Општество
ШТИПСКАТА И КИЧЕВСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ГРАДАТ ДОГОДИНА!- изјави министерот Арбен Таравари и најави донација од 11 илјади вакцини против Ковид-19
26.08.2024
Министерот за здравство Арбен Таравари најави донација од 11 илјади вакцини против Ковид-19, изразувајќи надеж дека ќе пристигнат следните 10 дена.
- За другите вакцини со Европската комисија се води набавка за сите држави во Европската Унија и Македонија е во тој пакет. Колку што имам информации, тој е во финална фаза и наскоро ќе бидат снабдени сите европски држави, па и Македонија, со вакцини за инфлуенца и за ковид, одговори министерот на новинарско прашање.
Прашан до каде се процедурите за штипската и кичевската болница, тој рече дека се подготвува документација.
- Ние моментално во проектната единица на Министерството за здравство, подготвуваме документација. Се прави пресек до каде се болниците во Кичево и во Штип за да што поскоро можеме да објавиме набавка со што ќе побараме паралелно да се изведуваат сите понатамошни работи во штипската и во кичевската болница. Јас се надевам и сум сигурен дека првпат идната година ќе започнат две болници да се градат во исто време и максимум за две години откако ќе заврши изградбата, ќе бидат пуштени во употреба. Дозволете ми, јас се надевам дека октомври - ноември ќе излеземе со дефинитивен пресек што треба и каква објава ќе направиме за да се пријават сите тие кои се заинтересирани за да ги изградат овие две болници, појасни Таравари.
Извор/фото МИА