Општество
Јаневска: Нашите ученици се последни на меѓународните тестирања
06.09.2024
Новата реформа што ја спроведуваат за основците е што е можно подолго учениците да бидат во училиштата и да стекнат знаење на различни начини, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска
– Реформата е наставниците да станат функционални во корист на знаењето, компетенциите, вештините. Ова е цела една стратегија, општо е познато дека ние во земјата имаме вишок на наставници а се повеќе деца, но нас ни требаат наставниците за да го подигнат квалитетот на знаењето. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања и домашните тестирања покажуваат дека нашите ученици доцнат многу во однос на нивните врсници во Европа – вели Јаневска.
Она што во моментов се случува е дека по закон, наставниците треба да остануваат шест часа во училиштата, но тие ќе остануваат и подолго оти тоа е суштината на нашата реформа, изјави денеска Весна Јаневска.
Според неа, реформата е што е можно подолго учениците да бидат во училиштата за да стекнуваат што повеќе знаење.
Министерката истакнува дека учениците треба интерактивно да го совладаат материјалот, ако имаат домашна задача во вид на истражување или проект, да го завршат тоа, да имаат многу спорт, информатика, претприемништво и се што е потребно за да реално да влезат во животот, но и да научат решавање на проблеми и препознавање на булинг и прифаќање на различности.
Групацијата НЕЛТ и УНИЦЕФ денеска потпишаа Договор за соработка за унапредување на стручното образование, којшто на учениците од средните стручни училишта ќе им овозможи практична настава за зелени вештини. Како што беше посочено на настанот, ваквата иницијатива ќе обезбеди можности за практична настава и практикантство во јавни и приватни претпријатија ширум земјава за над 500 ученици од стручното образование.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Меџити, вели прифаќањето на модерните практики, како и подготовката на програмите коишто ќе им овозможат на децата да се соочат со климатските промени се од битно значење.
Извор/фото МИА