Општество

ЗА СТУДЕНТСКИ ОБРОК ЌЕ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРААТ И БРУЦОШИ

Министерството за образование и наука позитивно одговорило на две од трите барања кои Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет му ги достави пред два дена. Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека се прифаќа  барањето на УСС на УКИМ да се продолжи рокот за аплицирање за студентски оброк и по 5 септември, за да може да аплицираат и студентите бруцоши односно да не мора да конкурираат за ова право еден месец подоцна.

Јаневска рече дека и студентите кои годинава се запишуваат во прва година, исто така, ќе може да аплицираат до рокот утврден со повикот, 5 септември.

Исполнето е и барањето на студентите за оние што завршиле три години додипломски студии да имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус студии.

За барањето на УСС на УКИМ да се усвои Законот за младински стандард т.е. да се поднесе предлог иницијатива за усвојување на веќе планираниот закон, министерката одговори дека на тоа ќе треба да причекаат извесен период.

Во однос на субвенционираниот студентски оброк, за кој електронското аплицирање е во тек од 15 август до 5 септември, и дали ќе има покачување на дневниот износ од 140 денари од оваа академска година, Јаневска одговори дека во буџетот за следната година ќе биде предвидено зголемување на износот. 


Извор МИА

фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО