Општество

За комичното, за смеата и за хуморот

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Неодамна на малата сцена на Театар „Комедија“ беше промовирано најновото дело на проф. д-р Иван Џепароски под наслов „Комичното и хуморот“. Иван Џепароски (1958) е писател и филозоф, професор по естетика и филозофија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на многубројни филозофски, естетички, поетски и есеистички дела, како и на неколку филозофски избори и антологии. Добитник е на голем број награди и признанија. Негови поважни дела се: Арго плови по Аксиј (1984), Во потрага по изгубениот тоталитет (1993), Уметничкото дело (1998), Отаде системот (2000), Филозофски приказни (2001), Естетика на возвишеното (2008), Став и суштина (2010), Дискурси на визуелното (2014), Култура и книжевност (2016), Естетика: Естетички категории (2020), Пандемија и постхуманизам (2022), Филозофија и книжевност (2023) и Два опита: Конески и Старделов (2023). Во продолжение, поради форматот на текстот, по слободен избор ќе пренесам неколку поенти. Имено, колку се смееме, дали се смееме и ако не, зошто не. Присутен ли е хуморот во нашиот живот, во општеството? Што е хумор, а што комично, се само дел од прашањата кои навираат по исчитување на делото на Џепароски, напишано за поширок аудиториум. Џепароски, како извонреден набљудувач на стварноста, меѓу другото се прашува и за состојбата на духот и за здравјето на македонската нација во однос на практикување на хуморот и во таа смисла ќе даде одговор раскажувајќи една анегдота, реченица забележана од Жак Атали. На овој план добро е да си приспомнеме на прочуениот француски филозоф Жак Атали (Jacques Attali) кој раскажува за една реченица што ја прочитал во младоста и која постојано му била на ум, а ја зел како мото за својата прва книга. Таа е искажана во разговорот на славниот физичар Нилс Бор (Niels Henrik David Bohr) со еден млад студент по физика што дошол да побара совет за некоја научна работа. Реченицата гласи: „Господине, Вашата теза, всушност, е мошне интересна, но не е доволно будалеста за да има и најмала шанса да биде вистинита“. „Во денешниов свет“, вели Атали, „треба да знаеме дека стварноста е многу побудалеста отколку што е тоа вообичаениот пат што води до мислата. Тој заклучок мораме да го изведеме од она што го доживеавме и го искусивме во последно време“ (Атали, 1995: 5). И навистина, што се случува со современиот човек во „будалестата стварност“ на македонското општество, заборавил ли да се смее на гротеската наречена живот на македонски начин и стандард, на пародијата од настани, на апсурдните случувања, на тривијалноста, на бизарните контрасти, на комичната страна, на добриот виц, на обратното од логичното, на спротивното од нормалното, на „левото од десното“, на сцена, во театар, на концерти?... Има толку нешта на кои човек во Македонија може само да се смее. И тоа до солзи.

За природата на хуморот и на комичното размислувале, истражувале и се обиделе да го разјаснат овој човечки феномен најсериозните мислители на сите времиња, филозофите Платон, Аристотел, Лок, Хобс, Кант, Шопенхауер, Кјеркегорд, Бергсон, Фројд и многу, многу други. Етимолошкото потекло на поимите комично, комедија, појаснува Џепароски, упатуваат на старогрчкиот јазик (ст. грч. κωμῳδία; κῶμος), во превод комос − веселба, весела поворка која најчесто се случувала во чест на богот Дионис и по свадбите и гозбите кога поворка на винопии лумпувачи имала обичај да ги обиколува населбите пеејќи, исмејувајќи се и шегувајќи се. Платон во своите дијалози, обликувајќи го учењето на учителот Сократ, за прв пат го внесува смешното на голема врата во филозофијата преку иронијата на Сократ. Иронија (ст. грч. είρωνεία; лат. ironia) − говор кој е спротивен на она што се мисли со цел исмевање на соговорникот, во основа е еден вид хумор кој „по форма е суптилен и изразува скриен потсмев“. Иако основната амбиција на Сократ била како да дојде до вистинското знаење, иронијата му служела во функција на најнапред прифаќање на самодоволното, збунето, лажно, лесноумно или погрешно „знаење“ на соговорниците, наметнато од Софистите, и при тоа, со помош на иронијата, неверојатно добро забавувајќи се, се исмевал и се смеел водејќи го дијалогот до ниво на апсурд или со помош на „маефтиката“, пораѓајќи го обременетиот дух до вистинско знаење. Аристотел пак во делото „Поетика“ комедијата ја дефинирал како нешто што е непристојно, весело, но и радосно, а својствено за попростите луѓе кои не биле сосема лоши, ами комични бидејќи смешното во нив било еден вид недостаток на разумност. Во XVII век, Џон Лок, творецот на емпиризмот, се прашува што е духовитост, а што хумор, прави разлика меѓу нив. Духовитоста ја дефинира како дарба која не е рационална бидејќи главно се состои од збир на идеи кои се поврзуваат на брз, речиси секавичен и разновиден начин при што „исцртуваат“ пријатни слики во фантазијата, додека за да се искаже хумор потребна е добра размисла. Вљубеникот во метафизиката Имануел Кант, пак, сметал дека комичното се втемелува врз определено чувство на бесмисленост и е афект кој произлегува од ненадејната преобразба на напнатото исчекување во ништо. За песимистот Артур Шопенхауер, комичното се раѓа одненадеж и е резултат на „воочено несоодветство меѓу поимот и реалниот предмет“. За францускиот филозоф Анри Бергсон (Нобелова награда за литература, 1927 г.), претставникот на интуиционизмот, кој поради фашистичкиот режим во Париз, за време на Втората светска војна, бил принуден секоја недела да се пријавува во полициска станица со белешка на која пишувало: „Академик. Филозоф. Нобеловец. Евреин“, во делото „Смеата: есеј за значењето на комичното“ напишал дека не постои комично надвор од она што е вистински човечко и дека човек не може да ужива во смешното ако се почувствува осамен. „На смеата ѝ треба одглас.“ Следејќи го Бергсон, авторот заклучува дека проблемот на постапното исчезнување на смеата во македонското општество е резултат на сè повеќе нагласената „крајна индивидуализација која заговара осаменост и несподелување на заедничките чувства на радост и на смеа“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано