Вести

И ЕУ помага со хеликоптери и авиони за гаснење на пожарите во Македонија

16.07.2024

Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Северна Македонија и Бугарија во справувањето со шумските пожари што ги зафатија двете земји, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаш Ујвари. 

- Со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Северна Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авион од Хрватска, Словенија, Србија и Турција, информира Ујвари. 

Во Бугарија пак, според Ујвари, се испратени два хеликоптера за гаснење пожари од Чешка.

-  Подготвени сме да мобилизираме и дополнителна помош. Како што знаете во пресрет на летото направивме значителни подготовки, ангажирајќи над 500 пожарникари, 29 авиони и четири хеликоптери за гаснење пожари распоредени низ цела Европа, додаде Ујвари. 

Во текот на денешниот ден  четири хеликоптери и ер трактори вршат гаснење на пожарот и од воздух, на планината Серта од неготинска страна. Пожарот што избувна во средата околу 10.30 часот е се уште активен и денеска се гасне од земја и воздух. Неготинскиот градоначалник Горан Стојанов во изјава за МИА нагласи дека се прават максимални напори за справување со пожарот. 

- Пожарот што деновиве е активен на подрачјето на општина Неготино ги интензивира активностите. Од раните утрински часови екипи на ТППЕ Неготино, ТППЕ Кавадарци, припадници на АРМ, ОВР Неготино, припадници на ЕБР како и претставници на Македонија пат интензивно работат на расчистување на дрвјата од двете страни на патниот правец Неготино – Штип, со цел спречување на поголемо проширување на пожарите, информираше Стојанов.


 

Извор/фото МИА

ПРЕПОРАЧАНО