Во последните десет години Финска го намали бројот на смртните случаи на патиштата за 29 отсто, додека просечното намалување во Европската Унија изнесува 16 отсто. Успехот на Финска се должи на повеќе фактори: намалување на дозволената брзина во повеќе урбани места и поставување на автоматски камери за контрола на брзината на 3.000 километри на главните патишта.
Безбедноста во сообраќајот во Финска е подобрена и со изградба на соодветна инфраструктура за пешаците и за велосипедистите, како и на нови 400 километри автопатишта.
За овие постигнувања Финска доби награда за подобрување на перформансите за безбедност на патиштата за 2024 година.
Сегашната стратегија на Финска за безбедноста во сообраќајот е водена од пристапот Vision Zero или Safe System, кој ги зема во предвид човечките грешки, а прв пат е применет во Шведска пред 30 години. Целта на овој модел е да се елиминираат сите несреќи со смртен исход преку обезбедување на повеќеслојна заштита.
Покрај намалување на брзината на движење на возилата и инфраструктурни подобрувања се применуваат и програми за подобрување на возачките вештинии и на сообраќајната култура на граѓаните, посебно на учениците. Стапката за носење на заштитни шлемови е меѓу 99 и 100 отсто! Полицијата спроведува постојани тестови на алкохол и дрога кај учесниците во сообраќајот. Вградување на алко-брави е задолжително кај сите училишни автобуси и таксисти во Финска, но и во возилата на лицата кои се казнети за возење во пијана состојба.
Според извештајот на Европскиот совет за безбедност во сообраќајот (ЕТСЦ), лани на европските патишта имало 20.418 смртни случаи. Ова е намалување од 1 отсто во споредба со 2022 година, објави „Форбс.рс“.
фото freepic