Општество

Триаголникот меѓу Бајден, Нетанјаху и Путин

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Односите меѓу Вашингтон, Ерусалим и Москва создаваат еден триаголник од меѓусебни влијанија кои, најверојатно, ќе се одразат и на американските претседателски избори во ноември. Станува збор за една временска коинциденција меѓу жестокиот судир Бајден-Нетанјаху и воинствените антизападни изјави на рускиот претседател Владимир Путин за време на одбележувањето на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Бајден во интервјуто за Си-ен-ен од 8 мај јавно ја истури сета своја фрустрација од дрската непослушност на израелскиот премиер Нетанјаху. „Јасно му ставив до знаење на Биби (употребата на прекарот дополнително ја издава лутината на Бајден) дека е одговорен за негативниот пресврт во 76-годишната историја на дипломатските односи и политичко-воениот сојуз меѓу САД и Израел.“
Бајден и Вашингтон овој пат се сериозни! Џо Бајден, претседателот на САД, за првпат јавно истакна дека ќе ги сопре испораките со американско оружје за Израел доколку премиерот Бенјамин Нетанјаху продолжи со планот за голема воена инвазија врз Рафах на југот на палестинска Газа. Во изјава за Си-ен-ен, претседателот Бајден призна дека дел од американското оружје испратено во Израел било користено за напади во кои загинале и цивили. „Цивилите во Газа се убивани како последица на тие бомби и на други начини на кои тие напаѓаат врз населените центри“, рече Бајден, мислејќи на бомбите со тежина од речиси 1 тон за кои Белата куќа реши повеќе да не ги испорачува за израелската армија.
Бајден исто така рече дека им ставил до знаење на Израел дека ако „влезат во Рафах, иако досега не го направија тоа, ако влезат, тогаш повеќе нема да ги снабдувам со оружја кои досега се користеле за операциите“.
САД беа првата земја во светот која меѓународно го призна постоењето на Израел. Хенри Труман тоа ќе го најави по 11 минути откако еврејската држава ја прогласи својата независност во 1948 година. Оттогаш сите американски претседатели имале моменти на тензија со израелските влади, сопирајќи ги испораките на оружје или на финансиските средства. Така ќе постапи Роналд Реган блокирајќи ја испораката на воени авиони и на муниција со цел да ја сигнализира својата спротивставеност на изралеската инвазија во Либан. Истото тоа ќе го направи и Џорџ Буш Постариот затоа што не сакаше со американски пари да се финансираат израелските колонии на Западниот Брег.
Но, никој нема дојдено до вака отворен, директен и платеален судир како Џо Бајден. Нетанјаху му одговори на Бајден со потценувачка дрскост, наредувајќи ја офанзивата против Рафах следното утро по разговорот со Бајден и постирајќи на „X“ извадок од својот последен говор: „Ако Израел е приморен да остане сам, тогаш ќе остане сам.“
Со тоа е допрена најниската точка во односите меѓу САД и Израел. Бајден немаше друг избор затоа што војната во Газа се претвора во огромна пречка за негов реизбор на претседателските избори, но и затоа што огромна е штетата по Демократската партија и по престижот на Америка во светот. Да не говориме дека евентуалниот масакр во Рафах, освен што ќе ги уништи сите шанси за преговори, може да предизвика регионална експлозија на конфликтот, сериозно да ја поткопа политичката стабилност на Египет и на Ал Сиси и до недоглед да го одложи историскиот договор меѓу Саудијците и Израел.
Одбивањата на Израел и нивното крволочно водење на војната против Хамас лошо се одразуваат и врз имиџот на САД, како што безбројните посети на државниот секретар Блинкен и шефот на ЦИА Бурнс во повеќе наврати ни потврдија. Се разбира, советникот за национална безбедност Џек Саливен се обиде да ја минимизира ситуацијата, нагласувајќи дека во дипломатијата е нужно „да се добијат многу ’не‘ пред да се добие конечното ’да‘“.
Но, војната на Израел има најголеми последици врз домашната политика и врз изборната кампања на Бајден. Негативните последици од поддршката на Бајден за Израел можеа да се забележат уште на супер вторникот, кога негодувањето на демократскиот електорат се покажа во повеќе сојузни држави.
Тоа беше особено забележително кај младата популација при што Бајден ризикува да изгуби голем дел од гласовите и консензусот. Според анкетата на Хардварскиот институт за политика (Harvard Institute of Politics), направена уште пред да почнат протестите и немирите на американските универзитети, 76 % од популацијата меѓу 18 и 29 години се противи на однесувањето на Бајден наспроти војната во Газа. Според Галуп, пак, иако 51 % од Американците и понатаму имаат симпатии за Израел, 27 % се на страната на Палестинците, бројка која изнесуваше само 12 % пред 10 години. Станува збор за генерациска промена при што и пропалестинските активисти успеаја да наметнат равенка на еднаквост меѓу палестинското прашање и внатрешните проблеми на Америка − расната дискриминација.
Се разбира, пасивниот профитер од ваквите состојби е секогаш Русија на Путин и Кина на Џинпинг. Рускиот претседател Владимир Путин повторно го обвини Западот дека ризикува глобален конфликт и кажа дека никому нема да му биде дозволено да ѝ се заканува на најголемата нуклеарна сила во светот. Додека руските трупи напредуваат против украинските сили, кои се поддржани од Западот, Путин ги обвини „арогантните“ западни елити дека заборавиле на одлучувачката улога што ја одигра Советскиот Сојуз во поразот на нацистичка Германија.
На американските претседателски избори Путин нескриено навива за победа на Трамп, особено од аспект на војната во Украина зашто би можел да очекува поповолен договор. Бајден, доколку биде повторно избран, ќе ја продолжи воената и финансиска поддршка за Украина, нешто што не е сигурно доколку биде избран Трамп. Оттука, за Путин, колку повеќе се продолжи војната во Газа толку подобро затоа што тоа ќе биде директна пречка за реизбор на Бајден. Сè што е лошо за Бајден е добро за Путин и за Трамп. Трамп на социјалните мрежи не пропушти можност жестоко да го нападне Бајден обвинувајќи го дека: „Бајден застана на страна на Хамас, терористите кои убија илјадници невини цивили.“
Сè уште постои можност дека тимот на Бајден, предводен од Блинкен и од Бурнс, ќе успее да наметне прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас. Тоа би ја променило и политичката клима за Нетанјаху и би ставило најверојатно крај на неговите воени операции. Потоа би го чекале избори кои со сигурност би ги изгубил и најверојатно би завршил в затвор. Затоа и во интерес на Нетанјаху е војната да продолжи колку што е можно подолго, така директно загрозувајќи ги шансите на Бајден за реизбор.
Како што брилијантно ќе заклучи Едвард Лус од Фајненшел тајмс: „Тоа што е добро за Нетанјаху е добро и за Путин, па оттука е добро и за Трамп.“
Така се затвора триаголникот!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано