Општество

ПОДЗЕМНАТА МАПА НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА

Бојана Маричиќ

 

 


Анализата на емоциите е исклучително важна на геополитичката арена бидејќи тие влијаат на ставовите и однесувањето на нациите и на односите помеѓу различни култури. Емоциите се како холестеролот, и добри и лоши. Проблемот е во тоа да се пронајде соодветен баланс. Во ерата на глобализација, емоциите станаа незаобиколни во разбирањето на сложеноста на светот во кој живееме. Тие покажуваат колку некое општество верува во себе, па со тоа и колку е способно да се опорави од криза и да се прилагодува на промените, истакнува во својата студија „Геополитика на емоциите“ Доминик Мојси, професор на Институтот за политички науки во Париз и гостин-професор на Универзитетот Харвард.
Според мислењето на францускиот стручњак, со довербата најтесно се поврзани три емоции што денес преовладуваат во светот: стравот, понижувањето и надежта. Стравот е отсуство на доверба дека било што значајно може да се промени и поради тоа иднината ќе биде полоша од сегашноста. Наспроти тоа, надежта е показател на довербата: се заснова на убедувањето дека денес е подобро отколку вчера и дека утре ќе биде уште подобро. Понижувањето е нарушена доверба на оние кои го глорифицираат минатото бидејќи ја изгубиле надежта во иднината и за тоа обвинуваат други. Многу поедноставената, но во основа точна, „емоционална мапа“ на глобализираниот свет укажува дека стравот се досели на Запад, дека надежта емигрираше на Исток, а дека понижувањето се вбразди во голем дел на арапско-исламскиот свет, со заливските емирати како исклучок што го потврдува правилото.

Континент на надежта
Од континент на војни Азија прерасна во континент на надеж и покрај фактот дека оптимизмот во однос на иднината не го делат сите азиски земји: според своите фрустрации Јапонија е многу поблиска до Европа и до САД, додека многу други азиски земји се на маргините на напредокот и сè уште не се стигнати до надежта. Јасно е дека во азискиот свет главни носители на надежта се Кина и Индија, чиј економски раст, како два демографски гиганти, е исклучителен и покрај нивните подеднакво гигантски недостатоци.
Самодовербата и гордоста на мнозинството Кинези се заснова на пораката: „Кина се врати“. Иако наместо цар сега ги предводи средно стручна партиска бирократија, тоа не го намалува кинескиот оптимизам дека нивната земја повторно станува светска сила каква што била во минатото. Ангажирана на создавање регионални сојузи, Кина настојува да создаде стабилна азиска противтежа на западното влијание и да поттикне чувство на просперитет на целиот континент. Пекинг вртоглавиот економски подем на Кина го смета како доказ на својот авторитарен пристап и смета дека тој претставува одржлив алтернативен пат кон модерното.
И покрај недостатокот на политички слободи и независен правен систем, мнозинството Кинези своите лидери ги цени врз основа на материјалниот напредок и можноста да патуваат во странство, што по цел век страдања во беда и прпелкања во политика им е поважно отколку да се изразат поинакви ставови. Истовремено граѓаните очекуваат од државата да ги заштити од природни катастрофи и од суровото однесување на корумпираните и неефикасни локални официјални лица, што неизбежно има и политички последици. Актуелната комбинација на економски напредок и политичка стагнација ќе трае сè додека преовладува надежта што, пред сè, подразбира континуитет на економскиот раст.
Наспроти Кина, Индија дури пред нешто повеќе од шест децении стекна независност, кога нејзината илјадагодишна традиција на духовно богатство, благодарение на политиката на ненасилство на Ганди, доби значајна политичка димензија. Во меѓувреме, бистите на Ганди завршија во магацините, а светкавите симболи на капиталистичката потрошувачка ја прават сè потешка помислата дека таткото на оваа нова светска сила бил оскудно облечен филозоф и политички активист кој се залагал за едноставност и испосништво. Мошне богатите Индијци и самите се запрепастени колку постигнале во толку краток временски период и колкаво почитување стекнале во светот, а индиските финансиски аналитичари, програмери и лекари се меѓу најбараните во САД и во Велика Британија.
Додека кинеската самодоверба делумно почива на империјалистичкото минато, самодовербата на Индија, како нација со 700 милиони жители помлади од 25 години, се заснова на визија за иднината. Но, за да продолжи да напредува Индија мора да развива инфраструктура, да ја намалува нееднаквоста и да ја зауздува корупцијата. Комплексната разноликост на плуралистичка Индија можеби е една од клучните причини за стабилноста на нејзината демократија. Наспроти тоа, централизираната Кина е многу поефикасна, но и поподложна на брзо ширење на хаосот во случај на политичка нестабилност.
Би можело да се каже дека овие две земји претставуваат доверлива основа за глобална надеж токму поради тоа што нивните актуелни лидери не претендираат да го сочуваат светот од злото како САД, или да воспоставуваат етички, општествени и културолошки норми како што тоа често го прави Европа, заклучува Мојси. Азиската надеж не се заснова на големи соништа за слобода и мир во светот, туку на поедноставната визија за стабилен раст и материјален просперитет. На милијарди луѓе во светот кои гладуваат таквата умерена визија, секако, им изгледа привлечна, но основано е да се постави прашањето дали тоа, на долг рок, ќе биде доволно.

Господ како одговор за неуспех

Ако надежта е самодоверба, понижувањето е чувство на немоќ да се управува со сопствената судбина бидејќи таа зависи од одлуките на некој друг. Денес таа култура на понижување главно е карактеристика на голем дел на арапско-
-исламскиот свет, а меѓу бројните причини Мојси како најважно го истакнува чувството за опаѓање на историското значење. Арапското поимање на пропаста, што датира уште од 17 век, е засилено и продлабочено со кумулативното чувство на сукцесивни фрустрации: подреденост на западниот империјализам во 19 и раниот 20 век; рушењето на илузиите за независност; неуспешноста во користењето на нафтата како економско и дипломатско оружје и, пред сè, неспособноста на сопствените лидери. Овој последен извор на фрустрации е уште подлабок бидејќи на населението не му е наметнат однадвор, иако странските сили сесрдно „помагаат“ во тоа, а некогаш и директно интервенираат како што беше случајот со Ирак.
Арапските земји се длабоко свесни за сè поголемите разлики помеѓу успехот што го остваруваат западните и азиските земји, што го користат подемот на глобализацијата, и сопствената неспособност да се направи тоа истото. Реакцијата што преовладува за ваквата состојба на работите може да се сумира во ставот:„Јас не сакам да бидам успешен во свет во кој правилата ги одредуваат други и затоа ќе создадам сопствен свет во кој успехот ќе биде дефиниран по мое наоѓање“. Во тој паралелен свет, голем број муслимани одговорот за неуспехот и понижувањето го побараа во Господ. Но, тоа е пат кој во суштина е бесцелен, оценува Мојси, бидејќи не нуди никакво смислено решение за соочување со предизвиците на модерното доба на кои секоја нација мора некако да реагира.
Оттаму растечката популарност на исламската религија, вклучувајќи ги САД и Европа, не го намалува чувството на пониженост меѓу арапските народи, ниту стравот дека муслиманскиот свет е геополитички загрозен. Тоа има одлучувачка улога во подемот на муслиманскиот фундаментализам и тероризам и го прави толку привлечен за дел од муслиманите, меѓу кои се и оние чие образование и материјален статус се далеку над просекот. Западните мултикултурни настојувања да се оствари „конструктивен однос“ со исламот за тврдокорните верници е израз на дволичност. Што се однесува до широките маси на муслимани, тие бараат почитување, додека Западот е подготвен да им понуди само толеранција.
Поединци во арапскиот свет се потполно свесни за проблемите што се последица на културата на понижување. Во книгата „Да се биде Арапин“, последната што ја објави најпознатиот либански колумнист Самир Касир пред да загине во бомбашки напад, авторот истакнува дека кај чувството на пониженост најлошо е тоа што арапите одбиваат да го надминат. Привлечноста на џихадискиот исламизам е во идеологијата што наметнува привид дека е единствена која арапите ги ослободува од статусот на жртва и слично на сицилијанската вендета ја промовира смртта како нужно средство за постигнување на таа цел. Решението е на сосема спротивната страна, во промена на ставот, тврдеше Касир. Арапскиот свет мора објективно да ги разгледа причините за својата стагнација и наместо постојано истакнување на поразите и на негативната страна на глобализацијата, да се сврти кон можностите да учествува во напредокот како што тоа го направија азиските земји.

Губење на монополот над иднината
Кризата на идентитетот со кој се соочува западниот свет, без оглед на разликата помеѓу Америка и Европа, може да се сведе на поимот на стравот, предизвикан од фактот дека Западот веќе не е носител на глобализацијата и дека нема монопол над иднината. Од обете страни на океанот јакне стравот од економска несигурност или крах, што го следат стравови од тероризам, еколошки катастрофи, заразни пандемии, потполна технолошка контрола над приватноста... Сите овие стравови се засноваат на доживувањето дека иднината е крајно неизвесна и заканувачка бидејќи може многу малку или воопшто не може да се контролира.
Постои значајна врска помеѓу стравот што денес се чувствува на Запад и слабеењето на демократскиот идеал. Уште повеќе, истакнува Мојси, културата на стравот го намалува квалитативниот јаз што некогаш постоеше помеѓу демократските и недемократските режими бидејќи стравот тера кон кршење на сопствените морални начела што се засноваат на строго почитување на владеењето на правото. Кога демократските режими проповедаат вредности до кои не се држат веќе во практиката, тие го губат својот високоморален статус, а со тоа ја губат и привлечноста.
Непостоењето на јасни географски граници и неуспехот на ЕУ да создаде јасно чувство на идентитет, цел и насоченост за земјите што ги опфаќа, го зголемува чувството на несигурност во Европа. Европјаните немаат јасен одговор на прашањата кои се, каде започнува и каде завршува нивниот континент. Сериозните проблеми на финансискиот пазар, економската рецесија, опаѓањето на куповната моќ, а посебно растечката невработеност меѓу младите за кои веќе подолг период не се наоѓаат вистински решенија, сè повеќе се манифестираат низ жестоки критики што се упатуваат на адреса на Европската комисија дека повеќе создава отколку што решава проблеми, дека сè помалку штити, а сè повеќе наметнува непопуларни мерки. Стравот од економска стагнација е причината за уште еден европски страв, кој е посуптилен, но е многу раширен. Тоа е стравот дека Европа е осудена да стане некој вид музеј, поголема верзија на Венеција, оаза на префинет живот и култура кои луѓето од подинамичните континенти сакаат да ја посетуваат или тука да ја поминуваат староста, но дека таа веќе не е центар на создавањето и на влијанието врз светот.
Ако Европјаните себеси си поставуваат прашање кои се, Американците се прашуваат што си направија себеси и зошто остатокот од светот, вклучително и доскорешните пријатели и сојузници, се сврте против нив. Во тој процес на самоиспитување Американците почнаа да се сомневаат во универзалноста на нивниот систем, па и во тоа што е добро за нив кога Америка веќе не ги практикува вредностите што ги проповеда. За разлика од Европа, традиционалното обележје на Америка беше, пред сè, надежта. Нејзината сопствена историја се заснова на речиси месијанската надеж, увереноста дека Америка е земјата на спасот, ослободувањето и новите почетоци, што беше и суштината на нејзината привлечност за луѓето од целиот свет.
Но, економските, политичките и општествените показатели дека Америка е на надолен пат се сè побројни, а нејзините жители, токму како и Европјаните, стравуваат од економска пропаст, губење на работното место и заканата да преминат „во сопственост“ на странски компании, особено кинески. Евидентно е сè поголемото стравување од глобализацијата и јакнењето на протекционистичките тежненија. Дополнително заедничките стравови сè повеќе ги разединуваат Америка и Европа, и иако оддалечувањето во однос на суштинските вредности и стратешки одлуки е највидливо кај несогласувањето во военото сојузништво, тоа е многу присутно и во останатите општествени сегменти.
Тоа што Западот го изгуби монополот над надежта веројатно не можеше да се избегне. Од друга страна, тоа што стана нов центар на стравот не мора да биде фатално, но тоа би можело да биде – ако не дојде до позитивни промени. Надежта е, пред сè, состојба на умот, истакнува Мојси, и потсетува на примерот на Тристан Бернар, француски писател од еврејско потекло, кој пред апсењето од страна на нацистите ѝ рекол на својата жена: „Досега живеевме во страв, отсега ќе живееме во надеж“. За да може да одговори на предизвиците со кои се соочува, на светот му е, пред сѐ, потребна надеж, порачува францускиот стручњак.

Бојана Маричиќ
Преземено со одобрение од српскиот месечник „Бизнис и финансије“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано