Општество

ФИЛОЗОФИЈА: Вивикананда и Тесла

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Современата популарна и научна литература изобилува со податоци за потеклото на Никола Тесла (Смиљан, Лика 1856 – Њујорк 1943), за животот и делата, за неговото образование, школувањето во Грац на Политехничката школа, за престојот во Париз, во САД, за неговите исклучителни способности и таленти како на пример фактографската меморија, за визионерскиот и генијален ум кој однапред можел да ги визуелизира во свеста иновациите и патентите, па сè до помалку бизарниот стил на живеење, употребата на ракавици, вегетаријанска исхрана, љубов за гулаби, луксузниот престој по хотелски соби, каде што и завршил животот на 87-годишна возраст. Исто така позната е и содржината на предавањата и на говорите низ универзитетите во САД, но и фактот дека Тесла бил полиглот, многу од јазиците ги научил за време на школувањето и престоите во европските градови, но дел читајќи литература на странски јазици од семејната библиотека. Зборувал француски, германски, англиски, чешки, унгарски и што е помалку познато − бил упатен и во филигранските нишки на Ведите и санскрит поими. Со цел да ги опише и да ги објасни природните феномени, да ја објасни идејата „да се прикачи човештвото на тркалата на природната енергија за да се добие енергија од која било точка на универзумот“, истражувачот користел санскрит. Дали и кој го инспирирал Никола Тесла да се запознае со источната мисла и санскрит јазикот, е темата на текстот.

Постојат повеќе верзии за првата средба меѓу „мудрецот и научникот“, една од верзиите е дека се случила во домот на француската актерка Сара Берхард во Њујорк, која и посредувала на средбата. За време на изведбата на претставата „Изиел“ (француска верзија за животот на Буда), во публиката го забележала Свами Вивикананда и истата вечер договорила средба на која се запознале двајцата извонредни и генијални ума. Се вкрстиле патиштата од една страна на Тесла, претставник на западната култура, како што љубел и самиот за себе да каже, истражувач, а не пронаоѓач, од балканско потекло, по традиција православен христијанин и од друга страна, Свами Вивикананда, мудрец од источната култура, хиндус. Кој е Свами Вивикананда? Свами со родено име Наредранат Дата (Narendranath Datta, 1863 − 1902) е индиски, хинду монах, јогин, филозоф, спиритуален учител, ученик на Рамакришна и еден од клучните фигури на запознавање на западната култура со Веданта и јога филозофијата. Како ученик на Рамакришна, учење „во служба на човештвото како видлива манифестација на Бога“, поминал три години во мисија во САД при што ја ширел и ја проповедал јога филозофијата, ги популаризирал Веданта филозофијата и учењето на Рамакришна. Свами Вивикананда потекнува од аристократско семејство од Калкута (Британска Индија), од најрана возраст се истакнал со силни духовни и интелектуални способности и се стекнал со ексклузивно образование. Се школувал во Европа, на Шкотскиот колеџ, каде што темелно се запознал со западната рационалистичка филозофија, со идеите на Дејвид Хјум, Имануел Кант, Јохан Готлоб Фихте, Барух Спиноза, Г. Вилхејм Хегел, Артур Шопенхауер, Огист Конт, Џон Стујарт Мил, Чарлс Дарвин, Херберт Спенсер, а паралелно ја проучувал Веданта филозофијата, светите санскрит списи и бенгалската литература. Свами Вивикананда за време на тригодишниот престој во САД инспирирал повеќе јавни личности, меѓу нив мислители, писатели и научници. Се спомуваат имињата на Вилијам Џејмс, американски филозоф и психолог, основач на прагматизмот, Сара Берхард, француска дива, една од првите актерки на немиот филм, Лорд Келвин, британски математичар, физичар и инженер, Ромен Ролан, француски мистик, добитник на Нобелова награда за литература, писател, драматург и музиколог и Никола Тесла. Не е познато колку пати се сретнале Свами Вивикананда и Никола Тесла, но таа, една, а можеби и единствена средба е документирана. Била студена вечер, Њујорк, по забавата кај Сара Берхард, кога стивнала атмосферата, останала мала група на љубопитни слушатели да го следат разговорот меѓу „мудрецот и научникот“. Вивикананда го водел дијалогот, зборувал за „акаша“ (санскрит) − космички етер, платното на кое реалноста ги слика своите сложени обрасци, форми, ентитети , „прана“ (санскрит) − животна сила што тече низ сите нешта на постоењето, како невидлива нишка што го поврзува универзумот или единица енергија што танцува меѓу атомите, „калпасите“ (санскрит) − циклуси на времето, епохи прикажани како еден вид космички вдишувања и издишки. Раскажувал така Вивикананда митови од древните списи на Ведите, за древните верувања и концепти стари 5 000 г. кои можеби ги чуваат клучевите на тајните за разбирањето на ритамот на универзумот, а Тесла слушал и совршено добро разбирал. Одамна тој препознал дека сета воочлива материја доаѓа од примарна супстанција која е надвор од зачнувањето, исполнувајќи го целиот простор. Препознал дека е тоа „акаша“, прозрачниот етер, на кој дејствува животодавачот „прана“, или уште креативната сила при што сето тоа се движи во временски циклуси, „калпаси“, кои никогаш не завршуваат, за одново да започнат кога примарната супстанција фрлена во вртлози со огромна брзина се претвора во материја. Кога силата стивнува, движењето престанува и материјата исчезнува, враќајќи се во примарниот извор на супстанцијата. Долго во ноќта разговарале, се надополнувале, се надоврзувале, разменувале идеи како двајца алхемичари кои мешале еликсир. Зборовите на Вивекананда биле разбрани од интуицијата на Тесла, а пак јогинот во него видел трагач, космички трагач по вистината, сонувач со голем сон за добро на човештвото и научник кој ја потврдил хармонијата на ведската космологија. И двајцата, иако од различни култури, од Истокот и од Западот, биле на иста страна, сродни души, во тивок пакт за разоткривање на тајните на космосот. Сè потоа е историја, запишана во „космичките архиви“ за пријателството на јогинот и истражувачот, кои биле врзани со силата на љубопитноста на духот, на кои универзумот таа вечер, сепак, им ги шепнал тајните на космосот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано