Општество
ИЗБОРИ ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ 2024 Г.: Јасен триумф на десницата како вовед во некоја поразлична иднина
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2024г.
Стриктно економски гледано на краток рок можеби десницата, па дури и радикалната ќе донесе некакви позитивни придвижувања бидејќи тоа отсекогаш функционирало така. Но, на среден и на долг рок неминовно е дека овие сили кои народот ги носи од маргините ќе направат некој поголем проблем кој сите скапо ќе го плаќаме со децении
Европската народна партија (ЕПП) останува прва политичка сила во следниот состав на ЕП. Засега има 184 претставници во 720-члениот Европски парламент – два повеќе од претходно. Притоа во претходниот состав на ЕП имаше повеќе пратеници – 751.
Сепак, тие места не се доволни за оваа политичка група сама да ја избере следната Европска комисија.
Групата на Политичкиот сојуз на социјалистите и на демократите ќе има 139 пратеници во новиот состав на ЕП – 15 помалку од претходниот.
Либералите „Обнови ја Европа“ претрпеа уште потешки загуби, во согласност со тешкиот пораз на нивниот предводник, француската партија Ренесанса, од екстремно десничарскиот Национален фронт. Ќе имаат 80 европратеници – 28 помалку од сега.
ШТО ЗНАЧАТ ВАКВИТЕ ИЗБОРНИ РЕЗУЛТАТИ?
Трендот низ цела Европа е јасен. Екстремните партии и од лева и од десна провиниенција добиваат сè повеќе и повеќе гласови. Очигледно широките народни маси не можат да ја сварат политиката на отворени врати за мигрантите и политиката на идолопоклонство кон САД, која ја чини Европа сè повеќе и повеќе.
Позитивно е веројатно што овие сили и во наредните четири години нема да се во можност самостојно да формираат власт, па сепак ЕПП колку толку ќе успее да го задржи моменталниот политички правец, но не без отпори и проблеми. И самата Урсула фон дер Лајен кажа дека е свесна што се случува и дека овие избори се едно големо предупредување до цела Европа.
По најавите од Париз за експресно распишани парламентарни избори, веднаш по европскиот домино ефект се очекува и во неколку други поголеми држави како Шпанија, а состојбите и во Германија и во Австрија не се идеални.
Стриктно економски гледано на краток рок можеби десницата, па дури и радикалната ќе донесе некакви позитивни придвижувања бидејќи тоа отсекогаш функционирало така. Но, на среден и на долг рок неминовно е дека овие сили кои народот ги носи од маргините ќе направат некој поголем проблем кој сите скапо ќе го плаќаме со децении.
Најголем проблем е веројатно и фактот дека овие избори можат да бидат и своевидна најава за тоа што ги чека САД на претседателските избори во ноември оваа есен. Или уште покомплицирано е што со овие избори паѓа во вода планот на демократите дека и во случај Бајден да изгуби, Европа е таа што ќе продолжи да го одржува фронтот во Украина во наредните четири години. Очигледно е потребна нова тактика, и тоа експресно брзо.
ФОН ДЕР ЛАЈЕН, СЕПАК, ОЧЕКУВА НОВ МАНДАТ
Кандидатот на Европската народна партија за претседател на Комисијата Урсула фон дер Лајен е уверена дека ќе добие нов мандат и ќе го добие потребното мнозинство во новоизбраниот Европски парламент.
„Да, уверена сум за новиот мандат, но секако има уште многу работа пред мене“, изјави Фон дер Лајен.
Во изјавата по објавувањето на првите привремени резултати за Европскиот парламент, таа изрази задоволство од успехот на Европската народна партија (ЕПП) која и натаму останува со најмногу претставници и „сидро на стабилноста“.
„Овие избори ни испратија две пораки, првата е дека сè уште постои центристичко мнозинство за силна Европа и тоа е клучно за стабилноста. Но, исто така е точно дека екстремите од левицата и од десницата добија поддршка и затоа овој резултат бара уште поголема одговорност од централните партии“, рече Фон дер Лајен, водечкиот кандидат на ЕПП.
Таа најави дека ќе контактира со другите две водечки политички групи, социјалдемократите и либералите, со кои сака да воспостави широка коалиција за силна Европа. Таа рече дека секој кој е проевропски, кој ја поддржува Украина и кој го поддржува владеењето на правото е добредојден.
Таа посочи дека светот е во превирања, дека силите внатре и надвор од ЕУ се обидуваат да ја дестабилизираат и да ја ослабат Европа.
„Никогаш нема да го дозволиме тоа. Овие изборни резултати покажуваат дека мнозинството Европејци сакаат силна Европа“, рече таа.
Макрон исплашен од резултатите оди на брзи предвремени избори
Францускиот претседател Емануел Макрон уште во неделата вечерта изјави дека го распушта Парламентот и распишува предвремени избори во земјата откако неговата партија претрпе тежок пораз на изборите за Европскиот парламент.
„На Франција ѝ треба јасно мнозинство за да дејствува мирно и хармонично“, рече Макрон во обраќањето до нацијата од Елисејската палата, нагласувајќи дека изборите ќе се одржат во два круга – на 30 јуни и на 7 јули.
Првите проекции на резултатите од гласањето за Европскиот парламент покажуваат дека екстремно десничарската партија Национално обединување на Марин ле Пен освоила најмногу гласови во Франција – 31,5 отсто од гласовите.
На второ место е коалицијата предводена од Макрон, со 15,2 отсто од гласовите, а на трето е Социјалистичката партија со 14 отсто. Левичарската партија „Непокорена Франција“ доби 8,7 отсто, а републиканците 7,2 отсто, според излезните анкети.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин ле Пен ја поздрави одлуката на Макрон, велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта.
„Подготвени сме да ја преземеме власта доколку Французите ни ја дадат својата доверба на претстојните национални избори. Подготвени сме да ја запреме масовната миграција, да ѝ дадеме приоритет на куповната моќ и да направиме Франција повторно да живее“, рече таа.
Ако Ле Пен и нејзините успеат да ги повторат резултатите од европските избори, тогаш перспективите на Макрон се навистина проблематични.