Општество

Во УНДП посветуваме многу внимание и ресурси за дигитализацијата

Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП

Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во Северна Македонија



Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП



УНДП со децении работи на унапредување на локалната демократија. Кои се главните аспекти на кои давате поддршка во овој процес?

А. Григорјан: УНДП ја поддржува локалната власт во остварувањето на Целите за одржлив развој кои се клучни за реализација на Агендата 2030, во обид да ја преточиме визијата во реалност. Единиците на локалната самоуправа и институциите кои работат на локално ниво се првите кои најдиректно ги слушаат приоритетите и потребите на заедницата. Затоа за нас е приоритет да дадеме поддршка на локално ниво.
Во однос на специфични активности, би започнал со стратешките аспекти. Тука е Националната развојна стратегија која го дефинира патот на Република Северна Македонија во следните 20 години. Една од главните области за кои Стратегијата дава насоки е „Управа водена од граѓаните“, каде што низ конкретни аспекти е дефинирано како граѓаните имаат влијание врз одлуките кои директно ги засегаат. Впрочем, и самата Стратегија е изработена со најголема вклученост досега и во консултативниот процес на дефинирање на приоритетите учествуваа над 15 000 граѓани. Истиот случај го имаме и со Националната стратегија за млади каде што учеството на младите во процесите на донесување одлуки и креирањето инклузивни политики е ставено во самата суштина на Стратегијата, а младинските совети се предвидени како механизам кој ќе го овозможи тоа.
Од поконкретните активности кои ги имаме многу, УНДП спроведува и Регионална програма за локален развој во Западен Балкан (ReLoAd II), поддржана од Европската Унија, преку која локалната власт формира транспарентни механизми за финансирање на граѓанските организации. Со неа досега над 7 000 граѓани имаат директна корист од 50 проекти фокусирани на човековите права, на социјалната инклузија, на невработеноста на жените и на младите, на руралниот развој и на заштитата на животната средина.

Овогодинешната тема на Меѓународниот ден на демократијата е „Вештачката интелигенција како алатка за добро управување“. Кој е очекуваниот развој на локално ниво, според вас, поврзан со оваа тема и со дигитализацијата?

А. Григорјан: Дигитализацијата е неизбежна како што е и вештачката интелигенција, но наше е да направиме овие два процеса да му помогнат на општеството, а не обратно. Мора да направиме сè што е во наша моќ овие две алатки да бидат оптимизирани во позитивна насока. Како што изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, при одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата, пораката е јасна: „Вештачката интелигенција мора да му служи на човештвото правично и на безбеден начин.“
Во УНДП посветуваме многу внимание и ресурси за дигитализацијата, на пример преку е-услугите Логес присутни особено на локално ниво. Имаме одличен пример во општината Свети Николе каде што преку зајакнување на фискалната автономија и капацитетите за мобилизирање приходи на општината (фискална децентрализација), како и со пилотирање на дигиталната алатка за администрирање и за наплата на данокот на имот, мобилизацијата на локалните приходи се зголеми за 250 проценти.
Со Општина Центар ја креиравме алатката „Мој буџет“ на веб-страницата на општината преку која граѓаните можат да направат преглед на приходите и на расходите во нацрт-буџетот на општината и партиципативно да учествуваат во креирање на буџетот за наредната година. Комплетната алатка за локален економски развој со веб-платформа која дејствува како онлајн агроберза за земјоделците, но и за туристичите капацитети на градот беше развиена во Општина Струмица. А воспоставената меѓуопштинска соработка во 10 општини преку апликација за пријавување на проблем се справува со намалување на ризикот од катастрофи.
Од друга страна, дигитализацијата носи и закани. Па затоа се бориме со предизвиците во дигиталната сфера, како оние поврзани со сексуалното и со родово базирано насилство при што имаме и мултисекторска соработка. Работиме на оваа тема заедно со Министерството за внатрешни работи за борба против дигиталното насилство, а со Здружението на новинари имаме направено и веб-платформа за справување со дезинформации на локално ниво и креирање квалитетни содржини (www.jasno.mk). Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП и ќе продолжиме да работиме на дигитализација и на е-услуги на национално ниво, со граѓанските организации и со младите, што ќе вклучува и дигитални аспекти.

Владата, но и странските донатори најавуваат интензивна посветеност и проекти на локално ниво. Како вие им помагате на општините за развој на планови и за имплементација на овие средства?

А.Григорјан: Реформската агенда на Владата, како основа на Развојниот план кој има цел да го забрза патот кон Европската Унија, служи како камен-темелник на нашите активности. Веруваме дека во соработка со Владата и со општините, УНДП придонесе локалната власт да е подготвена за поголеми проекти и за поголема вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Но, тоа е процес што не престанува. Со Владата имаме одлична соработка и подготвени сме да помогнеме во повеќе аспекти во партнерство со националните и со локалните институции како, на пример, при подготовка на плановите, на проектите, во областите во кои имаме изградено силно портфолио, како на пример справување со ризици од катастрофи, изработка на планови за отпорни заедници и инфраструктура, поддршка на општините и на локалното население во земјоделските области во справување со климатските промени и спроведување подобри земјоделски практики, како што спомнав погоре, дигитализација со цел подобрување на општинските услуги на граѓаните, зачувување на животната средина и многу други можности.

ПРЕПОРАЧАНО