Економија
Краток курс по економија и по образование
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.
Веднаш по започнувањето на мандатот, Владата ја најави реформата на високото образование. Притоа премиерот и министерот го искажаа незадоволството од хиперпродукцијата на универзитети и на факултети, како и од нивниот квалитет (со посебен осврт на приватните универзитети). Така слушнавме дека премиерот се засрамил пред колегите од соседството кога му кажале дека кај нас „преку ден се добиваат дипломи“, а министерот се прашува дали има потреба од дваесет правни и пет медицински факултети. Поради тоа Владата најави дека ќе формира посебно тело „кое треба да воспостави ред“ во високото образование, заканувајќи се дека ќе ги затвори „лошите“ универзитети и факултети. Како што упатува насловот, статијава е наменета за читателите кои не се економисти, но исто така и за тековните и за сите идни политичари. Во тој поглед, целта на статијава е да им помогне на читателите и на политичарите да разберат неколку работи: прво, многу нешта, вклучувајќи го и образованието, се економски прашања; второ, речиси сите економски прашања во основа се прашање на изборот на рационалниот (разумниот) поединец; и трето, тие прашања се решаваат на слободна и на доброволна основа (на пазарот).
Да почнеме по ред, а тоа значи – од самиот почеток. Едно од најголемите „откритија“ во историјата на човештвото е пазарот кој е најдобриот механизам за решавање на економските прашања. Во основа, пазарот ги поврзува луѓето кои сакаат да добијат нешто (производ или услуга) и луѓето кои сакаат да го дадат тоа. Се разбира, бидејќи производите не паѓаат од небо, продавачите ги нудат своите производи за некаков надоместок (цената на производот), а купувачите се принудени да платат за да го добијат посакуваниот производ.
Во овој миг, читателите (и политичарите) веројатно си мислат дека ова е премногу проста и очигледна работа која им е позната и на малите деца и дека нема потреба некој (авторот на статијава) да мудрува на оваа тема. Меѓутоа, проблемот е во тоа што, најчесто, читателите и политичарите си мислат дека поимите „производ“, „пазар“ и „цена“ се однесуваат на лебот, на облеката, на сирењето, на мобилните телефони, на фризерските услуги и слично. Притоа многумина забораваат дека многу нешта, дури и оние кои не изгледаат така, во основа се производи, а тоа целосно се однесува и на образованието. Имено, образовните услуги ги исполнуваат сите елементи од дефиницијата за производ: има луѓе кои сакаат да се стекнат со образование (купувачи), има фирми кои даваат образование (продавачи) и најпосле, образовните производи не се бесплатни (не паѓаат од небо), а тоа значи дека за нив мора да се плати соодветна цена. Со други зборови, кога размислувате да се запишете на факултет, вие не правите ништо друго туку само купувате призвод. Да бидеме прецизни, тогаш купувате производ кој не го користите еднократно (како млекото и лебот), туку го користите подолго време (како телевизорот или како машината). Всушност, образованието е еден вид машина која ја купувате денес, а од неа ќе заработувате во иднина, и тоа во подолг период.
Економистите ги делат производите на две основни групи: приватни и јавни. Првите се оние кои човекот ги троши сам, додека вторите се оние за кои нема друг начин, туку мора да се користат заедно. На пример, каква е разликата меѓу млекото и одбраната (војската)? Првиот производ го купуваме самите и сами го трошиме при што оној кој не сака да ја плати цената нема да го добие производот. Наспроти тоа, војската ја брани целата земја без разлика дали некој сака да плати или не; всушност, ако некој не сака да плати за војската, него не можете да го спречите да ги користи нејзините услуги зашто војската ќе го брани и него. Образованието спаѓа во првиот вид производи и во тој поглед нема никаква разлика меѓу образованието и млекото зашто во двата случаја важат истите правила: одите на пазар (се запишувате на факултет) и добивате производ (образование) кој го трошите сам, а оние кои не се запишале на факултетот нема да го користат вашиот производ.
Сега се враќаме на почетокот. Кога станува збор за приватните производи нема подобар механизам за нивно задоволување од пазарот! Имено, пазарот и само пазарот кажува дали има потреба (побарувачка) за некој производ и колку изнесува неговата цена. Тука нема никакво место за државата зашто овие прашања најдобро ги решава пазарот. Се разбира, пазарот не е совршен и безгрешен, но нема подобар начин од него, а има милион докази дека државата во никој случај не е подобра од пазарот.
Зошто е важно да се разбере сево ова? Владата е незадоволна од бројот на универзитети и на факултети во земјава, а тоа значи дека таа знае колку универзитети треба да има. Не постои поголема заблуда од тоа! Никој, дури и најголемиот ум на светот, не може да пресмета колку производи им се потребни на луѓето. Напротив, одговорот на ова прашање може да го даде само пазарот. А одговорот е многу прост: на пример, ако во Македонија има многу правни факултети, тоа значи дека некои од нив нема да запишат студенти, па така тие ќе пропаднат и на тој начин пазарот ќе дојде до оптималниот број на факултети. Гледате? Нема потреба од никакво тело, комисија или слично; само оставете го пазарот да ги затвори „непотребните“ факултети кои се „вишок“. Обратно, штом некој сака да се запише на таквите факултети, тоа значи дека тие му се потребни некому, а тоа значи дека тие вршат важна функција – задоволуваат нечија потреба. Тогаш која е државата да им го одземе правото на купувачите да го користат таквиот производ? Овде можеме да го поставиме и ова прашање: Зарем нема премногу трговски центри, продавници, ресторани и барови во Скопје? Дали тоа значи дека државата треба да го определи нивниот број, а оние кои се „вишок“ да ги затвори? Тоа е бесмислица!
Некој ќе рече дека Владата е загрижена за лошиот квалитет на некои универзитети и факултети и поради тоа сака „да воведе ред“. И ова е огромна заблуда. Сѐ додека има некој кој доброволно и свесно сака да плати за (без учење) да добие „безвредна“ диплома, тоа е во ред и тука нема место за државата. Слично, не може државата да им кажува на луѓето кои производи се квалитетни, а кои не. Впрочем, во продавниците има еден куп производи кои не само што не се квалитетни туку за нив е и докажано дека се штетни како: газираните производи кои се полни со шеќер, алкохолните производи, цигарите и сувомеснатите производи за кои е докажано дека содржат канцерогени честички итн. Замислете, водејќи се од истата благородна идеја, Владата да формира посебно тело кое ќе определи кои производи се квалитетни, а кои не се!
На крајот од нашиот забрзан курс доаѓаме до едно просто, ама важно прашање: Ако некои приватни факултети даваат „безвредни“ дипломи, тогаш зошто луѓето ги купуваат нив? Учесниците на пазарот се разумни и можат да одлучат дали да го купат производот или не. Никој не ги дава своите пари за безвредни производи кои не служат за ништо. Оттука, штом има побарувачка за „безвредните“ дипломи, тоа значи дека тие воопшто не се безвредни, туку некому му вршат работа. Никој не се запишува на факултет поради разонода, туку со цел со добиената диплома да најде работа. Ајде да употребиме малку логика. Ако знаете дека дипломата е безвредна (со неа нема да најдете работа), дали ќе ја купите? Одговорот е – не! Напротив, ја купувате дипломата затоа што очекувате (или сте сигурни) дека со неа ќе се вработите. А кој ги вработува тие што купиле диплома за еден ден? Приватниот сектор или државата? Ако е приватниот сектор, тогаш државата не треба да се грижи за тоа зашто тоа е веќе проблем на работодавачите. Но, овде се наметнува уште едно просто прашање: Зарем работодавачите се толку глупави за да плаќаат некој кој не знае ништо зашто купил „безвредна“ диплома? А сега последното прашање: Што ако е државата таа која ги вработува студентите со „безвредни“ дипломи? Токму ова е најдобриот начин за решавање на проблемот со „неквалитетните“ факултети и со „безвредните“ дипломи: штом некој студент не може да најде работа со својата диплома, тој нема да сака да се запише на тој факултет, дури и да му платите пари.
На пазарот има место за секакви производи (квалитетни и неквалитетни), а слободниот и разумен купувач самостојно одлучува кој производ ќе го купи. Ова се однесува и на образованието: Зарем мислите дека сите американски универзитети се квалитетни? Оттука не може Владата да кажува кој универзитет е квалитетен, особено не за приватните универзитети, зашто со тоа ја повредува слободата на поединецот да избере на кој универзитет ќе се запише. А поединецот има неповредливо право да одлучува за своите лични работи!