Општество
ПОТРЕБНО Е СИСТЕМСКО РЕШЕНИЕ ЗА СКОПЈЕ, професорот Треновски за тоа дали треба да се одземат надлежностите на Градот или не!
20.08.2024
Потребно е системско решение за проблемот со град Скопје. Треба да се создаде и силна рамка на конрола, отчетност и мониторинг на работата на јавните претпријатија, смета професорот Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ. Законот, вели Треновски, е зрел за промени не само во делот на услугите, туку и во делот на распределбата на средствата.
- Дали треба да се одземат надлежностите или не, јас би рекол дека прво она што треба да се направи е да се создаде силна рамка за контрола, отчетност и мониторинг на работата на сите јавни претпријатија во државата. Значи, да се создаде рамка за контрола, мониторинг на јавните претпријатија, нивото на нивната вработеност, кај над 90 проценти на веб страните на јавните претпријатија не може да се најдат финансиските извештаи, изјави денеска Треновски во врска со најавите за одземање на ингеренциите на градоначалничката на Скопје.
Во Град Скопје, вели Треновски, сериозно треба да се размисли и да се види кои општини имаат капацитет сами да обезбедуваат дел од услугите.
- Има општини кои имаат поголеми капацитети, тие треба да ги обезбедат сите услуги за граѓаните, има општини кои немаат и можеби некоја соседна општина или во случајот Град Скопје ја обезбедува за нив. Овој случај можеби треба да се отвори и да се поразговара со сите општини во град Скопје и да направат отворена дискусија кои од општините би можеле сами да си ја обавуваат оваа обврска, кои од општините можеби би требало да склучат договор на отчетна и паритетна основа, односно се нуди услугата, се плаќа за услугата од општината кон Град Скопје и тоа да се одвива ефикасно. Вака сега, имате една хаотична состојба во која не знаете кој е виновен, подвлече Треновски.
Посочува дека според одредени податоци, половина од јавните претпријатија немаат веб-страница и скоро 60 проценти не ги објавуваат цените на своите услуги
- Не можете да најдете податоци за начинот на кој функционираат нивните надзорни тела итн. Значи, неефикасноста и неконтролата во менаџирањето на јавните претпријатија е особено евидентно. Тука е и превработеноста и податокот дека над 50 проценти се со негативен финансиски резултат. Ова го зборуваме за ниво на државата како функционираат овие локални јавни претпријатија и тоа не смееме да го заборавиме и треба во иднина многу повеќе да се занимаваме со нив, вели Треновски, додавајќи дека дел од нив не поднесуваат извештаи до советите.
Според Треновски, ситуацијата е зрела за да се седне и да се изнајде нов начин на функционирање.
- Ние имаме една ситуација која се нарекува делегирана надлежност. Никогаш не сме ја користеле. Делегирана надлежност значи централната власт во овој случај може да е градот Скопје, нуди услуга со определен договор за која општината плаќа и вие го исполнувате. Тоа е најчиста работа. Се знае колкав е трошокот за услугата, ако ја користите од градот Скопје, ја плаќа, ако не ја користите од градот Скопје, не ја плаќате. Нема да има судири, нема да има политички препукувања и така натаму. Затоа велам - не одземање, може да се размисли за конечно оваа ситуација да доведе до начин зошто е потребно да се промени и редефинира оти ова ескалира од време на време, не е ова отсега, рече Треновски.
Извор/фото MIA