Економија
ОПШТЕСТВО | Гордан Георгиев: Дали знаеме да прифатиме реформи?
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2026г.
Секогаш кога ќе се отвори прашањето за високото образование, атмосферата кај нас станува густа и наелектризирана. Така е и сега со Предлог-законот за високо образование што го иницираше министерот за образование Весна Јаневска. Реакциите се брзи, често остри, понекогаш драматични. Дел од академската заедница предупредува дека се загрозува автономијата на универзитетот, дека се создава простор за прекумерна централизација и административен надзор. Други, пак, велат дека образовниот систем одамна има потреба од прочистување, од јасни критериуми и од повисоки стандарди. Во оваа врева лесно се губи суштината. Затоа можеби прво треба да се запрашаме за што навистина зборуваме кога зборуваме за реформа.
Отпорот кон образовни реформи не е специфично македонска појава. Универзитетите во демократскиот свет традиционално реагираат чувствително на секоја државна „интервенција“. Академската автономија е столб на модерниот универзитет, замислена како заштита од политички притисоци, од идеолошки влијанија и од краткорочни владини агенди. Таа автономија има историска и цивилизациска логика. Но, исто така, оваа автономија никогаш не била апсолутна. Универзитетите, особено јавните, функционираат со јавни средства и имаат јавна одговорност. Прашањето оттука не е дали автономијата треба да се зачува, туку како да се балансира со отчетност и со квалитет што може да се мери и да се споредува.
Академската фела денес нуди неколку сериозни аргументи. Првиот е дека предложените решенија отвораат можност за поголемо влијание на извршната власт врз универзитетските структури. Се стравува од суптилна централизација, од тоа дека контролата ќе се зголеми на сметка на самоуправувањето. Вториот аргумент е дека новите критериуми за избор и за напредување се премногу формализирани, со силен нагласок на квантитативни индикатори − број на трудови во индексирани списанија, формални показатели − наместо на суштинска научна вредност. Третиот аргумент е дека системот ќе стане уште побирократизиран, дека професорите ќе поминуваат повеќе време пополнувајќи формулари отколку истражувајќи и предавајќи.
Овие грижи не смеат да се отфрлат со леснотија. Во општества со кревки институции, секоја централизација носи ризик од злоупотреба. Историјата нè учи дека законите понекогаш стануваат инструмент за дисциплинирање, а не за подобрување. Стравот дека политиката може да влезе во универзитетот не е без основа. Затоа е легитимно академската заедница да биде внимателна и критична.
Но, истовремено мора да се постави и друго прашање, можеби понепријатно. Дали системот што го имаме навистина функционира така што неговата одбрана е поважна од неговата промена? Во изминативе две децении, опсегот на високото образование во Македонија се прошири драматично. Се зголемија: бројот на факултети, студиски програми, магистерски и докторски студии. Имаме повеќе дипломирани, магистрирани и докторирани од кога било. Формално тоа можеби некому изгледа како напредок. Но, дали квантитетот автоматски значи и квалитет?
Економската логика нè учи дека инфлацијата често води кон девалвација. Кога нешто го има премногу неговата вредност паѓа. Со дипломите се случи нешто слично. Нивниот број порасна побрзо од системот на контрола на квалитетот. Не секогаш имаше доволно строги критериуми за избор во звања, не секогаш евалуациите беа ригорозни, не секогаш научната продукција беше мерлива според меѓународни стандарди. Така постепено се создаде јаз меѓу формалната титула и реалната компетентност. Има ли некој од академската фела кој може да го негира ова?
Овој процес не е само наш. Во светската литература постои поимот „вишок на елити“ (surplus of elites) − состојба во која системот произведува повеќе номинални елити отколку што општеството може да апсорбира. Кога многу луѓе имаат високи титули, а малку позиции реално бараат такво ниво на компетентност, се создаваат тензии. Очекувањата растат, а можностите остануваат ограничени. Пазарот на труд, особено во јавниот сектор, се полни со луѓе со формален статус и диплома од „тој и тој универзитет“, но без јасна диференцијација по квалитет. Во таква средина, титулата губи дел од својата тежина.
Во Македонија, ова се чувствува особено во јавната администрација. Кога има голем број магистри и доктори што очекуваат соодветен статус, институциите се под притисок да создаваат позиции или да ги разлабавуваат критериумите. Наместо јасна селекција според компетентност, често се добива рамнење кон просекот. А просекот, кога долго се толерира, станува норма.
Токму тука реформата станува чувствителна. Ако новиот закон најавува зацврстување на критериумите, повисоки стандарди за избор и за напредување, посериозна научна продукција, тоа неизбежно ќе значи дека не сите ќе можат да се вклопат во новата рамка. Но, тоа не мора да биде повод за ан блок отфрлање на законот, туку причина за дополнителна јавна дискусија и калибрирање на законските решенија во однос на постоечкиот контекст и во однос на посебните научни дисциплини. Верувам дека секој квалитетен академски кадар посакува да се врати „тежината“ на титулата, да се направи јасна разлика меѓу формалниот статус и реалното знаење.
Секако, тука се отвора важна дилема. Дали квантитативните показатели се вистинска мерка за квалитет? Особено во хуманистичките и во општествените науки, каде што локалниот контекст, јазикот и специфичните истражувачки теми играат голема улога, не може сè да се мери само со број на трудови во меѓународни списанија. Постојат ризици од механичко броење публикации, од формализам што ја заменува суштината. Ова е легитимна загриженост и треба сериозно да се дискутира.
Но, исто така е легитимно да се постави прашањето дали досегашниот систем успеа да создаде доволно високо ниво на научна извонредност. Дали нашите универзитети се доволно видливи и конкурентни? Дали дипломата од македонски универзитет носи тежина на меѓународно ниво? Конечно, дали нашите универзитети создаваат знаење и пренесуваат знаење на студентите? Ако одговорите се половични, тогаш реформата не може да се сведе само на одбрана на автономијата.
Можеби најголемата опасност е да се сведеме на две карикатури: од една страна држава што сака да контролира, од друга страна академија што сака да остане недопирлива. Реалноста е покомплексна. Потребна е рамнотежа. Државата треба да постави јасни и транспарентни правила, но да се воздржи од селективна и политички мотивирана примена. Академската заедница треба да ја брани автономијата, но и да прифати дека автономијата подразбира и повисока одговорност.
Ние како општество често се душиме во какофонија. Секој влече на своја страна, секој гледа опасност од позицијата што ја брани. Наместо тоа, можеби треба да ги расчистиме поимите. Реформа не значи автоматски централизација. Автономија не значи автоматски недопирливост. Квалитет не значи механичко броење трудови, но ни статус кво не значи гаранција за извонредност.
На Македонија не ѝ требаат повеќе дипломи. Ѝ треба повеќе знаење. Ѝ требаат универзитети што ќе создаваат компетентни, критички настроени млади луѓе, способни да се носат со динамиката на современиот свет. Ѝ треба јавна администрација што ќе функционира врз основа на компетентност, а не само на формален статус стекнат преку диплома од „некојси“ факултет. Ако новиот закон може да придонесе кон појасни правила и повисоки стандарди, вреди да се разговара за него без хистерија. Ако, пак, отвори простор за злоупотреба, тогаш критиката е неопходна.
Најважното е да знаеме за што зборуваме кога зборуваме за реформа. Да не ја сведуваме на пароли, туку да ја разгледаме како сериозен обид да се редефинира односот меѓу автономија и одговорност, меѓу титула и знаење, меѓу квантитет и квалитет. Само така дебатата може да излезе од вревата и да стане вистински разговор за иднината на високото образование.