Општество
ПО ПРИМЕРОТ ВО ГРЦИЈА МИЦКОСКИ НАЈАВУВА ЕСЕНСКА И ПРЕДНОВОГОДИШНА КОШНИЧКА ЗА ГРАЃАНИТЕ!
11.09.2024
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат, но како што најави, ќе има и пролетна кошничка. Во однос на Законот за нефер трговски практики, пак, напомена дека Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување.
Одговорајќи на новинарски прашања по работилницата за проширување на позитивната листа лекови, Мицкоски истакна дека полека, но сигурно цените се стабилизираа, а добар резултат е и стапката на инфлација која во август изнесуваше 2,2 отсто.
- Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна, итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните. Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година што претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро. Значи, полека, но сигурно цените се стабилизираа и сакам да кажам дека во периодот што следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните, потенцира премиерот.
Во август годинава, пред почетокот на училишната година, од Министерството за развој на Грција ја почнаа акцијата „Училишната кошница“, која ќе биде достапна до учениците и нивните родители до 15 октомври, во која ќе влезат производи што секоја продавница ќе одлучи да ги вклучи во понудата со плафонирани цени на училишниот прибор. „Училишната кошница“ е во рамките на иницијативите на грчката Влада во одредени периоди од годината, како што се Божиќ, Нова година, Велигден итн. да воведува сезонски продукти со цени кои треба да останат исти или да има минимални покачувања.
Во Грција за Велигден беше воведена „Посна кошница“ за Нова година и Божиќ, во „Божиќната кошница“ беа воведени производи поврзани со божиќната трпеза, додека пак во супермаркетите постои „Кошничката за домаќинствата“ со над 50 производи по пристапни цени.
Извор МИА
фото freepic