Општество
Убавиот збор: БЕСМРТНОСТ НА ДУШАТА
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2024г.
Татко ми нè напушти кога имаше речиси осумдесет и девет години. Во миговите на смртта, неговата душа беше со неодредена возраст. Тие последни месеци од неговиот живот, набљудувајќи го отстрана, ми се чинеше дека се вратил наназад во далечното минато време и дека станал повторно млад човек, каков што бил некогаш, во најубавите години од неговиот живот. И мојата мајка, која се грижеше за него, заличи на некогашната весела и ведра девојка од студентските денови кога тие двајцата за првпат се запознале. Болеста која се всели во куќата и ја исполни со тага и со безнадежност, на некој чуден начин ја поништи нивната старост и тие како со неосетна магија се вратија во деновите на заедничката младост. Сосема неочекувано нивните души, во спротивност на нивните изморени, изнемоштени физички тела, се прикажаа пред нас, сведоците на оваа вонвременска интеракција, ослободени од стегите на физичкото и на материјалното и блеснаа со својата единствена, вистинска природа. Безвремени и бесмртни.
Се прашував, поттикната од таквите настани, можно ли е таа отпорност на душата на течението на времето да биде еден од доказите за нејзината бесмртна природа?
Прашањето постои ли душата и што е таа отсекогаш ја преокупирало човечката заедница. Објаснувања понудиле сите големи светски религии. Идејата за постоење на душата се поврзува со верувањето во живот по смртта и понатаму, со вечен живот. Историски гледано, науката многу доцнела со своите објасненија, ни денес не снаоѓајќи се најдобро на тоа поле. Психологијата, биологијата, медицината, физиката и хемијата и уште многу други гранки на науката се обидуваат да понудат научно втемелени одговори на прашањето што е душата и има ли таа ограничен рок на траење како и телото. Со природата на душата се занимаваат и многу други области, пред сè уметноста. Меѓу сите нив, значајно место заземаат писателите како толкувачи на душата и на нејзините симболи низ приказните и митовите.
Небитно дали ќе веруваме дека душата е само дел од психата врзана за биолошката и органска материја, т. е. мозокот и сплетовите неврони и клетки, таканаречените нервни плексуси во телото, или ќе ја објасниме метафизички и трансцендентално, како животна искра и самата божја присутност во секое битие, поимот „душа“ честопати ја надминува нашата моќ да го појмиме во неговата сеопфатност. Одговорите попрво ги наоѓаме интуитивно и во филозофските принципи одошто по пат на научни методи.
Ако го опсервираме однесувањето на луѓето пред самиот крај на животот, кога според Платон „душата ги отстранува сите лажни потпори и сето она што по самата своја природа не е нејзин дел“, доаѓаме до спознание дека таа не се менува во текот на животот, туку само се враќа во својата првобитна состојба, отфрлајќи го она што на неа било додадено, како на пример стекнатиот имот или општествената положба. Можеме ли тогаш да заклучиме дека суштината на душата лежи во нејзината бесмртност и континуитет во вечноста?
Многу луѓе веруваат дека душата е поврзана со начинот на кој размислува и чувствува човекот и дека дејствува независно од физичкото тело. Тоа значи дека делот од умот и од душата се бесмртни и постојат надвор од категориите на времето и на просторот. Ако тргнеме од таа претпоставка, можеме да заклучиме дека телото и душата не стареат на ист начин. Додека телото е заробеник на законите на физиката и на биологијата, душата не им подлежи и за неа времето не постои.
Ако душата е бесмртна, тогаш смртта е само премин од овој свет во некој друг. Сепак, ако е точно дека душата е бесмртна и со божествено потекло, зошто паднала во раѓање? Каков е „другиот свет“ и што се случува таму со неа?, − повторно се прашува Платон.
Роберт Ланза, американски научник кој во 2007 година ја разработил Теоријата на биоцентризам, смета дека свеста го создава универзумот, а не обратно. Според него, „смртта не е крај на нашата свесност затоа што свеста е енергија од некои 20 вати и не исчезнува ниту се менува по основниот закон за зачувување на енергијата. Кога ќе умреме нашето тело престанува да постои, но свеста заминува во друг универзум. Квантно-механичката теорија за мноштво светови потврдува дека постои „мултиверзум“. Ланзовата теорија се чини дека ги обединува класичните филозофски концепти и реалните експерименти во квантната механика. Преку неа повторно доаѓаме до Платон за кого „географијата на другиот свет во кој преминува бесмртната душа по смртта е географија на самата душа. Колку има луѓе, толку има невидливи светови. Во духовното пространство душата ја набљудува вишата стварност која нема ништо заедничко со сетилните доживувања на минливиот персоналитет.“
За Роберт Ланза, во безвременскиот и беспросторен свет, смртта не постои. Бесмртноста не претставува непрекинато постоење во бесконечно време, туку егзистенција од онаа страна на времето и на просторот. Додека науката не пронајде подобар начин да ја објасни душата, интуитивниот пат на примање знаење од колективното несвесно, кое го црпиме во вид на сеќавања или инспирација, ни останува единствен начин за спознавање на духовноста.