Lifestyle
„ПОРТАТА НА БЕЛГИЈА КОН ЕВРОПА“ Е ГЛАВНА СТАНИЦА И НА КРИМИНАЛОТ! покрај засиленото полициско присуство во „Брисел Миди“ криминалот е надвор од контрола
14.09.2024
Престрелките, нападите и кражбите се карактеристични за главната железничка станица во белгискиот главен град „Брисел Миди“, а никој не презема мерки за решавање на овие проблеми, се жалат вработените во објектот кој важи за „Порта на Белгија кон Европа“.
Тие велат дека и покрај засиленото полициско присуство во „Брисел Миди“ криминалот е надвор од контрола, а престрелките и тепачките предизвикуваат страв кај патниците и вработените на железничката станица и во другите објекти во комплексот.
Само оваа година околу станицата имаше неколку крвави инциденти. Во април, едно лице беше избодено на метро станицата во објектот, во јуни беа убиени две лица при престрелка во блиско кафуле, а во август едно лице беше рането во престрелка во близина на еден од влезовите во комплексот. Дополнително, тука е раширена и продажбата на дрога, кражбите во продавниците и физичките пресметки меѓу криминалните банди.
Според податоците на полицијата, во периодот помеѓу 2018 и 2022 година на „Брисел Миди“ годишно во просек биле регистрирани по околу 3.500 кривини дела, како кражби, ограбувања и шверц на дрога, што е колку вкупниот број на кривични дела на станиците во 13 фламански градови заедно.
- Ова е најлошото место каде што некогаш сум работел. Сум бил низ цела Европа и ова е најлошата станица, вели за бриселскиот портал „Политико“ вработен во слаткарница на „Брисел Миди“, кој додава дека бил очевидец на се - од тепачки со ножеви до „многу, многу кражби“.
Станицата „Брисел Миди“ се наоѓа на тромеѓето меѓу административните територии на Градот Брисел и на општините Сен Жил и Андерлехт, па за справување со проблемите е потребна координација меѓу трите локални администрации.
Според градоначалникот на Брисел, Филип Клоз, ситуацијата на станицата е драматична, а најголем проблем е што ниту една од институциите не презема одговорност, правдајќи се дека тоа не е во нивна надлежност.
Тој ја обвинува Федералната влада на Белгија за неактивност и за незаинтересираност за инвестирање пари во Брисел.
- Понекогаш е поефикасно да се најдат пари за помош на Антверпен, отколку Брисел, изјави Клоз.
Тој посочува дека во рамки на Акцискиот план на Федералното министерство за внатрешни работи, усвоен минатата година,е превидено отворање на полициска станица на „Брисел Миди“, но тоа се уште не сторено.
Според портпаролот на белгиската железница СНЦБ, Том Гијом, полициската станица во објектот на „Брисел Миди“ ќе биде отворена „наскоро“, но точниот датум кога ќе се случи тоа „се уште не се знае“.
- Отворањето на станицата ќе ја зголеми видливоста на полициските сили, смета Гијом, кој оценува дека ситуацијата на „Брисел Миди“ е „комплексна“.
Со Акцискиот план, меѓу останато се предвидува подобрување на осветлувањето во и околу објектот, како и обезбедување на слободен Ви-Фи интернет во целиот простор.
Извор/фото МИА