Општество

Убавиот збор: УМЕТНОСТА НА ПИШУВАЊЕТО

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Литературната имагинација отсекогаш сум ја замислувала како долго патување со воз низ светот на фантазијата. Локомотивата е мислата на писателот, неговата инспирација, која се движи и ги влече зад себе зборовите како вагони, носејќи ги во безброј различни правци. Горивото кое го овозможува тоа движење е кретивната моќ. Така некако уметничкиот чин на создавање на секое литературно дело станува едно необично патување каде што авторот пасивно седејќи се движи низ просторот, но истовремено тој е и главната движечка сила на целиот процес.
Ако се обидеме оваа идеја да ја претставиме сликовито, пред очите ќе ни се укаже еден осамен патник кој чека на перонот на непозната станица. Патникот можеби сосема случајно се нашол таму, во некоја точка од времето низ која минуваат пруги − имагинарни линии кои ги исцртале неговите мисли, кои ќе го однесат во безброј можни правци. Без колебање, тој се качува во возот кој влегува во станицата и неговото патување започнува.
Да си замислиме дека патникот во џебот носи билет за сите железнички линии и пасош кој ги минува сите граници. Може да патува бескрајно долго и неверојатно далеку. Воопшто не знае каде се упатил, но за чудо, тоа не го ни интересира. Крајната станица е небитна, важно е самото патување.
Возот го носи кон некоја, нему непозната, цел. Некогаш го движи љубопитноста, другпат чувствата, сеќавањата или таинственоста. Можеби само се обидува да открие што е она што се наоѓа на крајот на секое човечко патување. Се препуштил на локомотивата која топоти и влече напред. Удобно потпрен на седиштето, го набљудува животот кој како на филмска лента минува пред неговите очи, исечкан во кадри со правоаголните рамки на прозорците од купето.
Патникот не размислува за минатото, за иднината, ниту за конечното одредиште. Тој е невидлив спектатор, замислувач и смислувач на судбини и на настани. Во умот гради слики од попатните фрагменти и мигови, од средби, визии и прикази. Приемник е во чиј мисловен внатрешен простор се собираат, се умножуваат и се судираат сите впечатоци, како атомите под притисок втурнати во хаотично движење, од што ќе произлезе патеписот на новообликуваната мисла.
Долги се патувањата на тој осамен патник. Изминува сам илјадници мисловни километри кои оставаат проблесоци како светлосни траектории, поврзани во јазли, во кои се спојуваат и се раздвојуваат сите негови искуства, чувства и идеи. Повремено слегува од возот за накратко да се измеша во метежот на некоја попатна станица. Невидлив се движи низ толпата други патници. Околу него животот врие и превира. Разделби и дочеци, лица насмеани, лица уплакани. Лица кои постојано се обидуваат да избегаат од самите себе или други кои секогаш итаат кон нови почетоци. Лица на луѓе кои постојано патуваат по една иста орбита, како ништо да не може да ги допре ниту да ги задржи. Повратници од долгите животни патувања, кои се враќаат на своите корени. Тие се влечат како сенки низ самракот, рамнодушни и мрзливи како Месечината, исчезнувајќи му од погледот. Патникот знае, секој од нив во куферот ја носи својата неповторлива, единствена приказна. Своето патешествие и крст.
Патувањето може да започне ненадејно и да заврши каде било и кога било. Патникот може да слезе од возот, да се качи на некој друг и да отиде во поинакво непознато. Да најде нова локомотива, нови вагони. Тој постојано комбинира, преседнува, ги вкрстува линиите. Се поведува по шармот на моментот, по шепотот на интуицијата. По слика или боја, миризба или сон. Следи траги. Навестувања. Знаци. Следи луѓе со приказни и луѓе кои ќе станат приказни. Никогаш не знае на која приказна ѝ е на трагата, а која ќе ја раскаже на крајот од патувањето. Мислата му лета низ вагоните од зборови. Ги собира и ги реди, ги прередува и ги разубавува за најпосле да успее да го искаже она неискажливото што го понел во себе од патувањето.
Од исток патот ненадејно скршнува под прав агол кон југ, а од таму врти полукружно во правец на север. Локомотивата татни и на дожд и на ветер, на сонце, на мраз и на снежна белина. Од планинските сртови се спушта на цветните ливади, па го следи брегот на океанот. Патникот се движи низ предели кои самиот ги создава за потоа да ги открива. И сето тоа додека навидум неподвижен седи во возот на имагинацијата со кој патува низ големата, творечка прамисла. Мислата која некогаш била вибрација од која сè започнало. Мисла која е мајка, татко и Бог на светот во кој, со нови мисли, тој обликува нови светови.
Најпосле возот запира. Патувањето е завршено. Патникот повторно стои сам на перонот. Но, само за кратко. Веќе некој нов воз, кој се појавува од нигде никаде, влегува во станицата. И тој започнува ново патување, нова авантура.
Писател, тоа е човекот на перонот. Патник кој поставува прашања и трага по одговори, патувајќи со имагинарни возови по вкрстените линии на внатрешните и на надворешните светови. Приказните чекаат тој да ги пронајде и да ги оживее. Да патува со нив и во нив. Во секоја приказна писателот е и креатор и протагонист. Алфа и омега е на тој измислен свет кој се наоѓа некаде изгубен во просторот на универзумот. Којзнае, можеби баш во тој друг свет некој штотуку пишува приказна за него, движејќи го по невидливите линии кои ги спојуваат оддалечените точки на просторот и на времето.
Во фантазијата сè е можно. Па сепак, тоа е одговорна работа. Со секој нов звук, нов изговорен збор, се раѓа еден нов, поинаков свет. Раскажувањето секогаш ја обновува магијата на неговото повторно создавање.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано