Општество

КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: Твоите 168: Како да најдете цел и задоволство во живот базиран на вредности?

Никица Мојсоска-Блажевски, авторот е извршен директор на Македонија2025

Автор на оваа книга е Хари Кремер, професор на Келог школата за менаџмент (Универзитет Нортвестерн, САД), поранешен главен извршен директор на фармацевтскиот гигант Бакстер.
Оваа книга е одличен потсетник за сите нас дека на прво место во животот мора да ги ставиме вредностите и да се фокусираме на она што е најважно за нас. Бројот 168 се однесува на вкупниот број на часови во една календарска недела, укажувајќи ни дека на располагање имаме само толку часови и дека начинот на кој ги користиме тие часови (или како ги трошиме) ги покажува во реалност нашите приоритети. Со други зборови, нашите приоритети не се она што ние го говориме или го мислиме за себе, туку токму начинот на кој го трошиме или го распределуваме нашето ограничено време. Всушност, времето (и енергијата) се најограничените ресурси со кои располагаме.
И покрај нашите добри намери, многумина од нас доживуваат хронична нерамнотежа меѓу желбата да ги живееме нашите вредности и одвлекувањата и бескрајните списоци на задачи и на обврски што мора да ги завршиме и да ги оствариме. Во „Твоите 168: Наоѓање цел и задоволство во живот заснован на вредности“ ќе научите како можете да живеете (или да се стремите да живеете) живот заснован на вредности преку идентификување и посветеност на вашите лични вредности и приоритети. Хари користи лични приказни и сознанија од други за да им помогне на читателите да ја откријат дисонанцата меѓу она што тие го велат дека е најважно и за што, всушност, го посветуваат своето време. Ова ги отвора очите за повеќето луѓе, откривајќи ги пречките за водење живот заснован на вредности.
Книгата навлегува во сржта на трошењето на вашето време и ве едуцира како да научите да управувате со вашето време. И не само со вашето време, туку и со енергијата. Сите ние црпиме енергија од повеќе извори – семејство, духовна благосостојба, грижа за телото или спорт/вежбање, работа итн. Комбинацијата на овие активности и времето потрошено (или инвестирано) во нив можат да ни овозможат среќен, исполнет, интегриран живот.
Според мене, книгата ви овозможува да го погледнете критички, од птичја перспектива, вашиот живот, начинот на кој сте организирани, начинот на кој ги остварувате вашите социјални интеракции, начинот на кој го распределувате времето... и на крајот да сфатите дали го живеете животот онака како што сакате. И, уште поважно, да размислите како можете да бидете посреќни, да имате поисполнет живот.
Сето ова има големо значење за вашиот приватен живот и среќа, но и за професионалниот живот и за напредок во кариерата.

ПРЕПОРАЧАНО