Lifestyle

ВО КОИ ЗЕМЈИ НОВОДИПЛОМИРАНИТЕ НАЈБРЗО СЕ ВРАБОТУВААТ? во ЕУ забележан е пораст на стапката на вработеност на неодамна дипломираните студенти

Во 2023 година во Европската Унија биле вработени 83,5 отсто од неодамна дипломираните студенти, што претставува зголемување од 1,1 процентен поен (п.п.) во однос на 2022 година (82,4 отсто).

Во категоријата „неодамна дипломирани“ се лица на возраст од 20 до 34 години кои ги завршиле своите студии во последните една до три години на средно или терцијарно ниво на образование.

Во текот на изминатите десет години, забележан е пораст на стапката на вработеност на неодамна дипломираните студенти. Во 2013 година таа стапка беше 74,3 отсто и оттогаш постојано се зголемува. Исклучок беше пандемската 2020 година (78,7 отсто), кога е забележан пад од 2,3 п.п. во однос на 2019 година (81,0 отсто).

Во 2023 година има разлика од 9,6 процентни поени во стапката на вработеност на новодипломираните со високо образование (87,7 отсто) во однос на оние со средно образование (78,1 отсто), објави Еуростат.

Највисока стапка на вработеност на неодамна дипломираните студенти има во Малта со 95,8 отсто, а потоа следат Холандија (93,2 отсто) и Германија (91,5 отсто).

Најниски стапки на вработеност се забележани во Италија (67,5 отсто), Грција (72,3 отсто) и Романија (74,8 отсто). Во Хрватска овој процент на вработеност изнесува 72,8, пренесува „Капитал.ба“.

Во повеќе од 22 земји во ЕУ вкупната стапка на вработеност на неодамна дипломираните беше над 80 проценти.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано