувате ли Вие со ваквото гледиште?
Точно е дека Министерството за финансии е исклучително важно министерство, но и тешко за водење. Во животот имам работено на многу места и извршувано многу значајни функции, вклучително директор за истражување во Народна банка, советник на извршниот директор во Бордот на Светска банка и главен економист во Секторот за развојни политики во Светска банка, значи висококонкурентни и одговорни места, но сепак Министерството за финансии е и најголем и најтежок предизвик во мојата кариера. Тоа се должи на комплексноста и важноста на Министерството кое буквално е вклучено во сите реформи и проекти во државава, но и на тешките времиња што ги донесе светската финансиска криза. Сепак, со огромен труд, знаење и посветеност, заедно со моите одлични соработници и преку тимска работа на многу одлични професионалци, успеавме да ги решиме сите предизвици и да обезбедиме стабилни макроекономски услови и навремена исплата на сите обврски кон фирмите, земјоделците, социјалците, вработените во јавниот сектор. Горд сум што како Министерство и Влада успеавме да ја извлечеме Македонија од кризата со најмали можни последици за граѓаните и стопанството и да оствариме позитивни резултати во економијата. Уверен сум дека и мнозинството граѓани и стопанственици на таков начин ја гледаат и вреднуваат нашата работа, иако секако има и поинакви аспекти и мислења.
Како ги цените тековните економски трендови во Република Македонија? Податоците за движењето на БДП покажуваат знаци на економско оправување, Фич го потврди рејтингот, Македонија доби мошне ниска каматна стапка при последното задолжување. Од друга страна, приватниот сектор како да зема кредити само за обртни средства.
Македонија во вториот квартал од 2014 година забележа раст на БДП од 4,3%, што е втор најдобар резултат во Европа по Велика Британија. Просечниот раст во првата половина од 2014 година достигна 3,9% што, исто така, е второ најдобро остварување во Европа. Тоа е најдобар показател за квалитетот на економските политики и бизнис климата во Македонија во споредба со други држави.
Главен двигател на растот се инвестициите и извозот. Растот на бруто-инвестициите соодветствува со растот на градежната активност и растот на увозот на инвестициски добра како последица на зголемените странски директни инвестиции во земјава и на реализацијата на капиталните проекти. Растот на извозот е придружен и со промена на структурата на извозот кон производи со повисока технолошка вредност, што се должи на производството и извозот од капацитетите во слободните зони. Така во првите шест месеци од 2014 година извозот на машини и транспортни уреди е удвоен споредено со истиот период од претходната година, главно како резултат на производството на делови за автоиндустријата.
Добрите економски резултати се препознаени и потврдени и од кредитните агенции: Фич во септември 2014 година го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и банкарски сектор, како и добрата бизнис клима. Сето ова придонесува да се задржи добриот имиџ на Македонија кај инвеститорите.
Дека економските движења се позитивни и Македонија спроведува успешни економски политики говори и фактот што со последното излегување на меѓународните финансиски пазари Македонија емитуваше еврообврзница по исклучително поволни услови, со историски најнизок трошок под 4%. Беа пласирани 500 милиони евра, а интересот на инвеститорите беше повеќе од двојно поголем (беа понудени 1.160 милиони евра), што е показател дека институционалните инвеститори од Европа и од САД веруваат во економските перспективи на Македонија. Сите инвеститори со кои имавме средби, а тоа се најпознатите инвестициски банки и фондови во светот, во суперлатив зборуваа за макроекономските состојби и политики и беше задоволство да се слушнат такви зборови од врвните економисти во тие институции.
Во однос на домашниот приватен сектор – мислам дека покажа извонредна жилавост на тешкотиите и предизвиците кои ги донесе светската криза. Во многу соседни и други поразвиени европски земји, кризата донесе пропаѓање на фирми, отпуштања од работа, стечаи. Нашите фирми се справија со овие предизвици поуспешно и со многу подобри резултати. Во тоа помогна и Владата преку задржување на ниски даноци, постојани мерки за подобрување на бизнис климата, како и обезбедување на четири кредитни линии од ЕИБ во износ од 350 милиони евра. Тоа директно влијаеше да се зголеми пристапот до свеж капитал во услови кога кредитната активност на банките од нивни сопствени средства беше супресирана поради економската и должничката криза. Покрај тоа што средствата помогнаа да се надминат ликвидносните проблеми кај фирмите во услови на криза, со нив се креираа и 5.654 работни места и се реализираа инвестиции во нови капацитети, машини и опрема кај 1.259 македонски фирми. Сепак во наредниот период е потребно приватниот сектор да покаже поголема иницијатива, односно да креира добри и иновативни бизнис проекти за што дополнителна владина поддршка е обезбедена и преку Фондот за иновации и претприемништво. Нови можности за бизнис се создаваат и со влегувањето на странските глобални компании во ТИРЗ и индустриските зони бидејќи тие се потенцијални партнери на домашните компании со што имаат можност да ја зголемат својата деловна активност. Домашните фирми треба да ги искористат овие можности.
Да се свртиме сега кон фискалната политика. Како ја цените тековната кондиција на државниот Буџет и што да очекуваме до крајот на оваа и во текот на наредната година?
Реализацијата на Буџетот во 2014 година е во согласност со очекувањата при што минималните прилагодувања што ги направивме со ребалансот се заради позабрзаната динамика на реализација на капиталните расходи. Во оваа насока беше коригиран и буџетскиот дефицит (на ниво од 3,9% од БДП) поради дополнителни повлекувања за изградбата на Коридор 10 каде што активностите се реализираат со мошне добро темпо. До крајот на годинава нашите очекувања се дека Буџетот ќе се реализира во согласност со планот, со минимални отстапувања како на приходна, така и на расходната страна. Редовно се исплаќаат сите договорни обврски кон стопанството што произлегуваат од реализацијата на проектите. Исто така навремено се исплаќаат пензиите и социјалната помош што од март оваа година се зголемија за 5%, како и платите на јавната администрација кои со октомвриската плата ќе се покачат за 4% и субвенциите за земјоделците. Во насока на одржување на фискална дисциплина се спроведува строга буџетска контрола врз непродуктивните трошења.

Кои се, според Вас, клучните столбови на Буџетот за 2015 година?
Буџетот за 2015 година е во функција на исполнување на приоритетите, а тоа се поддршка на стопанството и на стандардот на граѓаните. Буџетот е резултат на опсежна анализа при што се земени предвид два тренда – движењата во европската економија и постигнувањата во македонската економија годинава. Ваквите анализи покажаа дека со Буџетот за 2015 година може да се реализира покачување на платите, пензиите и социјалната помош со што ќе се заштити стандардот на граѓаните. Исто така за капитални инвестиции предвидени се околу 340 милиони евра, а за субвенции за земјоделците 140 милиони евра. Следнава година продолжува инвестицискиот циклус во патната и во железничката инфраструктура при што во Буџетот за 2015 година за Коридорот 10 се издвоени 3,4 милијарди денари, а за железничка инфраструктура 1,3 милијарди денари. За водоводни и канализациски системи и пречистителни станици се предвидени 1,8 милијарди денари. За гасификација ќе се вложат 259 милиони денари, а за изградба на јавни здравствени установи 530 милиони денари. За ПЕТ центарот се предвидени 351 милион денари, за изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. Во спортски проекти ќе бидат инвестирани 295 милиони денари, во изградба на детски градинки 138 милиони денари. Во Програмата за рурален развој планирани се 1,7 милијарди денари со кои се опфатени повеќе проекти во општините на РМ, како и средства за изградба на хидросистемите во земјава. За изградба на технолошко-индустриски развојни зони се предвидени 553 милиони денари.
Наредниве неколку години доспеваат за враќање големи износи на државен долг. Треба ли да бидеме загрижени за тоа?
Нема причина за загриженост, но секако има потреба за внимателна контрола во однос на потребата и оправданоста на секое задолжување, како што и досега тоа се правеше. Во таа насока, во насока на зајакнување на одговорноста и транспарентноста во однос на јавните финансии се и предложените уставни измени за ограничување на нивото на долгот и дефицитот на Буџетот.
По основ на главница во 2015 доспеваат и ќе се вратат 425 милиони евра, во 2016 година 328 милиони евра и во 2017 година 331 милион евра. Поконкретно, во 2015 година за отплата доспева еврообврзницата која се издаде во 2005 година во износ од 150 милиони евра, кредитната линија за претпазливост на ММФ од 120 милиони евра и кредити и обврски по основ на долгорочните хартии од вредност. За отплата на обврските што доспеваат во 2015 година, средствата се веќе обезбедени со еврообврзницата што Владата ја издаде во јули оваа година под услови поповолни од заемите што се отплаќаат. Со високиот степен на макроекономска стабилност, растот на економијата и умереното ниво на долг, убеден сум дека и натаму ќе можеме да обезбедуваме финансиски средства под поволни услови како на надворешниот пазар, така и на домашниот. Министерството за финансии редовно го следи доспевањето на сите обврски што произлегуваат од долгот на државата и во досегашниот период сите беа плаќани навреме и во целост, а истото ќе продолжи и во наредниов период.
Без оглед на различните видувања во јавноста во поглед на дизајнот на фискалната политика, има едно прашање што добива растечко значење не само кај нас, туку и во светот. Тоа е прашањето за фискалната транспарентност, што е и неопходен предуслов за следење на нивото на јавниот долг во согласност со една од предложените уставни промени. Како да ја подобриме фискалната транспарентност?
Прашањето за транспарентноста на фискалната политика во Европа изби во преден план со настанувањето на должничката криза што започна во 2010 година. Голем број земји не се придржуваа кон воспоставените правила со мастришките критериуми и имаа големи отстапувања во однос на јавниот долг и буџетскиот дефицит.
Министерството за финансии на месечна основа објавува информации за состојбата и за структурата на буџетските приходи и расходи, долгот на државата и гарантираниот долг на претпријатијата во државна сопственост. Овие податоци се објавуваат редовно во Билтенот на Министерството за финансии, како и на веб-страницата на МФ. Значи таму е податокот и за долгот на централната влада и за долгот на државните претпријатија и за сето она што влегува во вкупниот јавен долг на општата влада. Оној кој сака да анализира, споредува и објективно да коментира врз основа на аргументи, може да го прави тоа врз основа на овие јавно објавени податоци. Сè друго што се коментира од опозицијата е гола дневна политика, и јас немам намера да влегувам во полемика со никого ако тоа не е базирано на потврдени бројки и аргументи.
Дополнително податоците за вкупниот јавен долг на Република Македонија се содржани во Годишниот извештај за јавниот долг што се доставува за информирање до Собранието на Република Македонија, како и во документот Претпристапна економска програма кој секоја година се доставува до Европската комисија и се објавува на веб-страницата на Министерството. Транспарентноста и контролата на задолжувањето на сите носители на јавен долг се овозможува со законската обврска тие да можат да се задолжат само по донесување на соодветен закон од страна на Собранието заедно со условите под кои се задолжуваат при што законот се објавува во Службен весник и на веб-страницата на Министерството за финансии.
Мислам дека ние како држава треба да дефинираме и повлечеме неколку економски „црвени“ линии за клучните прашања за иднината на земјава и за нив да се постигне општ консензус. Тоа значи дека без оглед кој е власт, а кој опозиција, тие би се почитувале. Тука не мислам само на вообичаените прашања како што се јавниот долг итн., туку мислам на фискалната дисциплина, структурата на Буџетот, поврзаноста на движењето на платите во државниот сектор и продуктивноста на трудот, заштитата на природните богатства на земјава итн. Значи прашања што на одреден начин бараат и меѓугенерациски договор за да не направиме нешто што може многу да ги погоди генерациите по нас. Дали мислите дека има потреба од такви „црвени“ линии и дали мислите дека е можно да се постигне потребниот консензус?
Владата има поставено стратешки цели и приоритети, а тоа е зголемување на економскиот раст и вработеноста со истовремено задржување на макроекономската стабилност, пораст на животниот стандард на граѓаните и креирање на општество базирано на знаење преку инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија.
Со уставните измени и ограничувањето на буџетскиот дефицит и јавниот долг со Устав, сметам дека се поставуваат одредени „црвени линии“ кога станува збор за висината на Буџетот и задолженоста во однос на БДП. Со предложените фискални правила е елиминирана можноста за пренесување на денешните обврски на идните генерации. Истовремено Владата постојано врши подобрување на структурата на расходите на Буџетот со тоа што се зголемува учеството на капиталните инвестиции за сметка на учеството на тековните расходи. Овие инвестиции создаваат предуслови за натамошен економски раст, зголемување на продуктивноста и конкурентноста на човечкиот потенцијал, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Покрај тоа зајакнат е и системот на јавни набавки, а со воведувањето на електронски аукции секоја година се остваруваат милионски заштеди со што се создава простор за финансирање на дополнителни проекти. Се донесе и Законот за јавна внатрешна финансиска контрола со кој се зајакна управувањето со јавните финансии и се зголеми контролата врз целисходноста и оправданоста од трошењето на буџетските средства. Сите овие реформи се во насока да се создаде подобра контрола и ефикасност во управувањето со јавните финансии. Овој процес ќе продолжи и во следниов период.
Македонија е мала земја, но има значителна внатрешна конфронтираност по повеќе линии. Како да создадеме амбиент на здрава дискусија, релаксирана од дневнополитичките агенди? Мислам дека кај нас дебатите не можат да заживеат сè додека примарна цел на учесниците се другите учесници на дебатата, а не темите за кои треба цивилизирано и аргументирано да се дискутира. Што мислите за ова?
За унапредување на демократијата потребна е дебата, потребни се разговори и дискусии. Разбирливо е во некои околности дебатата по одредени прашања да се користи и за добивање на политичка наклонетост. Меѓутоа тоа не мора и не треба да се прави со толку жолчност, навреди, омаловажувања и лични дисквалификации. На пример, не можам да разберам кога бивши министри или гувернери излегуваат во јавност и „плукаат“ на сè што ќе стигнат, користејќи тешки навреди и недоличен речник. Во ред е и да критикуваат, секој од нас треба да биде оценуван за својата работа, но зошто тоа се прави без аргументи и бројки, а со многу лични навреди. Секоја таква навреда е, всушност, признание за интелектуална немоќ на оној кој навредува, немоќ преку аргументи и цивилизирано да се спротивстават мислењата и јавноста да утврди свој став за тоа кој е во право за одредено прашање.
За одредени важни и клучни теми треба да се има конструктивен и реален пристап од сите учесници во дискусијата, со цел сите заедно да дојдеме до најоптимални решенија. Таков е и мојот пристап при што во дебатите за Буџетот секогаш настапувам со конкретни бројки и факти за економските случувања во Македонија, но и за земјите од регионов при што постојано ги повикувам политичките опоненти дебатата да ја водиме низ бројки, факти и компаративни аргументи. За жал, како што многупати досега се случува, дебатата за едно вакво важно прашање се води со паушални и неиздржани обвинувања што често се спуштаат на ниво на лични навреди. Демократијата во Македонија е млада што со текот на времето ќе ја развие дебатата на повисоко ниво и ќе имаме поконструктивен пристап во разговорите за клучните прашања.

Тука се надоврзува и прашањето како да се искористат сите кадровски потенцијали што ги има Македонија, без оглед дали тие луѓе се во земјава или во странство. Во ова време на глобална конкуренција не смееме како земја да си дозволиме да не ги користиме сите оние што ѝ мислат добро на Македонија. Како да го постигнеме тоа?
Во однос на ова прашање сакам да истакнам дека Владата има отворен пристап и презема конкретни мерки за ангажирање на најдобрите кадри во земјава и од странство. Континуирано се прават напори да се анимираат македонски експерти и бизнисмени кои постигнале резултати во своето работење во земјава или во странство со цел да го вложат својот капацитет за подобрување на состојбите во различни области. Како што ѝ е познато на јавноста, во Владата се ангажирани и министри кои претходно имале високи работни места во реномирани меѓународни компании и кои го стекнале образованието на врвните светски универзитети. Ја поттикнуваме и координацијата на активностите на дијаспората за поддршка на Македонија, при што како еден позитивен пример би го посочил проектот Македонија 2025 преку кој се преземаат активности за промоција на економскиот развој на државава. Паралелно со ова Владата стипендира студенти од Македонија на студиски престој на најдобрите универзитети во светот со цел да се стекнат со најдобрите искуства од развиените земји при што имаат обврска овие искуства да ги пренесат во Македонија. Дополнително во неколку наврати Владата распиша конкурс кој има цел да се ангажираат најдобрите и најспремните кадри на клучните позиции во јавната администрација. Ваквиот пристап е обврска и за сите идни генерации. Ние сме мал народ споредено со други нации и затоа мора да се поддржиме меѓу себе, ако е некој успешен да му дадеме шанса да направи нешто со своето знаење и да му помогнеме да е поуспешен, а не да се трудиме да го повлечеме надолу што, за жал, многу често се случува.
Во Владата сте на многу одговорни места веќе цели осум години. Кога ќе се свртите наназад, има ли нешто што, можеби, би го направиле поинаку.
По природа сум перфекционист. Често знам да се навратам и да анализирам што би било ако се направело нешто поинаку, доколку работата се фатела од друг агол. Сметам дека тоа е добро и дека луѓето кои се најголеми критичари на самите себеси постигнуваат одлични резултати. Тоа е онаа сила која ве движи напред – утре да бидете подобри од денес.
Низ годините имавте можност да реализирате бројни проекти. Има ли некој со кој посебно се гордеете?
Во текот на мојата кариера во Владата имав прилика да работам на голем број проекти со одлични тимови на професионалци кои максимално се вложуваат во работата. Сепак како најголем предизвик би го издвоил проектот Регулаторна гилотина, што е еден од најзначајните реформски проекти за подобрување на квалитетот на јавните услуги и општата бизнис клима во Македонија, како и во борбата против бирократијата и корупцијата. Целта на овој проект е поедноставен амбиент за работа за бизнисмените и полесно и попријатно искуство за граѓаните во контактите со државната администрација преку поедноставување и елиминирање на административните процедури. Како што велев тогаш – бизнискратија наместо бирократија.
Убавината на овој проект е што работевме сите заедно – Владата, бизнисмените – домашни и странски, но и граѓаните со свои идеи и предлози за намалување на административните процедури и поедноставување на постапката. За првпат сите добија можност активно да влијаат врз условите за живот и за работа, самите да се вклучат во борбата против бирократијата и корупцијата. Резултатот беше неизбежен: првиот сет на мерки со кои излеговме воведоа крупни промени во работењето на администрацијата како правилото „молчењето е одобрување“ што е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да им одговара на граѓаните и на бизнисмените во предвидениот рок – доколку тоа не се направи се смета дека одговорот е позитивен, скратување на постапките за добивање на лични документи, уверенија, дозволи, уверенија за градба, значително намалување на тарифите кај Катастарот, Централниот регистар, Бирото за метрологија, Институтот за акредитација, Царинската управа итн. Регулаторна гилотина даде резултати. Овој проект е вграден во успехот на Македонија да се искачи од 94-тото место на ранг- -листата Doing Business на Светска банка во 2006 година на денешното 25-то место во светот, а странските компании почнаа да доаѓаат во земјава и да отвораат фабрики и работни места.
Вториот проект што би сакал да го истакнам е од поново време. Станува збор за еднократниот отпис на долгови за граѓаните од социјалните категории. Владата преку отпис на застарените долгови за електрична и за топлинска енергија, радиодифузна такса и долгови кон банки им помага на граѓаните кои примаат социјална помош, кои се подолго време невработени или кои поради семејна трагедија не можеле да си ги плаќаат сметките. Ова е наш одговор на последиците што ги остави светската економска криза врз оваа најранлива категорија на граѓани и воедно порака кон граѓаните дека не се оставени сами на себе и дека се грижиме.
Едно прашање за енергетскиот сектор. Договорот за гасоводот Јужен поток беше потпишан, Вие бевте директен учесник во процесот. Во меѓувреме глобалните политички случувања ги искомпликуваа работите. Што да очекуваме сега во врска со овој гасовод? Имаме ли алтернатива доколку ни биде потребна?
Гасификацијата е врвен приоритет за Македонија со цел да се подигне конкурентноста на стопанството и да се обезбеди пристап до еколошки чист енергенс за домаќинствата. Влегувањето на Македонија во проектот Јужен тек, во овој контекст, има стратешко значење за обезбедување на енергетската иднина на земјава. Мое лично убедување е дека овој проект ќе се реализира со доцнење поради актуелните политички тензии, но ќе се реализира бидејќи во суштина не е спорен проектот, туку некои други аспекти. За нас е значајно дека кога и да се гради, ние ќе сме дел од тоа бидејќи потпишавме договор и со тоа обезбедивме еден значаен извор на гас. Но, тоа не значи дека Македонија треба да остане само на овој меѓународен коридор на гас. Ние мора да отвориме и други опции, без разлика дали тоа ќе е проектот ТАП со азербејџански гас или други алтернативи. Важно е да имаме повеќе алтернативи и да не сме зависни од поединечен извор на гас, односно од поединечна земја. Тоа е стратегијата на Владата и убеден сум дека со отворените разговори одиме во добра насока за обезбедување на повеќе алтернативни пристапи.
Живееме во време на незапаметена неизвесност за тоа што носи иднината и тоа не само на економски план. Какво е Вашето видување? Кои се, според Вас, клучните аспекти на глобалната економија во наредниве неколку години? Како влијае тоа на економските перспективи на нашиов регион и на Република Македонија?
Токму така, во период од 6 години светот во 2008 година го потресе најголемата економска криза во последниве 80 години, а во 2010 година најголемата должничка криза во Европа. Кога почнаа да се чувствуваат ефектите од антикризните и мерките за фискална консолидација што ги преземаа земјите-членки на ЕУ, меѓународните финансиски институции внимателно предвидуваа дека Европа е на вистински пат кон економско закрепнување. За жал, кон крајот на 2013 година започна кризата во Украина и нејзиниот интензитет се продлабочи во 2014 година, нешто што никој не можеше да го предвиди пред една година. Кризата, покрај хуманитарните последици, предизвика и политички и економски потреси како резултат на воведувањето на санкции и прекинувањето на трговските текови. Дополнително, доколку кризата се одолжи на среден рок, може да предизвика шокови и да се одрази врз дел од цените на примарните производи, пред сè, на храната и на енергенсите.
Сите овие ризици, доколку наскоро не се ублажат, неизбежно ќе доведат до забавување на економската активност, што значи дека можноста за нова умерена криза во Европа е реална. Само за потсетување – Еуростат неодамна ги објави податоците за растот на БДП во Европа за вториот квартал од 2014 година при што укажуваат на забавување на економската активност во однос на претходниот квартал, односно еврозоната не забележа економски раст (0,0%), а ЕУ28 забележа минимален раст од 0,2%.
Оттаму во следниов период очекувам проекциите за движењата на глобалната и, пред сè, европската економија да бидат надолно ревидирани имајќи предвид дека претходните проекции беа пооптимистички. Секоја нова криза во Европа неизбежно ќе влијае на регионот на Југоисточна Европа, вклучително и на Македонија. Македонската економија е тесно поврзана со европската и над 70% од надворешната трговија е со земји кои се членки на ЕУ (78% од извозот и 64,2% од увозот е со ЕУ28). Следна по обем е трговијата со земјите од регионот на ЈИЕ чии економии, исто така, се блиску поврзани со земјите членки на ЕУ.
Сепак останува будно да ги следиме случувањата во Европа и да ги видиме резултатите од третиот и од четвртиот квартал од 2014 година. Доколку кризата се продлабочи, во согласност со можностите ќе преземеме соодветни мерки за поддршка на економијата, а во меѓувреме ќе се продолжи со имплементација на постојните мерки од Програмата што се насочени за поддршка и развој на приватниот сектор.
Еден од елементите на пакетот за уставни промени е формирањето на слободни финансиски зони. Некако се крена прав за овој предлог што, делумно, мислам дека се должи на нецелосна информираност. Можете ли да ни објасните за што, всушност, станува збор, носи ли тој проект некакви ризици и кои би биле придобивките?
Ова е едно од прашањата за кои се пласираат неаргументирани тези со кои се настојува да се создаде забуна кај пошироката јавност. Како што во неколку наврати истакнав, формирањето на финансиската зона во Македонија е со цел дополнително да се привлече капитал во државава преку отворање и работа во Македонија на реномирани светски инвестициски и приватни банки, инвестициски фондови и корпорации. Притоа не станува збор за никаква оф-шор зона, туку обратно, за зона со високи меѓународни стандарди по примерот на Велика Британија или Луксембург, кој патем е земја-членка на ЕУ, што значи дека тие стандарди не се во спротивност со европското законодавство. Зоната ќе се формира со посебен закон за што ќе се искористат најдобрите компаративни искуства од англосаксонското право и ќе се применуваат високи стандарди од аспект на приливот на капитал, што значи дека нема да се дозволува прилив на нечист или капитал што не доаѓа од извори што се верификувани.
Во зоната ќе се привлекуваат банки, инвестициски фондови и корпорации што сакаат да ги искористат поволностите на даночни олеснувања и ниски трошоци за правни, за сметководствени и за други услови што ги дава Македонија, но притоа субјектите ќе бидат обврзани да имаат присуство и активност на територијата на Македонија, односно да не биде само регистрирање на компанијата како во оф-шор зоните, туку и да имаат назначено директор, вработувања, активност и слично. Ова ќе придонесе за креирање на многу работни места, и тоа за лица со соодветно образование во делот на економијата, правото и сметководството, како и многу други.
На крајот и едно лично прашање. Во октомври годинава полните 50 години. Се подготвивте ли психолошки за тој момент?
Ух, не е толку едноставно (се смее), иако не мислам многу на тоа, а кога мислам си велам: роденден како роденден, како и секој друг. Мојата девиза е дека е важен секој ден од животот и ако сакаш да имаш исполнет живот, мора секој ден да се обидуваш да го правиш тоа, да живееш и да твориш на начин кој ќе те прави да се чувствуваш исполнето и задоволно. Подемите и падовите се составен дел од животот, најважно е да знаеш да се контролираш себеси кога си на врвот, а кога ќе паднеш да се исправиш повторно и да продолжиш понатаму.
Ви благодарам за интервјуто