Општество
ЛЕКОВИ ЗА ПРИТИСОК, ДЕПРЕСИЈА И ДЕМЕНЦИЈА СТАВЕНИ НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА, за нив се обезбедени девет милиони евра од фондот за здравство
21.08.2024
Девет лекови вредни девет милиони евра, меѓу кои за висок притисок, срцеви заболувања, депресија и деменција, стануваат дел од Позитивната листа.
Како што информира денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, станува збор за девет генерици претставени преку 87 лекови.
- Се работи за 87 лекови во различни форми, јачини и пакувања што имаат активна регистрација во нашата држава, девет генерици претставени преку 87 лекови. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција, рече Таравари.
Министерот посочи дека во процесот биле ангажирани експерти кои работеле на неколку законски измени, изработка на нов правилник со европски практики и нова методологија за ставање на лекови на позитивна листа.
Во врска со онколошките препарати, министерот информираше дека трошоците за онколошките пациенти и пациентите со хепатит Б или Ц се покриени согласно дополнителниот условен буџет.
- Ниеден онколошки пациент, или хемотолошки, или со хепатит Б и Ц не плаќа приватно, туку и тоа го покрива ФЗОМ, односно Министерството за здравство. Така што,тие не се во позитивна листа, меѓутоа се условени буџети со кои ФЗОМ ги покрива трошоците на онколошките пациенти, хематолошки болести и други кои што се посериозни, рече Таравари.
Професор Димче Зафиров од Институт за предклиничка и клиничка фармакологија дополни Комисијата разгледува огромен број на лекови токму од оваа област.
- И тоа најсовремената терапија, моноклоналните антитела, меѓутоа кои што имаат и најголеми финансиски импликации. Како што кажа и министерот, најголем дел од тие се веќе на условен буџет, меѓутоа со работата на комисијата се надеваме дека ќе дојдеме, сега не можеме временски да кажеме кога, се ќе зависи од финансиските можности. Нормално, ние би сакале сè да ставиме, ако е до нас, меѓутоа секогаш треба да се има во предвид и можноста и финансиска и да се изнајде едно оптимално решение. Значи, се работи токму за онаа најсовремена, најнапредна онколошка терапија на моноклонални антитела каде што навистина во наредниот период, јас се надевам и овој состав на комисијата сигурно ќе го решиме тоа, рече Зафиров.
Мерием Хаџихамза, советник за фармацевтски политики во Малмед, појасни дека Комисијата работи согласно барањата поднесени од носителите на одобрение за ставање на лек во промет.
- Критериумите кои се воспоставени во Правилникот за позитивната листа не се некои критериуми кои се инвентивни во нашата држава, тоа се европски пракси. рече Хаџихамза.
Извор/фото МИА