Општество
Локалната демократија е огледало на потребите на граѓаните
Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
Илмиасан Даути, програмски анaлитичар, УНДП
Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП
Локалната демократија, како единица која го има најдиректниот контакт со граѓаните, ги слуша нивните потреби и според нив обезбедува соодветни услуги, подразбира и квалитетен систем на отчетност, на транспарентност и на одговорност на институциите на локалната власт спрема заедницата.
Со проекти за промовирање на важноста и втемелување на локалната демократија на одржливи и на трајни основи, УНДП има цел да го подобри работењето, испораката на услуги кон жителите на општините и да поттикне одржлив развој на ниво на заедницата. За таа цел, веќе 8 години, со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и на Министерството за локална самоуправа, УНДП ја спроведува програмата „Зајакнување на општинските совети“ во која се вклучени вкупно 54 општини. Како дел од неа, развиена е и спроведена е Програмата за развој на капацитети во која учествувале 840 членови на советите на општините, општинската администрација и градоначалниците од кои 41 процент се жени. Со наша помош, зајакнати се нивните капацитети и подобрени се квалитетот и ефикасноста на услугите за потребите на локалната заедница.
Демонстрацијата на непосредната демократија се одвива преку форумите во заедницата како ефикасна алатка за вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки за нивниот секојдневен живот и потреби на општинско ниво. Во периодот 2018 – 2024 год. реализирани се 55 проекти во 44 општини со вкупна вредност од над три милиони американски долари. Во овој временски период, во рамките на 44 форумски процеси, се организирани 209 средби со учество на 13 600 граѓани од кои 50 проценти се жени. Инклузивноста е една од клучните определби на УНДП и во сите проекти и процеси на одлучување никој не е изоставен. Овој проект ги поддржува иновативните алатки за транспарентност и за отчетност преку дигитализирање на процесите и на услугите. Направивме, на пример, финансиска е-контролна табла на која редовно се објавуваат податоците за финансиското работење во 56 општини. Во 32 општини е инсталирана модерна опрема за пренесување во живо на седниците на советите на општините со што жителите, граѓаните можат директно да следат како избраните претставници на локално ниво ги застапуваат нивните интереси. Чекор понатаму, за севкупна дигитализација на деловните процеси и на услугите во општините, ја развивме платформата Логес преку која се испорачуваат над 25 е-услуги во 23 општини. Во соработка со Министерството за локална самоуправа, со Министерството за дигитална трансформација, со Амбасадата на Швајцарија, со Министерството за финансии на Словачка и со други партнери, до крајот на 2026 година во Логес-платформата ќе се вклучат сите 80 општини и Градот Скопје.
За постигнатите резултати, програмата Зајакнување на општинските совети доби повеќе признанија, а особено би сакал да го истакнам освоеното трето место во 2021 година на ниво на европскиот континент во рамките на Отвореното владино партнерство за зајакнување на транспарентноста и на отчетноста на локално ниво.
Работиме и на борба со дезинформации – дигиталната платформа jasno.mk има цел да придонесе во процесот на кревање на свеста и зајакнување на капацитетите на локалните заедници кои на овој начин се поподготвени да препознаат дезинформации и да се борат со оваа појава, посебно во делот на оние кои се родово базирани.