Општество
УНДП конференција: Родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи
УНДП конференција: Родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јули 2024г.
Љубица Теофиловска, проектен менаџер во УНДП
Катастрофите ги погодуваат сите, но последиците од нив не се еднакви за сите. Одредени категории граѓани, особено жените, лицата со попреченост и други ранливи групи, се помалку заштитени во случаи на катастрофи. Овие прашања во однос на родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи беа во фокусот на дводневната регионална конференција во организација на Програмата за развој на Обединетите нации, што се одржа на 21/22 мај во Скопје.
„Со зајакнување на улогата на жените преку образование, економски можности и инклузивни политики можеме да изградиме посилни, поотпорни заедници способни да ги издржат предизвиците од природните катастрофи“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање во Северна Македонија Каја Шукова.
Амбасадорот на Швајцарија, Вероник Хулман, ja истакна поддршката на нејзината држава за одржливиот развој во Северна Македонија во однос на засилувањето на отпорноста кон катастрофи: „Швајцарија го препознава значењето на родово сензитивниот пристап во однос на политиките за намалување на ризиците од катастрофи и затоа треба да ги вклучиме најранливите групи во креирањето и во имплементацијата на мерките на митигација.“
„Жените често се на првата линија во борбата против последиците од катастрофите. Затоа е значајно нивниот глас не само да биде слушнат туку и поддржан, особено во процесите на носење одлуки“, рече Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации Армен Григорјан.
На конференцијата учествуваа претставници од земјите на Западниот Балкан и од Турција, амбасади, невладини организации, приватниот сектор, Регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул и повеќе агенции на Обединетите нации.
Според Станислав Ким, тим лидер за отпорност на катастрофи и климатска отпорност во Регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул, прашањата за родова еднаквост и намалување на ризиците од катастрофи, за жал, често не се главен приоритет на владите. „Додека не се случат, катастрофите не се приоритет на владите. Кога ќе се случат, тогаш веќе е предоцна. За некои теми многу е лесно да се постигне напредок, сите сакаат да ги финансираат. Но, со катастрофите и со родовите прашања мораме да бидеме креативни. За двете теми единствен начин да се постигне напредок е тие да станат теми за целото општество“, изјави Ким.
Заменик-претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Зоран Јовановски посочи дека жените се присутни и во справувањето со ризиците од непогодите преку својот ангажман во осигурителниот бизнис. „Во четири од вкупно 12 осигурителни друштва за осигурување, генерални директори или претседатели на управниот одбор се жени. Едно од здруженијата и во Стопанската комора е Здружението за осигурување каде што претседател исто така е жена“ – изјави Јовановски.
Преку интерактивни седници и панел-дискусии, учесниците споделуваа добри практики, се осврнаа на предизвиците и ги истражуваа можностите за родово одговорни пристапи во намалувањето на ризиците од катастрофи. Конференцијата е организирана во рамките на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, финансиран од Владата на Швајцарија, а со поддршка на Регионалниот хаб на УНДП во Истанбул, како и со финансиска поддршка на Владата на Турција.
Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.