Општество
Харизма или политики
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2024г.
Реките на правдата надоаѓаат, ништо веќе нема да биде исто. Кога нема политики, харизмата е компензација. Тоа е денес Хрватска, во фасцинантната, речиси шокантна дебата која се води во јавноста деновиве, пред изборите на 17 април.
Да, и во Македонија предизборната кампања започна и споделено е мислењето дека самата содржина на кампањата ќе биде досадна и неинвентивна. Тоа не значи дека изборите и нивниот исход нема да бидат интересни бидејќи комбинациите за нова влада (и широката лепеза на уцени и на преговарања) ќе го направи постизборниот период навистина интересен. Тука, пред сè, мислам на албанскиот политички блок и постизборните игри во зависност од бројките на пратеници. Затоа, пак, во нашето некогаш блиско, а денес толку далечно соседство предизборната кампања е во полн ек и со многу трилерски возбуди. Хрватска, членка на ЕУ, ќе ги одржи своите парламентарни избори на 17 април, а претседателските избори ќе се одржат кон крајот на годинава. Во последен момент, пред самиот старт на кампањата, се појави деус екс макина, богот излезе од кутијата и се заканува да ги помати сметките на ХДЗ и на владејачката коалиција. Самопрогласениот бог на левицата (а постои ли воопшто левица во Хрватска?!?), актуелниот харизматичен претседател Зоран Милановиќ, одлучи да се вклучи во предизборната кампања и да се (само)промовира во иден мандатар на новата влада предводена од социјалдемократите притоа не давајќи оставка од претседателската функција. Бидејќи кај нас во Македонија боговите одамна паднаа на теме, вреди да се позанимаваме со исклучително возбудливата изборна трка во Хрватска и да извлечеме паралели соодветни за нашето политичко поднебје.
1. Растегливоста на Уставот
Предизборните анкети во Хрватска укажуваа на недвосмислена победа на актуелната партија на власт ХДЗ и голема веројатност за составување на идната влада. И одеднаш шок! Како гром од ведро небо актуелниот претседател Зоран Милановиќ (мандатот му истекува кон крајот на 2024 година) излезе на прес-конференција и соопшти дека се вклучува во изборната кампања и дека токму тој ќе биде новиот мандатар на идната хрватска влада. Притоа сето ова ќе го прави од позиција на претседател на Хрватска и нема намера да даде оставка. Ова отвори безброј дилеми и толкувања од страна на хрватската стручна јавност, а Уставниот суд на Хрватска донесе одлука (или препорака, како што некои милуваат да ја толкуваат) дека Милановиќ не смее да биде вклучен во изборната кампања и не смее да биде на гласачка листа. Наспроти сето ова, Милановиќ одлучи дека нема да ја почитува одлуката на Уставниот суд и еве веќе секој ден е во изборна кампања, и тоа сам, без присуство на претставниците на останатите опозициски политички партии. И рејтингот нагло му порасна, иако последнава недела доживеа релативен пад. Во оваа уставно-политичка папазјанија, „легалистите“ се повикуваат на тврдата одлука на Уставниот суд, додека Милановиќ и опозицијата се повикуваат на недореченостите во Уставот и ургентноста што ја налага политичката криза во Хрватска. Уставот е човечка творба, направен од луѓе од крв и од месо, во одреден политичко-општествен контекст, а Уставниот суд де факто е чувар на Уставот. Но, кога уставот не ја одразува моменталната поставеност на нештата во едно општество или стриктно не забранува одредени поведенија, тогаш Пандорината кутија е отворена, а со тоа отворена е и можноста да се толкува на различни начини.
2. Нема (веќе) идеологија
Кампањата на Милановиќ се темели на само една „програмска“ точка: реките на правдата надоаѓаат и Хрватска мора да се справи со криминалот и со корупцијата на актуелната власт. ХДЗ, од своја страна, исто така има една точка во програмата: Милановиќ не смее да води кампања од позиција на актуелен претседател и не смее да биде мандатар доколку опозицијата се најде во таква ситуација. Опозицијата во Хрватска е шеренолика, од радикално леви до радикално десни. Милановиќ сака да ги собере сите на едно место, само да биде поразен ХДЗ. Да се соберат сите тие на едно место, мора да постои некаков „санитарен“ чадор. Тоа е Милановиќ кој упорно зборува дека времето на идеологиите е заминато и дека сите треба да се соберат за да го победат заедничкиот противник. Постидеолошкиот свет во кој живееме деновиве најдобро се отсликува во Хрватска. Тврдите идеолошки линии кои традиционално ги отсликуваа партиите се длабоко поместени и се измешани. Тоа не значи дека во светот веќе не постојат вкоренети вредности и идеолошки позиции на граѓаните, туку дека политичарите и партиите кои ги претставуваат пречесто одат отаде нивниот идеолошки „плот“ со цел да привлечат разни категории на граѓани. И ова станува норма, а не исклучок.
3. ЕУ не е гаранција дека корупцијата и криминалот ќе исчезнат
Заклучокот од оваа кампања и темите кои се наметнуваат како доминантни укажува на тоа дека членките на ЕУ не се имуни на криминал и на корупција (ние секако тоа го знаеме!) и дека борбата против ова вечно зло е постојана и се провира во сите општествени контексти. Знаејќи го ова, нам не смее да ни биде голема утеха или алиби за нефаќање во костец со корупцијата во нашево општество. Токму обратно, од оваа позиција разочарувачки изгледаат повиците на нашите политички првенци дека прво треба да почнеме преговори за полесно да се справуваме со корупцијата.
4. Нацијата и национализмот се вратени на голема врата
Важноста на нацијата и употребата на национализмот за опивање на масите исто така е важна тема на предизборното мени. Милановиќ ѝ пркоси на десничарската ХДЗ токму на оваа тема, кокетирајќи со национализмот и често ставајќи се себеси подесно и од најрадикалните десничари во Хрватска. ЕУ, создавана и градена како брана за национализмот, не успева да ја додржи надојдената вода на националното наспроти глобалното. На изборите за Европскиот парламент во јуни оваа година се очекува цела Европа да оди во десно и целиот политичко-идеолошки дијапазон да се помести кон десно. Во некое идно време, веројатно не многу далеку од денес, глобалниот поредок и глобалните текови исто така ќе се редефинираат и ќе дојдат во некоја претходна точка, т. е. ќе се вратиме назад кон регионализација, „национализација“ и чување на своето. Во хрватскиот случај, покрај домашниот национализам, се работи и за патернализам кон околината, особено со мешање во внатрешните работи на Босна и Херцеговина и на позицијата на Хрватите таму.
5. Сервилноста кон Брисел
Во помалите и условно кажано поневажните членки на ЕУ, темата за сервилноста кон Брисел е исто така важен дел од политичкиот фолклор. Помалите или поновите членки често ја експлоатираат оваа тема, особено кога има „наметнување“ на ЕУ-законодавството. Тоа е логично, преговарачката моќ на помалите е соодветно помала и тука јасно се гледа специфичната тежина на едни држави наспроти други држави, оние кои редовно даваат и оние кои редовно земаат (фондови). И на оваа тема Зоран Милановиќ е жесток суверенист, напаѓајќи ги десничарите дека премногу сервилно се однесуваат кон Брисел и дека не се грижат за хрватските национални интереси.
***
Што имаме ние во Македонија со овој далечен свет? Не многу, навистина не многу, бидејќи Македонија е заглавена на самиот почеток на преговорите и нема ни време ни капацитет да мисли за денот потоа. Но, оваа скица опишана за хрватскиот политички контекст се чини сосема соодветна за идните скици кои би ја опишале и Македонија. Овие теми и следењето на развојот и на предизвиците со кои се соочува денешната Европска Унија мора да ги сфатиме отрезнувачки за нас, но не во насока дека еве ЕУ се распаѓа (омилената тема на локалните геостратези) туку во насока дека ако сами не си го средуваме општеството, никој нема да може да ни го среди. Оттука ми се чини дека е погрешна кампањата на СДСМ и на албанските партии дека ЕУ е спас за сите проблеми, но погрешна е и прикриената позиција на опозицијата дека можеме и без ЕУ бидејќи таа и онака се распаѓа. И двата наратива упатуваат на немање спремност и волја на двете компетитивни елити да се справуваат со домашните проблеми. Хрватска, пак, со сите нејзини проблеми и предизвици кои датираат уште пред нејзиното членство во ЕУ, па дури и со антиевропската реторика за време на изборите, останува задоволна членка на Унијата, со огромни финансиски и структурни бенефиции и под чадорот на најбогата и најпросперитетната групација на држави во историјата.