Финансии / Банкарство
Осигурувањето − партнер на секој бизнис
Групација на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2024г.
„Да се поседува полиса за осигурување треба да биде еден од приоритетите на секоја одговорна компанија која сака да остварува долгорочен развој и која е одговорна во работењето како спрема своите партнери така и спрема своите вработени и локалната заедница. Осигурувањето не е трошок, туку инвестиција во сигурност и во стабилност во работењето, потреба која овозможува непречен раст и развој на компаниите во услови кога ќе настанат непланирани штети и несакани случувања кои можат значајно да го погодат бизнисот“, смета Ралица Губерова, претседател на Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија.
Осигурувањето е исклучително важен фактор и за развој на економијата и за позитивните општествени текови во земјава. Ги заштитува граѓаните, односно здравјето, животот и имотот, државниот имот и бизнис-секторот од немили настани и претставува реална потреба која дава сигурност во работите кои се наши, за кои се грижиме и кои ни се важни во животот − секогаш кога тоа ни е најпотребно. Осигурувањето посебно дојде до израз во последниве неколку години кога научивме дека сигурноста, како финансиската така и физичката, не е гарантирана за никого. Треба да се однесуваме одговорно спрема бизнисите кои ги управуваме и спрема нашите вработени, а тоа на долг рок можеме да го постигнеме со осигурувањето, додава Губерова.
На бизнисите им е потребно осигурување за да се заштитат од различни ризици во работењето и во спроведување на дејноста во која работат, особено заштита на имотот, финансиски загуби, како и заштита на здравјето на своите вработени. Осигурувањето исто така ја штити и одговорноста од вршење на дејноста на компанијата, овозможувајќи ѝ на компанијата фокус во градењето на бизнисот и унапредување во работењето.
Осигурувањето е од суштинско значење без разлика дали се работи за мал или за голем бизнис, без разлика на секторот и на дејноста на компанијата, при што постои палета на осигурителни продукти кои ги покриваат различните ризици со кои се соочуваат бизнисите и индустриите.
Осигурителните компании во Македонија вршат детални консултации и даваат совети прилагодени на потребите на вашиот бизнис. Следствено на наведеново, осигурувањето претставува добра бизнис-одлука, а не само уште еден трошок.
фото freepic