Интервјуа

СО КОРПОРАТИВНО УПРАВУВАЊЕ ДО ПОДОБРИ РЕЗУЛТАТИ

Или Марку

Господине Марку, вие сте претседател на Собранието на Институтот на директори. За почеток, што точно претставува изразот „директор“ во контекст на Институтот на директори?

Би сакал, пред сè, да ве поздравам и да се заблагодарам на поканата за интервју во вашиот економски магазин на темата за корпоративното управување.
Институтот на директори под поимот „директор“ подразбира овластено лице кое ги заштитува интересите на друштвата и други правни лица и нивните конституенти, односно заинтересирани страни.
И, да, тоа е многу добро прашање, Ви благодарам, затоа што во јавноста многу често доаѓа до мешање, односно изедначување на термините „директор“ и „управител/менаџер“ односно раководно лице со тоа што кога ќе се спомене терминот „директор“, всушност, се мисли на управител. Исто така многу често се мешаат термините насочување (directing) и менаџирање (managing), што е основата на дефиницијата за поимот „директор“. Директори се членовите на Надзорниот одбор и неизвршни членови на одборите на директори кои се грижат за насочувањето, односно управувањето на друштвата. Директорите имаат обврски и должности кон акционерите и нив ги известуваат за своето работење. Директорите ја дефинираат визијата и стратегијата на компанијата, но имаат и улога да вршат контрола на работењето на компанијата. Од друга страна, управителите, односно менаџерите, односно делот од средното раководно ниво на друштвата, се лица кои ја спроведуваат извршната функција во компанијата и за своето работење го известуваат одборот работејќи на имплементација на деловната стратегија на друштвото.
Која е целта и мисијата на Институтот на директори? Во што се разликува овој Институт од останатите видови на бизнис здружување како што се, на пример, стопанските комори итн.?

Во фокусот на работењето на Институтот на диркетори (ИД) е, пред сè, унапредувањето на стручноста и професионалниот капацитет на директорите. Ние се грижиме за достојно почитување на функцијата директор и заштита на интересите на македонските директори преку унапредувањето на нивниот професионализам, стручност и статус.
Поаѓајќи од овде, ИД во својата веќе шеста година од постоењето е јасно препознаен од страна на сите професионалци кои во својот кариерен пат и сопствена индивидуална стратегија се гледаат како дел од клучните одлучувачки функции во друштвата.
Во поширока смисла, пак, нашето работење има цел да го подобри деловното опкружување на начин што врши промоција на одличноста во корпоративното управување и помош и поддршка на директорите во реализирање на нивните функции.
Она што е специфика за ИД и ја издвојува како посебен вид на бизнис здружување е, пред сè, темата на која работи, како и специфичната целна група кон која се фокусирани сите активности - корпоративно управување и директорите, односно идните директори.

 

Интересно е дека Институтот на директори е поддржан од Светската банка, поточно од ИФЦ - Меѓународната финансиска корпорација, делот на групацијата на Светска банка задолжен за приватниот сектор. За каква соработка станува збор и како дојде до неа?

Корпоративното управување е една од најзначајните области на кои се фокусира Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) како членка на Светска банка. ИФЦ работи заедно со компаниите да привлечат и да ги задржат инвестициите преку промовирање и воведување на добри корпоративни практики и стандарди. ИФЦ е првата развојна финансиска институција што бара анализа на практиките за корпоративно управување пред која било инвестиција и како дел од секоја длабинска анализа на компанијата.
Преку својата Програма за корпоративно управување во Европа и Централна Азија, ИФЦ ги промовира добрите практики за корпоративно управување и им помага на своите клиенти во процесот на воведување на овие практики во своето секојдневно работење. Преку оваа Програма и како еден од иницијаторите за формирање на посебна институција што ќе се залага и ќе промовира одличност во процесот на промовирање и спроведување на корпоративното управување во Македонија, во 2009 година се формираше Македонскиот институт на директори. Од тој момент, ИД е единствена партнер институција на ИФЦ во областа на корпоративното управување во Македонија. Во изминативе шест години преку Програмата на ИФЦ и несебичната поддршка на Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕЦО), со дополнителна поддршка од Банката за развој на Австрија (ОеЕБ), постојано се јакнеше капацитетот на ИД со цел достигнување на лидерска улога во областа на корпоративното управување во Македонија.
Со корпоративно управување до подобри резултати.

Кои се главните активности на Институтот?

Институтот на директори сво­ите активности ги става во функција на основната мисија за унапредување на корпоративното управување кај друштвата, односно активности поврзани со поддршката на одборите на директори и надзорните одбори во додавањето на вредност при носењето на стратегиски одлуки во друштвата. Воедно Институтот на директори активно работи на унапредување на личниот и професионален развој на директорите.
Притоа нашата целна група се средните и големи претпријатија, пред сè, акционерски друштва, меѓутоа во последниве две години во нашата сопствена стратегија посебен фокус за понатамошна работа поставивме на семејно поседуваните друштва, мали и средни каде што постои голем потенцијал за раст и развој. Наоѓаме дека тие имаат реални специфични потреби што се однесуваат на корпоративното управување, а опфаќаат развој и унапредување на деловни практики како: планирање, особено долгорочно, односно развој на деловна стратегија, нејзина оценка, т.е. развој на системи за управување со учинокот, управување со ризици, односно планирање на наследувањето на клучните позиции.
Една од нашите клучните активности во ИД е и јакнење на свесноста кај нашите членки и целокупната деловна заедница за потребата од добро корпоративно управување преку организација на конференции, работилници, обуки, јавни трибини. ИД и неговите експерти се активно вклучени во процесот на ревизија и изработка на кодекси, одлуки и правилници за корпоративно управување за компании од различни индустрии. За илустрација, во октомври 2014 година, заедно со Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во Скопје и во Охрид, организатори сме на конференција специфично наменета за осигурителниот сектор каде што учество ќе земат сите осигурителни компании. Понатаму ИД дел од своите активности ги спроведува во партнерски однос со Народна банка на Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и со Македонска берза.
Како една од значајните активности на ИД е процесот на едукација од областа на корпоративното управување. Институтот на директори од декември 2012 година испорачува Програма развиена од страна на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), наменета за членовите на одборите на директори, како и за високиот и средниот менаџмент во компаниите, односно сите индивидуалци кои поседуваат амбиција за развој. Програмата е структуирана врз база на светски стандарди во оваа област и методологија која на учесниците им овозможува да стекнат познавања од одделните аспекти на корпоративното управување како што се: прашањата поврзани со структуирањето и функционирањето на одборите, обврски и должности на директорите, стратегиското лидерство, корпоративните финансии, управување со ризици и прашањата на планирање и спроведување на промени.
Програмата што ја нуди Институтот се состои од 17 модули, секој во траење од 3 часа. По завршување на предавањата, учесниците добиваат сертификати за комплетирање на целата програма (Ниво 3) или, пак, сертификати само за определени модули кои сами ќе ги изберат во зависност од нивниот интерес (Ниво 1 содржи 8 модули и Ниво 2 со поминати 12 модули).
Обуките се интерактивни и учесниците се стекнуваат со информации и вештини кои се потребни во секојдневното работење на одборите. Обуката се имплементира од реномирани обучувачи, познавачи на материјата, докажани експерти од академската заедница, како и експерти од бизнис заедницата.
Со задоволство ќе истакнам дека повеќе од 80 раководни лица од компании во различни сектори од почетокот на 2013 година досега ја имаат комплетирано Програмата за корпоративно управување на ИД.

Како се станува член на Институтот на директори? Кои се конкретните погодности што ги носи членството?

ИД започна со својата работа во почетокот на 2009 година како Здружение на граѓани основано од 14 членови. Сега може да се пофалиме со преку 60 индивидуални членови и 5 корпоративни членови кои во просек имаат по најмалку 5 членови.
Секој член на ИД има пристап до нашите брошури, книги и прирачници. Тие ги добиваат најновите информации поврзани со корпоративното управување од Европа и пошироко што е овозможено преку нашето членство во ecoDa, односно членовите на ИД добиваат попуст на сите обуки, работилници и конференции и присуствуваат на сите настани што ги организира Институтот. Дополнително на нашите членови им стоиме на располагање за обезбедување едноставни совети од различни области поврзани со корпоративното управување.
На сите членови на управните и на надзорни одбори кои доаѓаат од поединечните компании им е овозможено да ги уживаат бенефициите предвидени за членовите на корпоративно ниво – организирање специфични услуги креирани само за ваквите организации-членки. На пример: имаме корпоративна членка за која специфично прилагодивме услуга за стратегиско планирање и дизајнирање по претходно направен Преглед на корпоративното управување (Corporate Governance Review) користејќи ја методологијата на ИФЦ за присуството на добри пракси за корпоративното управување.
За да се стане член на ИД потребно е да се достави кратка биографија и пополнета пријава, што може да се направи и преку интернет-страницата на ИД (www.iod.mk).

 

Имајќи ја предвид фокусираноста на Институтот на директори на проблематиката на корпоративното управување, како би ја оцениле вие генералната состојба со корпоративното управување во Република Македонија?

Како претседател на Собранието на ИД заедно со моите колеги во Управниот одбор и членовите на ИД сметаме дека состојбата со корпоративното управување во МК се унапредува во изминативе неколку години. Секако постои значителен простор за понатамошно дејствување. Состојбата на корпоративно управување, генерално, е подвижна цел и на неа треба да се работи континуирано бидејќи областите од корпоративното управување, како што е планирањето за наследување на високите позиции, не дозволуваат повремено или ад хок дејствување. Во овој контекст може да посочам на одредени сектори како финансискиот, на пример, каде што постои значаен квалитет и присутност на добри пракси од областа на корпоративното управување. Тоа, пак, се рефлектира и на нивното позитивно работење.

Институтот на директори става особен акцент на Кодексот на однесување. Кои се основните принципи на вашиот Кодекс?

Уште од своето основање Институтот на директори се залага за промовирање и почитување на три основни вредности – интегритет, професионализам и почитување на интересите на друштвата и други правни лица и нивните конституенти (заинтересирани страни). Со цел да може да ја остварува својата мисија, Институтот на директори бара и од своите членови при остварувањето на функцијата директор да се придржуваат кон етички правила на однесување.
ИД се залага директорот да работи чесно, со добра вера и во најдобар интерес на друштвото како целина. Директорот мора да ги врши дадените овластувања во вистински цели што се од најдобар интерес за друштвото, во интерес на сите акционери, но кога е соодветно тој треба да се грижи за интересите на сите други заинтересирани страни на друштвото.

Господине Марку, да ја искористиме оваа можност и накусо да се осврнеме и на активностите на Унија финансиска Скопје, компанија на чие чело стоите. Вие сте во бизнисот на брз трансфер на пари. Што покажуваат движењата во последнава година? По релативното закрепнување од тешката глобална криза, се подобруваат ли работите со брзиот трансфер на пари?

Унија финансиска Скопје ги врши услугите на име на глобалниот систем за брз трансфер на пари – Western Union и како таква оваа година ни е посебна бидејќи бележиме 15 години од успешно работење на македонскиот пазар, а истовремено и година со најголем раст во последниве 10 години. Сакам да истакнам дека и од самиот почеток на глобалната криза бележиме раст во бројот на извршените трансфери и овој раст продолжува да биде двоцифрена процентуална бројка со тоа што оваа година, освен зголемениот број на трансфери, истовремено се забележува и раст на просечниот трансфер, што за мене е резултат на зголемениот број на иселеници и, секако, на подобрената економска ситуација на нашинците кои живеат и работат надвор, а им помагаат на своите семејства во Македонија.

Имате ли некаков предлог за подобрување на регулаторната рамка во која функционира брзиот трансфер на пари?

Сме посочиле на повеќе подобрувања од кои сите ќе имаат корист. Воведувањето на денарот во глобалниот систем на Western Union како национална валута и зголемувањето на лимитот на приливните трансакции мислам дека треба да бидат првите промени во Законот за брз трансфер на пари што од неговото донесување во 2003 година, па сè до денес, буквално нема никакви промени. Повеќе од 10 години укажуваме на промени со кои државата ќе има повеќе користи. Со зголемување на лимитот на приливите повеќе од сигурен сум дека многу трансфери што во овој период се вршат преку илегални канали можат да доаѓаат во Македонија на легален начин бидејќи реалноста покажува дека тие не користат банкарски канали.
Исто така со воведување на денарот во глобалниот систем ќе се овозможи клиентите да пратат и примаат пари во денари, без да бидат приморани нив да ги променат во менувачница и да изгубат дел при конверзијата, додека истовремено многу се поедноставува и целиот процес како за клиентите, така и за самите локации што мораат да чуваат не мали количини на парични средства поради законската регулатива. Доколку од маркетиншка гледна точка се постави денарот во листингот заедно со другите светски валути (ЕУР, УСД...) мислам дека не е потребно да се објаснува повеќе...
Доволно е да ги погледаме земјите околу нас и компаниите што ја вршат истата дејност, на пример, во Албанија, Косово, Србија, Бугарија итн. Законската регулатива, освен што им овозможува дејноста на брзиот трансфер на пари да ја вршат во нивната национална валута, истовремено им дозволува да вршат и други финансиски услуги, дејности за кои посочуваат и директивите на Европската унија за Македонија. Мислам дека е крајно време и ние да чекориме во тој правец овозможувајќи им на овој начин на нашите клиенти финансиски продукти што се од светски ранг.

Ви благодарам за интервјуто.

 

подготви: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО