Општество

Социјална пензија ја очекуваат над сто илјади лица во Србија

Над 22 отсто од граѓаните на Србија постари од 65 години се наоѓаат во зоната од ризик од сиромаштија, а над 115 илјади лица од оваа возрасна група не примаат пензија, објави Републичкиот завод за статистика на Србија. Заради намалување на сиромаштијата кај пензионерите, повеќе од две децении се предлага воведување на социјална пензија. Овој надомест би го примале лицата кои го немаат исполнето законскиот минимум од 15 години работен стаж. Социјалната пензија се исплатува во повеќе од сто земји, а во регионот оваа можност им е дадена и на граѓаните во Хрватска и во Македонија, пишува „Еуроњуз“.

Министерот за грижа за селата Милан Кркобабиќ се залага за воведување на социјална гарантирана пензија која не би требало да изнесува помалку од сто евра во динарска противвредност. Од ова министерство доставиле иницијатива до Работната група за изработка на Предлог стратегија за унапредување на положбата на старите лица во Република Србија за период од 2024 до 2030 година.

Фискалниот совет на Србија во своите препораки за социјалните и даночните политики посочи дека материјалната состојба на старите лица без пензија е многу хетерогена. Повеќето од постарите лица над 65 години кои не примаат пензија, не можат да се сметаат за материјално загрозени затоа што се наоѓаат над границата за примање на социјална помош. Од 115 илјади стари лица без пензиски приходи, околу 16 илјади имаат сопствени приходи од други извори, најчесто од сопствен труд. Околу 75.000 стари лица без пензија живеат во домаќинства во кои другите членови имаат приходи над границата за стекнување на правото за социјална помош. Остануваат 24 илјади лица кои не примаат пензија и чии приходи се помали од цензусот за остварување на социјалните права, информираат од Фискалниот совет на Србија.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано