Општество
ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА СКОПЈЕ Е ПОДГОТВЕНА НА РАЗГОВОРИ СО ВЛАДАТА, Данела Арсовска предложи формирање на заедничко работно тело
16.08.2024
Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со Претседателот на Владата на Р.Македонија.За таа цел, го повикуваме премиерот Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот, објави денеска Данела Арсовска, на својот Фејсбук профил.
Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на Управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на Јавните претпријатија.
Воедно очекуваме и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните на градот Скопје., напиша градоначалничката на Скопје во статусот објавен на социјалната мрежа.
Град Скопје вчера во допис до медиумите информираше дека е „подготвен да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата, со единствена цел - граѓаните да добијат град каков што заедно, градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски, ветија во 2021 година“
Овој предлог од Град Скопје следуваше откако градоначалниците на скопските општини на координативен состанок во средата донесоа одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ кои се под капата на Град Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е подготвен за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.
Прашан за коментар во врска со вчерашниот предлог од Град Скопје кој понуди да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во Скопје, Мицкоски одговори дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори., објзави МИА.