Општество
Граѓаните се наши партнери, заеднички ги развиваме демократијата и системот на функционирање на општините
Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
Златко Перински, министер за локална самоуправа
Дигитализацијата е високо на агендата на УНДП
Локалната демократија ја прави сржта на демократијата во едно општество. Кои активности ги презема Министерството за локална самоуправа за унапредување на локалната демократија?
З. Перински: Развојот на локалната самоуправа не е можен без соработка со граѓаните. Тие се нашите партнери, со нив ја развиваме локалната демократија, а со тоа и демократското општество. Со поддршка на УНДП и на Швајцарската агенција за развој и соработка реализираме повеќе проекти со кои им даваме можност на граѓаните непосредно да учествуваат во процесот на носење одлуки во општините во кои живеат. Една од алатките преку која граѓаните се директно инволвирани во креирање на политиките на локално ниво се форумите на заедници кои овозможуваат учество на сите засегнати страни и на граѓаните во развивањето на проектите и во давањето препораки за избор на приоритетни активности од страна на општините. Како резултат на одржаните форуми, најголем број од општините моделот на консултација со граѓаните го вградија и во своите статути со што се овозможуваат поефикасни, поотчетни и потранспарентни општини, што е една и од стратешките цели на Министерството во своето дејствување.
Во оваа насока ваша определба е лично да комуницирате со граѓаните, да ги слушнете нивните предлози, идеи, но и проблеми. Каков е одзивот на граѓаните и какви се очекувањата за процесот понатаму?
З. Перински: Во контекст на демократијата често се вели дека „врската меѓу човековите права и демократијата е длабока и оди во две насоки: секој е, на некој начин, зависен од другиот и не е комплетен без него“. Во таа насока е и мојата заложба лично да им помогнам на оние граѓани кои се соочуваат со одреден проблем. На моја иницијатива, кусо време откако ја презедов министерската функција, дадов можност преку spodeli@mls.gov.mk граѓаните да ми пишуваат со молба за помош, а отворен сум и за конструктивни предлози за поефикасно функционирање на системот на единиците на локалната самоуправа. Секојдневно добивам по неколку пораки и благодарен сум на досегашната укажана доверба, на искреноста и на транспарентноста на сите кои ми пишуваат. Дел од проблемите кои се во доменот на моите ингеренции ги решаваме, а за останатите посредувам кај институциите кои се надлежни за нив. Сметам дека не постои нерешлива ситуација или нерешлив проблем. Меѓусебната директна комуникација е важна и таа во значителна мера е клучот за излез од сите предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
Имавте јавен повик на општините за финансирање на инфраструктурни проекти. Задоволни ли сте од апликациите и дали може да се каже дека повикот е оправдан и во интерес на граѓаните, а не е политички маркетинг?
З. Перински: Да, повикот заврши, проекти доставија 80 општини, поднесени се вкупно 358 апликации, што значи дека секоја општина аплицирала со повеќе проекти. Ова укажува дека Владата направи точна проценка во својата програма, ги детектираше реалните потреби на локалните власти за подобра иднина на граѓаните. На народот му е преку глава од политички декор и политички циркус. Убеден сум дека наскоро сите граѓани ќе се уверат дека овој проект не е никаков политички маркетинг, ова е мерка која ја реализираме во интерес на сите граѓани, на сите општини. Не постои никаква селективност, ниту одредени општини и региони имаат приоритет.
Дигитализацијата се наметнува како важна алатка. Некои алатки, со помош на УНДП, како Логес, е-таблата за транспарентност и други се веќе присутни во општините. Каков е резултатот досега и каква е вашата визија за дигитализацијата понатаму?
З. Перински: Пред неколку дена ја посетив Општина Карбинци која е една од општините која веќе извесен период ја користи Логес-платформата за е-услуги на локално ниво, како и е-таблата за транспарентност на општинските финансии преку која граѓаните во реално време имаат увид во податоците за задолжување, за ликвидност и за трошоците на општината. Благодарение на овие алатки, општината бележи зголемување на процентот на активна транспарентност од 34,8 %. Тренд на покачување на транспарентноста како резултат на дигитализацијата на дел од услугите е регистриран и кај другите општини кои ги користат овие алатки.
Дигитализацијата е приоритет на оваа Влада и од тие причини е формирано и новото Министерство за дигитална трансформација кое има мандат да ги координира сите активности за дигитална трансформација и на централно и на локално ниво.
Долги години се зборува за т.н. паметни градови. Какви се плановите за развој на овој концепт?
З. Перински: Иднината на секоја метропола, на секој град или на секоја општина е во концептот на т.н. „паметен град“, односно развој со помош на алатки и со методологии базирани на технологија. Конкретно за користење на овој концепт кај нас, наскоро со партнерство на УНДП, ќе направиме анализа за неговата функционалност, која ќе треба да даде и одговор засебно за соодветните потреби на „паметен град“ во урбана и во рурална средина.
Во меѓувреме, од позитивни практики од регионот и пошироко, од градовите кои го применуваат овој концепт, може да видиме дека таквиот начин на функционирање го олеснува животот на граѓаните, го подобрува и го зајакнува системот на функционирање на општините.