Општество

ОХРИДСКО ЕЗЕРО СЕ УШТЕ МОЖЕ ДА ГО СПАСИМЕ, ЗА ПРЕСПАНСКО Е ПОТЕШКО! примената на науката и промената на свеста кај луѓето се клучни за заштитата на двете езера порачаа од Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа

Заштитата на Охридското и на Преспанското Езеро е долгорочен процес и тоа треба да биде заедничка грижа за сите граѓани и институции во Македонија. Борбата на зачувувањето на водите на нашите две езера треба да се води првенствено со примена на науката и знаењето на домашните и странските експерти од сите области, но и со промена на свеста на граѓаните за зачувување на уникатното природно богатство со кое располага Македонија, а тоа се слатководните езера. Ова се главните пораки од вчерашната консулативно-основачката седница на Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа, на која свои обраќања имаа претседателот на Фондацијата Венци Ќурчиски,  деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, директорката на Хидробиолошкиот завод - Охрид Орхидеја Тасевска.

Претседателот на Фондацијата, Ќурчиски, посочи дека  Преспа е загадена со многу пестициди кои влегуваат во Охрид, преку водата со која се храни Охридското Езеро која доаѓа од Преспа.

–  Езерото во Охрид се уште може да го спасиме, за преспанското е потешко. Ова е проект на сите нас и тоа претставува долгорочна борба, која мора да ја почнеме сега за да можеме да им ги предадеме езерата на нашите млади генерации, така како што ни ги оставија нашите родители. Поразителен е фактот дека за една генерација езерата ни умираат , а посебно Преспанското Езеро.   Охрид пак, зад себе си има свои проблеми, бидејќи колекторскиот систем е врзан само на дел од населените места, оди од Пештани до Охрид и потоа до Струга, меѓутоа имаме доста градски и приградски и селски населби кои не се врзани. Колекторскиот систем е застарен и е направен во осумдесетите години, сега имаме три пати повеќе население. Втор чекор е да го возобновиме Хидробиолошкиот завод, рече Ќурчиски.

Директорката на Хидробиолошкиот институт, Тасевска, вели дека основна појдовна точка се резултатите од Институтот и секој нареден чекор којшто ќе биде преземен се базира на тие резултати.

– Се надевам дека нашите научни резултати ќе бидат база за сето она што ќе следи понатака, за изнаоѓање на соодветни решенија за помош на регионот и секако стоиме на располагање за резултати добиени на научно-истражувачки проекти. Резултатите на Хидробиолошкиот институт служат како основа за развој на сите стратешки документи на државата и без релевантни податоци ние не можеме да одиме чекор напред, вели Тасевска, која укажа и на повеќе проблеми со кои се соочува Институтот во Охрид, кој по деведесетгодишно опсојување се соочува со недоволни финансиска средства и намелен стручен персонал, со што се оневозможува и подобра заштита и мониторинг на слатководните езера во Македонија.  

Деканот на Градежниот факултет, Марковски нагласи дека водата е најскапиот ресурс.

- Богатството кое ние го имаме со Преспанското и Охридското Езеро е реткост на ваква мала територија, меѓутоа очигледно тоа не знаеме да го цениме. Оттаму е идејата за формирање на ваквото Здружение и оттаму е интересот и желбата на Градежниот факултет да ги стави на располагање сите свои ресурси и целото свое знаење кое го поседува за да помогне во овие процеси на заштита и постапно подобрување на состојбата со двете езера, посочи Марковски.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано